Македонија
Неформален состанок на министрите за животна средина на ЕУ во Букурешт
Министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку, присуствува на неформалниот состанок на министрите за животна средина на ЕУ, кој денес и утре се одржува во Букурешт, Романија, во рамките на романското претседателство со Советот на Европската Унија.
Темите на кои министрите за животна средина од земјите членки на ЕУ, земјите членки на ЕФТА и земјите кандидати за пристапување во ЕУ ќе дискутираат се поделени во три сесии.
Првата сесија е посветена на климатските промени, при што фокусот е на иновативните решенија и улогата на граѓаните кон иднина со ниска употреба на јаглерод преку максимално искористување на можностите поврзани со начинот на живеење, циркуларноста и просторното планирање. Посебно е потенцирана потребата од препознавање и зајакнување на граѓанскиот активизам поради неговата улога во инволвирањето на граѓаните во долгорочниот процес на декарбонизација на државата.
Втората сесија се фокусира на резултатите од глобалната процена на услугите за биолошка разновидност и екосистеми со импликациите за ЕУ-рамката и глобалната рамка за биодиверзитет по 2020 година што ја направи Меѓувладината научна платформа за биолошка разновидност и екосистемски услуги (IPBES).
Управувањето со водите и контрола на загадувањето со пластика и микропластика на теченијата на реките до морињата е третата тема на која министерите за животна средина ќе разменат мислења. На денешната средба во рамките на работниот ручек ќе се дискутира и за стратешки прашања и искуства во процесот кон приспособување на патот кон ЕУ. Домаќини и копредседавачи на состанокот се заменикот на премиерот и министер за животна средина, Грацијала Леокадија Гаврилеску, и министерот за води и шуми, Јоан Денеш.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Предлог-законот за пушењето не е удар по угостителството, туку заштита на здравото работно место, велат од Министерството за здравство
Предлог-законот за заштита од пушењето, подготвен од Министерството за здравство, предвидува забрана за пушење во затворени јавни и работни простории, во согласност со европските стандарди и препораките на Светската здравствена организација. Со ова се воспоставува јасно и универзално правило кое ги штити сите граѓани, без исклучоци и без сиви зони, велат од Министерството за здравство.
Според јавноздравствените стандарди, пушењето е личен избор, но заедничкиот затворен простор не смее да биде место каде тој избор се претвора во ризик за здравјето на другите.
„Законот не уредува дали некој ќе пуши, туку јасно определува каде тоа не смее да се практикува, со цел заштита на здравјето на сите присутни. Квалитетот на воздухот во затворени простории е директно поврзан со здравствените исходи. Чистиот воздух значи помалку иритации на дишните патишта, помалку астматични напади и намален ризик од развој на хронични заболувања.
Предлог-законот ја третира изложеноста на тутунски чад како прашање на безбедност и здравје при работа, а не како прашање на животен стил. Во угостителските објекти, токму персоналот е најдолго и најинтензивно изложен на чад од цигари и други тутунски и никотински производи, поради што државата има јасна обврска да го заштити правото на вработените на здрава и безбедна работна средина.
„Искуствата од европските земји кои веќе воведоа вакви законски решенија, како Ирска и Велика Британија и многу други, покажуваат дека овие мерки не претставуваат удар по угостителството и неговите приходи, туку транзиција кон поуреден, поквалитетен и попредвидлив амбиент во угостителските објекти“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Тој додава дека ваквите мерки овозможуваат поголема посетеност од семејства, туристи и граѓани кои преферираат чист воздух, што на долг рок претставува директен бенефит и за самите угостителски објекти.
Македонија
Променливо облачно време со слаби локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините врнежи од слаб снег. По одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со појава на магла. Во делови од котлината ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 5 степени.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.

