Македонија
„Неќам тава, сакам права“ порачаа жените на маршот по повод 8-ми Март
Со повици „неќам тава, сакам права“, „неќам цвеќе, сакам плата“, и со транспаренти на кои беше испишано незадоволството од положбата на жената во македонското општество, околу двесета жени, граѓански активистки организираа протестен марш од плоштадот „Карпошово востание“, до паркот „Жена борец“ за Денот на жената 8-ми Март.
„Да им дадеме до знаење дека со марширање и со кревање на гласот може да се дојде до некои основни права. Впрочем прават на жената не се некои ексклузивни права. Тие се основни човекови права коишто се ратификувани со сите меѓународни конвенции и тука не е ништо посебно што бараме. Едноставно да ја нема таа дискриминација, по која било основа, верска, по пол или по етничка или по некоја попреченост“, рече Љуљета Адеми, граѓанска активистка учесничка на протестот.
Таа појасни дека маршот го почнале од плоштадот каде од многубројните споменици е поставен споменик на жена, но жена мајка, шт таа го толкува како дискриминација затоа што таа жена е жена што треба да раѓа, жена – мајка.
Изрази надеж дека протестот ќе биде мал придонес за општо добро на општеството и еден ден се надева дека и општеството ќе ни врати.
Според организаторите, Платформата за родова еднаквост во која членуваат 22 организации од Македонија, тоа е начин, на Денот на жената 8-ми Март, да покажат дека ова не е ден на понежниот пол и дека ова не е ден за давање цвеќиња, или работа во некоја визба, со лоши работнички права, со лоши совциоекономски услови и воопшто со лоша политичка застапеност, туку е ден за обележување на борбата до сега реализирана од „нашите прасестри и прамајки ја спроведоа до сега и е ден за протест за дополнително унапредување на позицијата на жената во нашето општество“.
Порачаа дека Македонија е далеку од состојба во која жената е во рамноправна позиција во општеството, а тоа е покажано во сите меѓународни извештаи и во нашите национални извештати, тоа е покажано во извештаите на граѓанските здруженија.
„Жената не е еднаква на работното место, жената не е еднаква во домот, жената нема еднаков пристап до здравствена заштита, нема еднаков пристап до образование како останатото членови на ова општество. Затоа денеска ние сме собрани да го означиме овој ден, но и да започниме многу поактивна борба во остварувањата на нашите права“’, порачаа од Платформата за родова еднаквост во која членуваат 22 организации од Македонија.
Прочитаа и проглас на македонски и на албански јазик во кој се вели „Ние жените што стоиме овде, помалку збунети, со гласови што треперат и сме однапред прогласени за виновни. Ние што пуштаме вени стоејќи на каси по маркети, што копаме ниви, цепиме дрва и ги негуваме болните стари… Ние се собравме тука да ви кажеме дека не одиме никаде дека стоиме цврсто и исправено и веќе не прифаќаме да бидеме замолчувани во интерес на други цели и ставени во втор план. Нашата желба е за еднаквост, правда, достоинствена плата и должно почитување, за мир солидарност и просперитет. Ќе бидеме гласни и исправени додека не ги исправиме своите права“, се вели во прогласот.
На протестот дојдоа и амбасадорите на Велика Британија Чарлс Гарет и на Холандија, Ваутер Пломп, пратеникот поддржан од СДСМ Павле Богоевски и други./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.

