Македонија
Николовски: Владата и студентите се на иста страна
Вицепремиерот за борба против корупција и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, одржа работен состанок со директорот на Државниот студентски дом – Скопје, Виктор Велевски, и претседателката на УСС-УКИМ, Ева Цветковска.
На состанокот вицепремиерот Николовски го презентирал планот за борба против корупцијата, со посебен акцент на мерките и активностите наменети за високообразовните институции и студентските домови, како и задолженијата што произлегуваат и се однесуваат на јавните институции.
„Планот за борба против корупцијата е од отворен тип и ги повикувам сите млади, студентите и претставниците на студентските домови активно да се вклучат во креирање мерки и политики за спречување и сузбивање на корупцијата во областите за кои тие се засегнати, односно во универзитетите, студентските домови, целокупниот процес на студирање, постапките за сместување на студентските домови и трошењето на јавните финасии“, посочи Николовски.
Директорот на Државниот студентски дом – Скопје, Виктор Велевски, ја образложи актуелната состојба во домовите што се под негова надлежност. Директорот го потенцира намалувањето на долговите на домовите, кои биле наталожени во годините наназад како еден од неговите најголеми приоритети. Преку ангажирање економски оператори воспоставени се нови стандарди и постигнато е значително подобрување на квалитетот на исхраната. Забележан е и инфраструктурен прогрес, завршени реновирања и реновирања во тек. Активно се работи на уредување на дворовите на домовите, како и изградба на 4 игралишта во соработка со Агенцијата за млади и спорт. Велевски наведе дека и студентските домови, како и други структури во општеството, подлежат на корупција, која е забележано најзастапена во тендерските постапки.
„Потребно е намалување на учеството на човечкиот фактор при склучување и реализација на договорите за јавни набавки. Во делот сместување на студентите во студентските домови, оваа постапка е целосно модернизирана, електронска, при што се намалени ризиците од коруптивно однесување“, рече Велевски.
Претседателката на УСС-УКИМ, Ева Цветковска, истакна дека клучните проблеми при борба со корупцијата ги детектираат во недоволната доверба на студентите во институциите кога се работи за пријавување коруптивни дејства и незапознаеноста со постапките и процедурите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Јакимовски: Ако победев на изборите немаше да броиме 100 дена, туку завршени проекти
Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, објави видео на Фејсбук во кое вели дека доколку победел на локалните избори, немало да брои 100 дена, туку завршени проекти.
„Ако победев на локалните избори, денес немаше да броиме 100 дена. Ќе броевме завршени проекти. Градинката „Мајски Цвет“ во Тафталиџе 1 веќе ќе беше вселена. „Пролет“ кај Канела ќе беше во завршна фаза – а децата на 1 мај ќе влегуваа во нов простор, не во ветувања. Спортската сала во ООУ „Димов Хаџи Димов“? На 8 март ќе сечевме лента. Улиците Петар Чаулев, Козле 3, Софиска, Џумајска, Јуриј Гагарин, Загребска, Атинска, Бранислав Нушиќ, Трифун Бузев – ќе беа завршени. Канализациите во Бардовци и на Ловќенска ќе беа решени. Потпорниот ѕид на Загребска ќе беше безбеден, а не тема за оправдувања. Проектите за катни гаражи во Карпош 1 и Карпош 2 ќе беа готови, со распишани тендери“, вели Јакимовски.
Додава дека не е прашањето во деновите, туку прашањето е во посветеноста.
„Кој знае – прави. Кој не знае – брои. А денот се познава по утрото. Како што почнаа овие 100 дена – така ќе изгледаат и следните 1.000“, вели Јакимовски.
Македонија
Стојаноски за платите на функционерите: се намалуваат за над 10.000 денари, законското решение е согласно Устав
„Поднесовме предлог на измена на шест закони, со овој пакет на закони се опфаќаат Законот за пратениците, Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, Законот за платите на јавните обвинители, Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, Законот за платите на судиите, Законот за платите на членовите на судскиот Совет, со коешто се воспоставуваат реални висини на плати“, истакна Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница во Собранието.
Стојаноски објасни дека со овие предложени решенија се врши интервенција во коефициентите и дека ова законско решение е во согласност со Устав и не може да биде обжалено пред Уставниот суд.
„Со овие предложени решенија се врши интервенција во коефициентите, со што се обезбедува национално користење на средствата од Буџетот на Република Македонија. Ова законско решение е во согласност со Уставот, и е единствено законско решение коешто може да влезе во уставната рамка и потоа да не биде обжалено на Уставниот суд“, рече Стојаноски и додаде:
„Со овие измени одредени позиции се намалуваат коишто се во следниов правец. За пратениците и функционерите во извршната власт ги намалуваме коефициентите со што директно го кратиме буџетскиот товар, за судиите и јавните обвинители предвидуваме усогласување на коефициентите со цел нивните плати да бидат во корелација со реалните економски можности на државата, додека за градоначалниците предлагаме нова скала на коефициенти, зависно од бројот на жители во општините. Доколку овие измени денеска бидат усвоени во Собранието, платите ќе се нивелираат со што значи на сите овие функционери коишто се под овие шест закони, платата ќе се намали од 10 до 13.000 денари“.
Македонија
Бесплатен логопед за децата од Општина Аеродром
Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска потпиша меморандум за соработка со здружението „МЕГАЛОГОМЕД ГЛАС – Скопје“, со што се овозможува индивидуални логопедски и дефектолошки третмани за деца со развојни потешкотии и деца со попреченост.
Со ова, децата од Аеродром добиваат бесплатен пристап до стручна логопедска поддршка, рано препознавање на развојните предизвици и навремена интервенција — важен чекор за нивниот правилен развој, сигурност и самодоверба.
Услугата ќе биде бесплатна за лицата што ќе добијат соодветна препорака од Центарот за социјална работа на Град Скопје, а корисници ќе можат да бидат лица со валидна документација согласно со Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ).
„Обезбедуваме и поддршка за родителите преку советување и насоки, со цел секое семејство полесно да стигне до потребната стручна помош без дополнителни финансиски оптоварувања“, вели Митевски.
фото/Depositphotos

