Македонија
Николовски и Маричиќ на средба со членови на граѓанската иницијативата за „Стоп за криминал во судството“
Вицепремиерот Љупчо Николовски и Министерот за правда Бојан Маричиќ одржаа средба со членови на граѓанската иницијатива „Стоп за криминал во судството“ кои водат спор преку институциите заради претрпена штета, од како што велат, корумпиран судија од Апелацискиот суд во Штип. Членовите од иницијативата изјавија дека ваквите проблеми датираат од пред десет години.
„ Ги уверив дека мојата посветеност ќе биде максимална сѐ додека вистински не дојде резултат. Но, ние нема да запреме тука. Следната крупна задача која ја ставивме во нашата агенда е и прочистување на Јавното Обвинителство. Мораме да ставиме крај на корупцијата во секоја пора на општеството” изјави Николовски.
Министерот за правда Бојан Маричиќ на средбата истакна дека ваквата иницијатива од страна на приватниот сектор е само доказ дека заложбата за функционална правна држава и функционални правосудни институции е заедничка.
„ Големиот број на разрешени судии е доказ дека работите ги придвижуваме кон она што целиме: правна држава во која владее правото. Ваквите процеси на прочистување на правосудниот систем не се воопшто едноставни и лесни, но јасно е дека промени се случуваат” рече Маричиќ
,,Промените се резултат на спроведувањето на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, особено донесувањето на Законот за јавното обвинителство и измените на Законот за Советот на јавни обвинители и ред други закони. Реформите тука не застануваат, тука започнуваат – преку нивна имплементација на дело. Граѓаните мораат да почуствуваат дека промени има и дека корупцијата реално се намалува”- додаде Маричиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег.
Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.

