Македонија
Николовски – Варнс: во фокусот резултатите на Царинската управа
Царинската управа има значајна улога во спроведување на реформската агенда до полноправно членство во ЕУ, при што за кратко време веќе се видливи резултатите кои се извонредни. Ова е заедничкиот заклучок од денешната средба на заменик-шефот на Мисијата во Амбасадата на САД во Скопје, Никол Варнс и директорот на Царинска управа, Бобан Николовски заедно со тимовите.
„Извонредните резултати што ги постигнавте за кратко време се значително сведоштво за исклучителната работа на Царинската управа. Вие имате значајна улога во одржување на безбедноста и подобрување на економската состојба како значаен аспект во привлекување странски директни инвестиции.
Следните 18 месеци ќе бидат клучни во спроведување на реформската агенда до полноправното членство во ЕУ, каде Царинската управа има значајна улога, но и ќе биде под голем притисок за испорачување на резултати во делот на економијата, безбедноста, но истовремено и во борбата со корупцијата. Веќе се гледа вашиот метод на тимски резултати и зголемена соработка на национално и меѓународно ниво при што целосно ја имате нашата поддршка во исполнување на стратешките цели“, рече заменик-шефот на Мисијата во Амбасадата на САД во Скопје, Никол Варнс.
Директорот Бобан Николовски изрази благодарност до Соединетите Американски Држави за континуираната поддршка изразувајќи задоволство од укажаната чест за втора официјална посета на амбасадата на САД за кратко време, како потврда за одличната соработка.
На средбата двете страни говореа за трговската размена, како и за Николовски – Никол Варнсво делот на сузбивање на криминалот и корупцијата, прибирање на приходи во Буџетот и инвестициите и мерките што ги реализира управата со цел забрзана интеграција во единствениот пазар на ЕУ.
„На оперативно ниво ги зајакнавме контролите што ни овозможи вистинска и реална наплата на приходи, како и значителен напредок во делот на сузбивање на организираниот криминал. Од почетокот на годинава заклучно април Царинската управа наплати приходи во износ од 41,2 милијарди денари што е за 4,1 процент или 1,6 милијарди денари повеќе од истиот период минатата година. Во овој период остварени се 173 случаи на заплени или за 84 проценти повеќе од истиот период минатата година кога биле остварени 94 случаи на заплени. Откривме сериозни криминални мрежи, при што до Основното јавно обвинителство и до Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги заклучно со април поднесе 72 кривични пријави против 39 правни и 138 физички лица“, истакна директорот Николовски и потенцира дека Царинската управа веќе е препознаена како институција која испорачува тимски резултати и дека на овој начин ќе се работи и во иднина, сè со цел испорака на уште подобри резултати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Времето денеска променливо облачно со сончеви периоди, од утре затоплување
Денеска времето во земјава ќе биде променливо облачно, со повремени сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец, кој долж Повардарието повремено ќе биде засилен.
Утринските температури ќе се движат од минус еден до шест степени, а дневните ќе достигнат меѓу четири и 12 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви интервали и умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до четири степени, додека максималната ќе достигне до десет степени.
Од утре се најавува стабилизација на времето и постепен пораст на дневните температури.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.

