Македонија
Николовски во Брисел: Заложбите за борба против корупцијата се препознаени
Заложбите за борба против корупцијата се препознаени, Северна Македонија во 2022 година ќе може да аплицира за најновата заедничка програма на Европската Унија за борба против измами. Ова го истакна заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, Љупчо Николовски, кој во Белгија одржа состанок со директорот на канцеларијата на Европската комисија за борба против измама (OLAF), Вили Итала.
Ова е прв официјален состанок на вицепремиерот Николовски и директорот Итала, на кој Николовски ја презентира улогата на кабинетот, пред сѐ, во процесот на координација и заедничко дејствување на институциите во борбата против корупцијата, како и тековните и идни мерки за сузбивање на корупцијата.
Воедно беше посочено значењето на соработката со ОЛАФ како единствен и главен орган на ЕУ, кој е овластен да открива, истражува, застанува на патот на измамите поврзани со фондовите на ЕУ, да ги истражува корупцијата и прекршувањето на законите од страна на персоналот на ЕУ и членовите на институциите на ЕУ. Вицепремиерот Николовски посочи дека активната борба против организираниот криминал и корупцијата останува фундаментална во сузбивањето на криминалната инфилтрација на политичките, правните и на економските системи.
„За нас, како земја кандидат за членство во ЕУ, од особена важност се поддршката и соработката со сите органи на Европската Унија, особено со ОЛАФ, со цел ефикасно исполнување на препораките во делот на политиките и мерките за борба против корупцијата и организираниот криминал. Водејќи се од основните вредности на ЕУ, кои вклучуваат владеење на правото и почитување на човековите права, како Влада остануваме силно посветени на трасираниот пат за искоренување на корупцијата и криминалот, во што од огромно значење се препораките и искуствата што ги добиваме од Европската Унија и органите во нејзин состав“, рече вицепремиерот Николовски на средбата со директорот на ОЛАФ.
Генерaлниот директор на ОЛАФ, Итала, го запозна вицепремиерот Николовски со новите регулативи на ОЛАФ за Европското јавно обвинителство (ЕППО), како и за заедничката програма на Европската Унија за борба против измами. Посочи дека ОЛАФ максимално ја цени и поддржува заложбата на државата, особено на вицепремиерот во борбата против корупцијата со сите системски и превентивни мерки. На средбата се потенцира дека соработката ќе продолжи и ќе се зајакне.
Директорот на ОЛАФ, Итала, порача дека Северна Македонија во 2022 година ќе може да аплицира и да биде дел од најновата заедничка програма на Европската Унија за борба против измами (2021-2027), која за овој период има буџет од речиси 181 милион евра. Целта на оваа програма е заштита на финансиските интереси на Европската Унија преку поддршка на акциите за борба против нерегуларностите, измамите и корупцијата што влијаат врз буџетот на ЕУ, поддршка на меѓусебна помош помеѓу административните органи во земјите членки на ЕУ и обезбедување правилна примена на законот за царински и земјоделски прашања преку поддршка на соработката помеѓу административните органи во земјите членки на ЕУ и Европската комисија.
Програмата обезбедува финансирање, особено за опрема за техничка и оперативна истрага, специјализирани активности за обука и истражување, за поддршка на заштитата на финансиските интереси на ЕУ. Финансирањето е обезбедено во форма на грантови и набавки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кривични пријави за 10 возачи поради возење без возачка дозвола
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишиле од слобода 10 возачи, од кои пет лица за возење под дејство на алкохол, на територија на Куманово, Кривогаштани, Битола и двајца во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Исто така, четири лица се санкционирани затоа што управувале возило без возачка дозвола, на територија на тетовско, Гостивар, Гевгелија и Кавадарци. Еден возач е лишен од слобода поради возење со забрана за управување возило од Б категорија, и тоа во Скопје. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, посочува МВР.
Апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.
Македонија
Бегај пречекан со високи почести во Гостивар, Валбон Лимани му го додели „Клучот на градот“
На свечена церемонија со високи почести, градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, вчера оствари официјална средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.
Во просториите на Општина Гостивар, во присуство на пратеници од регионот, општински советници, претставници на верските заедници и истакнати личности од градот, градоначалникот Лимани му го врачи на претседателот Бегај „Клучот на градот“ – највисокото признание што го доделува Општина Гостивар на личности со посебен придонес и значење.
Во своето поздравно обраќање, градоначалникот Лимани ја оцени посетата како момент со посебна политичка и емоционална тежина за градот, истакнувајќи ја симболиката што ја носи присуството на Претседателот на Албанија во град претежно населен со Албанци.
„Посебна чест е што на почетокот на мојот мандат како градоначалник на Општина Гостивар, да му кажам во ваше и во мое лично име: Добредојдовте во Гостивар, Претседателе на Република Албанија. Вашето доаѓање има посебна симболика за нас“, изјави Лимани.
Тој ја оцени улогата на претседателот Бегај во достоинственото претставување на Албанија и на Албанците ширум светот, особено во време на предизвици и значајни геополитички случувања, нагласувајќи дека неговото лидерство внесува смиреност, сигурност и национална гордост.
Во образложението за доделувањето на признанието се наведува: „На Претседателот на Република Албанија, г. Бајрам Бегај, за достоинственото и мудро застапување на сите Албанци и пошироко, низ целиот свет.“
Врачувајќи го симболичниот клуч на градот, градоначалникот Лимани истакна дека со овој чин за претседателот Бегај отворени се сите врати во Гостивар, оценувајќи го овој момент како еден од најзначајните настани во неговиот мандат.
Посетата на претседателот Бегај во Гостивар беше оценета како потврда за силните врски меѓу Албанците и важен чекор кон продлабочување на соработката и националното единство.
Македонија
Филипче за Груби: Сè е договорено
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, посочи дека случајот со враќањето на Артан Груби и одлуката за куќен притвор се јасен показател дека постои политички договор и директно влијание врз судството и обвинителството од страна на власта.
„Еве ги прашањата за Артан Груби. Ние ги поставуваме од моментот кога дојде. Еве и сега ги поставувам. Како е можно на тој начин да се врати бегалец од правдата, да го пречекаат камери, да го пречека специјална полиција и да оди во домашен притвор? Сте слушнале ли одговор од ВМРО-ДПМНЕ? Не. Ниту ќе слушнете. Поради тоа што има договор. Тоа е вистината. На кое прашање до премиерот вие сте слушнале конкретен одговор? Сè е дефокус и сè е бегање од темата. На прашањето коешто јас го поставив – кој е Душан Адамовиќ, новопоставениот конзул на Македонија во Србија – премиерот не одговори. Избегна да одговори затоа што одговорот не му одговара. Секогаш е дефокус – Харис Џиновиќ, Дубаи, плажа. Тоа одговара премиерот. Недоличен речник и начин на коментирање на човек што ја води Владата и државата.“ рече Филипче.
Тој потенцираше дека ваквиот развој на настаните не може да се случи без политичка координација и контрола врз институциите.
„Такви политички договори во коишто судството и обвинителството се послушници никому не носат добро. Уште премиерот фалеше дека ќе го пречека Артан Груби на граница“, нагласи Филипче.
Додаде дека наместо институциите да функционираат независно и согласно законите, јавноста сведочи на координирани чекори – од медиумското покривање на враќањето, до експресното определување куќен притвор.

