Македонија
(Видео) Не снимајте ме, им рече Аџиев на новинарите по распитот во СЈО
По час и половина распит во специјалното јавно обвинителство излезе експретседателот на Комисијата за лустрација, Томе Аџиев.
Тој на своето излегување од зградата на СЈО на новинарите им рече да не го снимаат, а на новинарско прашање дали му нарачувале лустрација кратко одговори „не, не…“.
Засега нема информација во кое својство беше повикан на распит експретседателот на Комисијата за лустрација, Томе Аџиев.
СЈО во 2017 година отвори истрага наречена „Моќник“ за пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски за незаконска продажба на објект во Македонски Брод на неговиот татко. Истрагата се води против 13 лица, поради сомневање дека му нанеле штета на државниот буџет од околу 50 000 евра. Истрагата на СЈО за „Моќник“ во еден дел е за нарачаната лустрација кај тогашниот состав на Лустрациската комисија, предводена од Томе Аџиев, на кичевскиот судија Драган Билески. Комисијата ја поништи одлуката од 2010 година за судијата Билески и донесе нова одлука дека тој бил кодош.
Прислушуваните разговори што се водат помеѓу Томе Аџиев, претседател на Лустрациска, и пратеникот Антонио Милошоски откриваат договор за лустрирање на Драган Билески, судија од Основниот суд во Кичево. Постапката ја иницирал Антонио Милошоски, кој го известил Аџиев дека ќе најдат некое лице, како трето лице заинтересирано, што ќе поднесе барање, а Аџиев ветува дека ќе го средат судијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

