Македонија
„Николовски наместо да спречува корупција, ја креирал, на подарокот од Заев за отписот на 2.000 тони жито возвратил со контрауслуга“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Љупчо Николовски додека бил вицепремиер за борба против корупција, наместо да спречува тој креирал коруптивни шеми. Целокупното владеење на СДС и ДУИ беше обележано со криминал, а корупцијата навлезена во секоја пора од општественото делување. Николовски кој како вицепремиер за борба против корупција, имал задача да ја спречува тој дополнително ја создавал преку коруптивни шеми со кланот Заеви“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Додека Заев и Филипче потпишале отпис на 2000 тони жито, Николовски возвратил со контра услуга и грант од 1,4 милиони евра.
По отписот на 2000 тони жито од стоковите резерви на државата во вредност близу 800.000 евра, кој е подарок од Заев и Филипче кон Љупчо Николовски, Николовски возвратил на Заев со грант за „Мамас“ од Агенцијата за ИПАРД во вредност од 1,4 милиони евра.
Николовски издејствувал европски грант каде добитник е фирмата „Тргопродукт’’ на кланот Заеви, односно познатиот бренд „Мамас’’. А ова е втор најголем грант во историјата на ИПАРД програмата.
Колку вакви меѓусебни дилови направиле Заев, Филипче и Николовски и колку ја оштетиле државата и буџетот?
ЈО да отвори постапка и да ги истражи овие случаи.
Доказ дека СДС е приватна партија на кланот Заеви каде Филипче им ја чува фотелјата само за да им ги штити бизнис интересите, е последното разрешување на сите околу него и недозволувањето на демократски процеси и реформи на партијата“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.
Македонија
Случајот со смртните закани врз новинарот Александар Видиновски да се истера до крај, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз жестоко ги осудува примитивните напади и смртните закани врз новинарот Александар Видиновски на социјалните мрежи и ја поздравува одлуката на Јавното обвинителство да отвори предмет против сторителите на овие кривични дела.
„Во општество каде што слободата на медиумите е загарантирана со устав и закон, а новинарите имаат посебна улога при откривањето злоупотреби и креирањето јавно мислење за потребата од владеење на правото, недозволени се закани врз нивниот физички интегритет и загрозување на нивниот живот“, велат од Демократскиот сојуз.
„Новинарот Видиновски професионално си ги извршува своите новинарски задачи и со својата работа покажува дека не смее да има недопирливи луѓе или институции, домашни или странски, сеедно, за кои нема да важи законот во Македонија.
Демократски сојуз потсетува дека безбедноста на новинарите мора да биде еден од приоритетите на секое демократско општество кое ја негува слободата на говорот, истовремено ги охрабрува надлежните институции да го истераат до крај случајот со новинарот Видиновски и виновниците да ги изведат пред лицето на правдата“, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова се сретна со претседателот на ОАЕ: перспективите за продлабочување на билатералната соработка во фокусот на разговорот
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Претседателката се заблагодари за гостопримството и за можноста да учествува на престижниот самит, оценувајќи го како исклучително значајна платформа за справување со глобалните и регионалните предизвици и за водење значаен дијалог со истакнати лидери и партнери од целиот свет.
Во фокусот на разговорот беа перспективите за продлабочување на билатералната соработка и беше посочена потребата од унапредување на правната рамка, се наведува во соопштението од кабинетот на Претседателката.

Посебен акцент беше ставен на економските односи и можноста за забрзување на проектите од взаемен интерес, коишто се во подготвителна фаза.
Претседателката го поздрави воведувањето на безвизен режим меѓу двете држави, оценувајќи го како одлична можност за олеснување на севкупната комуникација меѓу двете општества.
Таа изрази уверување дека средбата, што се реализира во пресрет на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави, ќе даде силен импулс во севкупното натамошно унапредување на соработката меѓу двете земји.
Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните глобални прашања и важноста на напорите за разрешување на постоечките конфликти.
Во тој контекст, претседателката ја поздрави конструктивната и одговорна улога на Обединетите Арапски Емирати, којашто се базира на принципите на мир и толеранција. Претседателката го истакна интересот од македонска страна за продлабочена соработка преку заеднички иницијативи за меѓукултурен дијалог и промоција на општите цивилизациски вредности, се додава во соопштението.

