Македонија
Николовски: Дали една од цените за влезот во Владата на Алијансата е убавата куќа која му е поклонета на Таравари?
Пратеникот Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ прашува дали Арбен Таравари е уценет за да Алијанса за Албанците да влезе во Владата. Од собраниската говорница, Николовски потенцираше дека Таравари купил куќа во Тафталиџе за 500 евра квадрат, а посочи и дека немало трансакција ниту на 150.000 евра по кои куќата била продадена. Според него, ова е цената за новата коалиција СДСМ-Алијанса за Албанците.
„Чесно е денес пред јавноста да се одговори и за личните интереси поврзани со криминалот и корупцијата. Овој Арбен Таравари кој го гледам изминатиов период не го познавам. Па затоа јавно прашувам, дали се работи за уцена и од кој вид е уцената? Дали природата на уцената е една убава куќа во еден елитен дел на Скопје во Тафталиџе, која што Арбен Таравари ја доби на поклон? Зошто велам на поклон, бидејќи пријавил дека куќа од 261 квадрат купил за 150 илјади евра. Добро прашање е како во центарот на Скопје се купува по 500 евра квадрат, каде не влегува дворот и помошните простории и добро прашање дали тие 150 илјади евра се воопшто платени. Дали една од цените за влезот во Владата е убавата куќа која му е поклонета на Таравари?“, рече Николовски.
Пратеникот праша: „Како граѓаните купуваат куќа по 2000-3000 евра квадрат во овој дел на Скопје, а двајцата функционери ја купуваат од 200 до 500 евра по квадрат, под услов и тие пари да се платени?“.
„Алијансата за Албанците реши да влезе во Владата и да го продолжи животот на можеби најслабата Влада која Македонија некогаш ја видела и Влада која не може да се пофали со ниту еден сериозен успех. Ако не знаете како изгледа политичка корупција и проституција, еве ја сега. Затоа што во Македонија, изборите губат смисла. Која е поентата да има избори, ако сите сакаат да влезат во Влада. Која е понетата Алијансата за Албанците да излезе да се бори со ДУИ, ако сакаат и едните и другите да бидат во Владата..“, посочи Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Цената на дизелот се намалува
Цената на дизелот се намалува за два денари, одлучи Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ)
Од 20.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 71,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 73,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,00 денари за литар.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 20.12.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, соопшти РКЕ.
Македонија
За побрз пристап до услугите, промовирани е-киоск и е-сандаче; Андоновски вели дека дигиталната трансформација мора да биде достапна за сите
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, се обрати на конференцијата за промоција на националната ИКТ-стратегија СМАРТ/МК 2030 нагласувајќи дека дигиталната трансформација се реализира преку конкретни, мерливи решенија, што директно го подобруваат секојдневието на граѓаните.
„Дигиталната трансформација мора да биде достапна за сите, без разлика на дигиталните вештини или пристапот до лична опрема“, истакна Андоновски.
Денеска беа промовирани терминалите за услуги (е-киоск) како практично решение за дигитална инклузија и побрз пристап до услуги. Планот е терминалите да бидат поставени на фреквентни локации во државата и да бидат достапни 24/7, со јасно воден процес и визуелни инструкции, приспособени и за граѓани со пониско ниво на дигитални вештини.
Преку е-киоск граѓаните ќе може да се идентификуваат со лична карта или пасош, да изберат услуга, да извршат плаќање и да го добијат документот веднаш – испечатен на самиот терминал. Терминалите се особено значајни за руралните средини, повозрасните лица, граѓаните без постојан интернет-пристап и за општините со ограничени административни капацитети.
Министерот истакна дека е-сандачето претставува официјален, безбеден и правно валиден канал за комуникација меѓу институциите и граѓаните – централизирано место за прием на службени документи, решенија, известувања и други акти со доказ за прием.
„Важно е да се нагласи: е-сандачето не е обична електронска пошта“, потенцира министерот Андоновски.
Системот овозможува нотификации во реално време, побрза достава без чекање, следење статуси на предмети и поефикасна административна комуникација.
Во завршниот дел министерот нагласи дека со досегашната дигитализација на услуги, документ – менаџмент-систем во голем број институции, интероперабилност, како и со е-сандачето и терминалите за услуги државата води конкретна и мерлива имплементација на дигиталната трансформација, со цел ефикасна, достапна и европска дигитална држава.
Македонија
(Видео) Кузеска: Измените на Законот за странците нов доказ за вистината
Овие денови ДПМНЕ-ЗНАМ изгласаа неуставна Резолуција само да ја замолчат опозицијата. Немаат како да се борат со вистината, за една голема тема, мигранти за пари. Па сакаат да воведат цензура против слободата на говорот. Но вистината не може да се сокрие, вистината секогаш излегува и секогаш победува, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа вели дека денеска објавува нов доказ за вистината на Резолуцијата.
„Денеска ќе објавиме нов доказ. Па граѓаните сами нека заклучат кој ја говори вистината, дали и што е договорено. ДПМНЕ-ЗНАМ во септември оваа година изгласала измени на Законот за странци. Што е клучно во овие измени? Олеснување на постапките за добивање на дозвола за привремен престој на странец по основ на вработување и, внимавајте, особено за оне кои работат на стратешки проекти и доколку има стратешки партер. Клучни се членовите кои се изменети, Член 83, Член 85, Член 86 и член 90. Во член 83 се воведуваваат неколку „исклучоци“ со кои полесно ќе се добива дозвола за странец односно економски работници кои работат на стратешки проекти и со стратешки партнер. Став 1. Цитирам: По исклучок, привремен престој заради работа ќе се одобри и на странец кој работи на стратешки проекти утврдени со посебен закон, независно од искористеноста на квотата и моменталните потреби на пазарот на труд во Република Северна Македонија, односно без издавање на мислење од страна на Агенцијата. Став 3: „За странец кој работи на стратешки проекти утврдени со посебен закон, се издава потврда дека правниот субјект е со статус на стратешки партнер каде работи странецот. Потврдата дека правниот субјект е со статус на стратешки партнер каде работи странецот, ја издава Министерството за економија и труд.“, рече Кузеска.
Таа вели дека е јасно на кого се однесува тоа стратешки проекти и стратешки партнер.
„Член 85, став 5: „Од одребите исклучок привремен престој заради вработување се одобрува со приложување само на Договор за работа и образложение за потребата на работното место“. Дали ова значи ново олеснување кое ги остранува сите други докуметнти? Да. За кого? Сетаме дека на сите им е јасно. Во член 90 став 9 се воведува нов исклучок со кој се зголемива временскиот период а пресој во Македонија кој може да биде со децении. „По исклучок од одредбите на овој член, странец ангажиран во правен субјект со статус на стратешки партнер може да биде упатен на работа во Република Северна Македонија во периодот на имплементирање на проектот, но не подолго од една година, со можност за продолжување на привремениот престој.”. Дали ова значи дека периодот на имплментација на проектот може да биде десетици години? Да ако е за голем проект како желеница. Дали ова значи дека може и после тие години да се продолжува рокот? Да. Почитувани граѓани. За кого се овие измени? Мислам дека на сите ни е добро јасно. Затоа сакаат да ни забранат да го изговараме зборот“, рече Кузеска.

