Македонија
Николовски и Бесими: Преку реформи во финансиското управување и контрола до подобар систем и успешна борба против корупцијата
Преку реформи и зајакнување на законската рамка и механизмите за финансиско управување и финансиска контрола во јавниот сектор ќе се придонесе кон креирање подобар систем, кон реформи во јавната администрација и успешно спроведување на мерките за борба против корупцијата. Ова беше истакнато денеска на конференцијата на која учествуваа вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски и министерот за финансии Фатмир Бесими, на тема „Поддршка на развојот на сметководството и ревизијата и синергија“ (Supporting Accounting and Auditing Developments and Synergies), а во организација на Овластениот институт за јавни финансии и сметководство (Chartered Institute of Public Finance and Accountancy – CIPFA) од Велика Британија и CEF (Centre of Exellence in Finance) од Словенија.
Вицепремиерот Николовски истакна дека борбата против корупцијата и криминалот е и меѓу клучните на Владата и како резултат на тоа, за првпат, се подготви и усвои План за борба против корупцијата, кој содржи системски мерки за длабоки реформи во општеството.
„Северна Македонија застана цврсто и одлучно, преку своите институции да ги детектира слабостите и да се спротивстави на ова зло, преку бескомпромисно и неселективно дејствување. Дел од мерките што ги преземаме како Влада се во насока на конструирање на системски решенија, со коишто се превенира и спречува корупција, но и се обезбедува транспарентност во трошењето на јавните средства. Управувањето со јавните средства треба да биде во насока на исполнување на потребите на граѓаните и рационално трошење на буџетските средствата”, изјави вицепремиерот Николовски.
На конференцијата вицепремиерот Николовски ги презентираше дел од владиниот План за борба против корупција, во делот на јавните набавки, дигитализацијата на процесите, подготовката на предлог-закон за потекло на имот, подигнување на нивото на транспарентност.
Министерот за финансии Бесими посочи дека сега е вистинско време да се засили интензитетот на активностите за развој на финансиско управување и контрола во врска со буџетскиот циклус во сите негови фази: планирање, програмирање, подготовка на финансиски план, извршување, сметководство и известување. Сето ова е важно да се поддржи со воспоставен силен и независен процес на ревизија, кој ќе обезбеди повратна информација за извршените трошоци, како и резултатите од спроведените програми, односно активности и проекти.
„Со донесувањето на новиот Закон за буџети и новиот Закон за системот на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, кои се наоѓаат во собраниска процедура на донесување, очекуваме да се обезбеди потребната законска рамка за спроведување на реформските чекори во системот за управување со јавните финансии во Република Северна Македонија. Преку регулирање на целокупниот буџетски процес, односно постапката за подготовка и донесување на буџетот, извршување на буџетот, завршните сметки и системот за известување, планираме да придонесеме во развојот и на системот на внатрешни финансиски контроли кој не е изолирана активност, туку напротив, процес кој ќе придонесе и во спроведувањето на реформите во областа на јавната администрација и на мерките за борба против корупцијата“, рече Бесими.
Бесими најави и реформа во областа на буџетското сметководство, согласно која расходите ќе се евидентираат во моментот на настанување на деловниот настан во извештајниот период, а не во моментот на плаќање, а приходите и понатаму ќе се признаваат во моментот на наплатата. Овој концепт на евиденција ќе овозможи пореално и поажурно следење на неподмирените обврски кај буџетските корисници, а ова начело ќе се примени и во системот на државниот трезор преку имплементацијата на новиот Информациски систем за управување со финансиите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Четириесет дена откако почина Панчо од „ДНК“, колегите од македонската сцена со трогателни пораки
Четириесет дена по смртта на Владимир Блажев, познат на јавноста како Панчо од хип-хоп дуото „ДНК“, социјалните мрежи повторно се исполнети со неговото име. Колегите, пријателите и неговите најблиски денеска споделија спомени, фотографии и емотивни пораки, покажувајќи колку силна празнина остави неговото заминување.
Една од најемотивните објави дојде од пејачката Ана Костадиновска, која долги години беше дел од придружните вокали на ДНК. Таа на Инстаграм сподели неколку заеднички моменти со Панчо, придружени со кратка, но искрена порака што допре многумина: „40 дена. Недостасуваш… Многу!“.
Фотoгрaфиите покажуваат сцени од настапи, патувања и задкулисни моменти – сведоштво за една силна професионална и пријателска врска.
Своја приказна сподели и Елена Ристеска. Таа објави стара фотографија од нивната прва успешна соработка, кога во 2016 година заедно освоија три награди на Македонскиот радиски фестивал – МАРС.
Пејачката Теа Трајковска, која исто така имала свои проекти со ДНК, сподели фотографија со Панчо, со кратка порака дека спомените вечно ќе останат живи.
Панчо, кој трагично ги загуби битките со тешките повреди по пожарот во дискотеката „Пулс“, останува силно присутен меѓу неговите колеги. Тој почина по тешка борба во болница со повредите кои ги доби во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Македонија
700 наместо 200 луѓе на концертот на Аца Лукас , СДСМ бара истрага и одговорност
СДСМ реагира поради приведувањето на српскиот пејач Аца Лукас, потенцирајќи дека на концертот имало преку 700 посетители во локал кој по закон не смее да прими ниту 200 лица. Според партијата, ова покажува дека и полицијата на Тошковски и општината на Митко Јанчев биле запознати со настанот, знаеле дека нема безбедносни услови за негово одржување, но не презеле ништо, дозволувајќи концертот да се случи, кој бил прекинат дури во текот на настанот.
Од СДСМ поставуваат повеќе прашања до надлежните: зошто настанот воопшто бил дозволен и биле пуштени 700 луѓе во ризик, зошто организаторите и сопственикот на локалот не се повикани на одговорност, дали дискотеката ги запазила сите прописи, и дали МВР не повторува ризични практики како во Кочани.
Според информации, полицијата го прекинала настанот дури после полноќ, во 00:10 часот, откако локалот со часови бил преполн.
СДСМ бара итна истрага и санкционирање на сите кои дозволиле да се одржи настанот, од МВР до организацијата, со повик до министерот Тошковски да излезе со одговорност.
Македонија
Владата ги отфрла тврдењата на опозицијата за наводна нетранспарентност околу ИПАРД
Владата категорично ги отфрла тврдењата на опозицијата за наводна нетранспарентност околу скандалот со ИПАРД програмата.
-Апсолутно го отфрлам ова тврдење дека се крие нешто во однос на таа постапка. Знаете дека сме максимално транспарентни, изјави на денешната прес-конференција портпаролката Марија Митева, одговарајќи на новинарски прашања.
Таа дополни дека очекува Министерството за земјоделство и сите надлежни институции, вклучително и судските органи кои постапуваат надвор од извршната власт, да ги дадат своите информации за состојбите.
Портпартолката на СДСМ Богданка Кузеска денеска на прес-конференција обвини дека „две недели по скандалот за ИПАРД, наместо да даде одговор на клучните прашања, министерот Цветан Трипуновски бега од одговорност, од вистината за суспензијата на парите а бега и од одговори“.
Средствата од ИПАРД 3 програмата (2021–2027) во Македонија се привремено суспендирани поради проблеми и сомнежи околу работењето на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, што предизвика прекин на исплатите како превентивна мерка за заштита на европските фондови.

