Македонија
Не сум основал медицински факултет во Струга, туку тригодишни студиски програми за медицински сестри, вели Шаќири
Од одредени политички субјекти сум прозван дека сум основал Факултет за здравствени науки при Меѓународниот универзитет во Струга. Некои пак споменуваат Факултет за медицински науки, а тоа се два различни поими. Нема да навлегувам во причините за ваквите објави, дали се тенденциозни или од незнаење, но оваа информација категорично ја демантирам, вели министерот за образование и наука во заминување Јетон Шаќири.
„Би сакал да појаснам дека министер не може да основа високообразовна установа. Тоа е цела постапка во која се инволвирани повеќе надлежни институции и органи, а меѓу нив и Министерството за образование и наука кое во суштина, има најмалку надлежности“, вели Шаќири преку соопштение до јавноста.
Тој вели декa како и за повеќе други факултети, така и за овој – Факултет за здравствени науки каде ќе има тригодишни студиски програми за медицински сестри, а не студии за доктори.
„По доставениот извештај од страна на комисијата во МОН, потпишав Решение за исполнетост на условите за почеток со работа на високообразовната установа. Ништо противзаконски и ништо самоволно“, вели министерот за образование.
Дополнува дека основањето на една високообразовна установа, во случајов факултет во состав на веќе постоечки универзитет започнува со иницијатива на самиот универзитет, која прво треба да добие позитивно мислење, односно согласност од Владата. Потоа, Одборот за акредитација при Агенцијата за квалитет на високото образование го акредитира проектот доставен од универзитетот. Понатаму, следи носење на акти за основање и работа на факултетот од страна на матична комисија при универзитетот и дури потоа, по завршување на овие фази, врз основа на мислење на комисија за увид во исполнетост на условите за работа, во рамки на МОН, министерот за образование и наука носи одлука за исполнетост на условите и дозвола за почеток со работа. Во меѓувреме, Одборот за акредитација спроведува постапка за акредитирање на студиските програми, до чие завршување факултетот не може да запишува студенти. Оваа постапка е во тек, посочува Шаќири.
Неговото соопштение доаѓа по информациите дека на Меѓународниот универзитет во Струга, зад кој стои струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, ќе се студираат и медицински науки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

