Македонија
„Не манипулирајте, погледнете го примерот со Албанија!“, реагираат вработените во секторот игри на среќа по иницијативата за референдум
Реакција на Здружението на вработени во сектор игри на среќа „Сакам да работам“ за иницијативата на Антикоцкање од Тетово за локален референдум.
„Здружението на вработени во секторот игри на среќа „САКАМ ДА РАБОТАМ“ одамна изразува сомневања за вистинската улога на неформалното Движење „Антикоцкање“ од Тетово. Секоја нивна иницијатива е деструктивна и има за цел да предизвика штети по државниот Буџет. Во услови на финансиска неизвесност и економска криза од цените на струјата и енергенсите низ цела Европа, додека многу домашни компании се борат за гол опстанок ова наводно движење тера кампања за отпуштање на речиси 10 илјади вработени и уништување на цела економска гранка која на годишно ниво обезбедува 280 милиони евра приходи во државниот Буџет.
Крајно време е господата кои во името на „Антикоцкање“ конечно да кажат чии интереси штитат и што е нивната крајна цел? Дали одработуваат за нечиј план и сценарио за нелегално заработка од игри на среќа кои би се организирале на црно, без никаков приход за државата? Дали вистинската цел на референдумот е да се затвори легален бизнис за да некој печали од диви играчници кои ќе работат на црно? Се повторува ли нов „Детонатор“, познатиот скандал од 2011, кога полицијата заплени околу 1 500 диво поставени покер апарати во нелегални коцкарници?
Наместо да сеат магла и да манипулираат со етничките и верски чувства на граѓаните, сите противници на игрите на среќа во Северна Македонија нека објаснат зошто после четири години од забраната, Албанската Влада се пишмани и повторно дозволи да се организираат игри на среќа. Клучниот аргумент на Албанскиот Премиер е дека после забраната, игрите на среќа продолжиле да се одвиваат на црно и дека повторното легализирање на оваа дејност ќе и помогне на албанската економија во време на енергетска и економска криза.
„САКАМ ДА РАБОТАМ“ нема да дозволи некој да си поигрува со судбината на 10 илјади семејства заради политички, лични и бизнис интереси. Подготвени да си го браниме нашето уставно право на работен однос со масовни протести пред сите надлежни институции. Ние не сме и нема да бидеме нечија монета за поткусурување!“, се наведува во реакцијата на здружението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

