Македонија
Нестабилното време со пороен дожд и грмежи ќе се задржи до петок

Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално ќе биде во форма на невреме со пообилен дожд за кратко време (над 25 литри на квадратен метар), силен ветер и изолирана појава на град.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 17, а максималната ќе достигне од 21 до 27 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи, особено попладне кога во делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме со засилен ветер и појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне 24 степени.
Под влијание на циклонска активност до крајот на седмицава ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со пороен дожд и грмежи, а на повеќе места ќе наврне поголема количина на воден талог (над 25 литри на квадратен метар за 24 часа).
Според прогнозата на УХМР, до петок локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со интензивен пороен дожд, електрични празнења, силен ветер (над 60 километри на час) и изолирана појава на град.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски ќе се сретне со Орбан во Будимпешта

Премиерот Христијан Мицкоски в петок ќе присуствува на CPAC конференција во Будимпешта, Република Унгарија, соопшти владината прес-служба.
Мицкоски во рамки на посетата ќе се сретне со унгарскиот премиер, Виктор Орбан.
Македонија
Сојузниците од НАТО треба да трошат по 5 отсто од БДП за одбраната, му рекол Рубио на Муцунски

Државниот секретар на САД, Марко Рубио на средбата со шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, нагласил дека е неопходно сојузниците во НАТО да дадат поддршка и да постигнат 5 отсто издвојување за одбраната, соопшти Стејт Департментот во соопштение по средбата.
Двајцата ја потврдиле силната врска меѓу Соединетите Американски Држави и Северна Македонија и ги истакнале заедничките интереси во однос на регионалната стабилност, економската соработка и НАТО.
Тие разговарале и за можностите за проширување на економската соработка, вклучувајќи ја трговијата и инвестициите.
Муцунски по средбата соопшти дека е потврдено стратешкото партнерство со САД, а нашата држава продолжува да дава активен придонес како кредибилен сојузник, со инвестиции повеќе од 2 отсто од БДП во одбранбениот сектор.
Македонија
Не се глупирајте, му порача Арсовска на Изет Меџити

Кажете колку пари земавте за нелегалните објекти и не се глупирајте, му порача градоначалничката Данела Арсовска на вицепремиерот, Изет Меџити, кој претходно денес и’ најави кривична пријава.
Меџити ја нарече Арсовска инструмент за остварување на планот на ДУИ за дестабилизација преку општините, на што градоначалничката реагираше преку Фејсбук статус попладнево.
„Изет изјавил дека ќе сум ја дестабилизирала државата. Изет, единствена дестабилизација од мене ќе добиете ти и твојот измеќар Висар што ти ги потпишувал незаконските дивоградби за кои луѓе ви платиле милиони евра, а сте ги лажеле дека ќе можат да ги легализираат. Не се глупирајте, ви ја знаеме играта, ви ги знаеме лагите, знаеме кога се обидувате да манипулирате со јавноста и да ја дефокусирате. Како тоа секогаш кога некој ќе ви чепне во криминалот тоа е „обид за дестабилизација“? Каква е таа матрица на ВМРО-ДПМНЕ и измеќарите од ВЛЕН? Секогаш кога се во тесно, кога флагрантно се фатени со „рачињата во медот“, тоа било обид за дестабилизација. Каква дестабилизација? Што ќе се дестабилизира? Ќе ви кажам јас што. Единствено нешто што ќе се дестабилизира од откривањето на криминалот со дивоградбите во Чаир е вашата комоција и прилив на нелегални пари. Тоа ќе биде дестабилизирано. Кажете колку пари земавте за нелегалните објекти, не се глупирајте“, напиша Арсовска.
Меџити претходно ѝ порача на Арсовска да се занимава со своите надлежности и најави и пријава против неа за, како што рече, лажни тврдења во врска со објектот во Чаир пред кој се сликала и го објавила. Меџити овој случај го квалификува како „последен обид и план на Ахмети за дестабилизација преку општините“.