Македонија
Николовски на средба со инспекторите: Законот мора да важи за сите
Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, имаше работна средба со дел од инспекторите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
На средбата се разговараше за активностите на инспекторите од овој инспекторат во изминатите девет месеци, а повразани со контролите на терен што ги спроведуваат за почитување на здравствените протоколи и материјалните закони. Вицепремиерот Николовски посочи дека сите инспекциските служби се важен контролен механизам за правилно спроведување на секоја уредба, одлука, протокол и мерка, што се преземаат за спречување на ширење на коронавирусот.
„ Законот мора да важи за сите. Правилата, протоколите и мерките мора сите да ги почитуваме, а инспекторите се таа нераскинлива алка којашто обезбедува редот да владее секаде во општеството. Ги охрабрувам сите инспектори да постапуваат во делот на спроведување на протоколите, затоа што наша највисока цел во овие тешки моменти е да го заштитиме здравјето на сите граѓани. Затоа мора сите да се однесуваме одговорно, да ги почитуваме мерките и протоколите, да направиме се што е во наша можност, и на тој начин да се заблагодариме и на здравствените работници, и на инспекторите, на полицијата, на армијата и на сите служби коишто деноноќно се ангажирани за полесно да ја пребродиме оваа здравствена криза“, изјави вицепремиерот Николовски
Инспекторите од ДПИ го информираа вицепремиерот Николовски, за текот на контролите, состојбата со почитувањето на здравствените протоколи од страна на правните субјекти, кадровската екипираност на инспекторатот,проблемите со кои се соочуваат на терен при контролите. Од вицепремиерот добија уверување дека Владата веќе ја разгледува анализата од Инспекцискиот совет за зајакнување на кадровската екипираност на инспекторатите, и секаде кадешто има потреба, за следната година ќе бидат предвидени нови вработувања, со цел да се обезбеди непречено функционорање.
Инспекторите потенцираа дека по две недели од стапување на сила на измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, со кои се зголемија нивните надлежности, има намалување на бројот на затворени објекти, помалку кривични и прекршочни пријави. Вицепремиерот Николовски, порача дека сите инспекциски служби имаат целосна поддршка од Владата, и дека нема да има толеранција за прекршителите на здравствените протколи.
Инаку изминатите шест (08.11-13.11.2020) дена, Државниот пазарен инспекторат спроведе 92 надзори и 3.049 контроли во угостителски објекти, казина и обложувалници низ целата држава. При тоа, на лице место, привремено се затворени 4 објекта, и тоа два во Охрид, еден во Дебар и еден во Врапчиште, поради прекршување на здравствени протколи и на Законот за зштита на населението од заразни болести, односно за работа по 21 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Левица: Жителите на Струга 10 дена се оставени без чиста вода за пиење
Жителите на Струга 10 дена се оставени без чиста вода за пиење поради сериозната еколошка хаварија со изворот на вода за снабдување, велат од Левица.
„Иако институциите соопштија дека се преземаат мерки за лоцирање на причините, сеуште нема никакви официјални информации како загаденоста на водата во Струга достигна 30 пати над дозволеното.
До Левица пристигнаа информации дека над самиот извор се врши експлоатација на минерали од приватна компанија “Ми транс”. Дали активностите преземени при експлоатацијата довеле до екстремно загадување е прашање на коешто што побрзо треба да одговорат надлежните институции“.
Левица го повикува Државниот инспекторат за животна средина и надлежниот инспекторат во рамки на Министерството за енергетика итно да излезат на терен и да извршат вонреден инспекциски надзор. Надлежните институции, додаваат од таму, мора да дадат одговор дали несоодветна експлоатација на минерали во самите извори ја предизвикало оваа хаварија и дали е несоодветно издадена дозвола за експлоатација.
Според оваа партија, институциите и градоначалникот не смеат да го заташкаат случајот и мора точно да ја утврдат одговорноста поради која 50.000 граѓани се оставени без чиста вода за пиење.
Македонија
Белоглави мршојадци од Шпанија ќе бидат донесени во Македонија – нов проект на МЕД за зачувување на нивната популација
Во текот на следните шест години, Македонското еколошко друштво (МЕД) ќе спроведува нов меѓународен проект во рамки на програмата LIFE, чијашто цел е да се зголеми популацијата на белоглавиот мршојадец на македонска и грчка територија и со тоа да се придонесе кон зајакнување на целокупната популација на овој вид на Балканскиот Полуостров.

Кофинансиран од Европската Унија, овој партнерски проект, покрај МЕД, ги поврзува Грчкото орнитолошко друштво, Универзитетот на Крит – Музеј за природна историја, Агенцијата за природна средина и климатски промени од Грција и Фондот за дива флора и фауна од Бугарија, под водство и координација на швајцарската Фондација за заштита на мршојадци.
„Сè до средината на дваесеттиот век, белоглавиот мршојадец бил вообичаена глетка низ Балканот, но во последните децении од минатиот век, поради ловењето, труењето, недостигот на храна и струјните удари и судирите со надземната електрична инфраструктура, е доведен до работ на изумирање. Податоците добиени преку следење со ГПС-технологија покажуваат дека овие птици на Балканскиот Полуостров најчесто се задржуваат во седум клучни зони заради размножување и одмор при миграциите. Една од нив е Тиквешко-Демиркапискиот Регион, едно од ретките преостанати јадра за гнездење на мршојадците во Македонија. Денес, овој предел е дом на два пара од глобално загрозениот египетски мршојадец и на околу 20 пара од белоглавиот мршојадец, заради што и ќе биде во фокус на проектните активности“, велат од МЕД.

Од таму појаснуваат дека зајакнувањето на постојните популации кај нас ќе се направи преку воведување на 50 нови единки од белоглавиот мршојадец, кои ќе бидат донесени од Шпанија. Овие птици ќе бидат префрлени во кафези за аклиматизација и пуштени согласно соодветен протокол и во соработка со локални партнери. Заради истражувачки и превентивни цели, пред да бидат пуштени, на овие птици ќе им бидат поставени ГПС-предаватели.
Сеопфатниот пристап кон подобрување на животните услови за белоглавиот мршојадец ќе вклучи и активности за поефективно спроведување на законите заради намалување на смртноста на птиците од труење, како и воведување на системи за рано предупредување базирани врз ГПС-мониторинг. Исто така, ќе се зајакнуваат националните капацитети за рехабилитација на диви животни и ќе се зголемува достапноста на храна преку поставување дополнителни станици за исхрана. На овој начин ќе се зацврсти поврзаноста на птиците со клучните зони на полуостровот, со што значително ќе се зголемат и шансите за нивно преживување и опстанок.
Од МЕД велат дека голема улога во зачувувањето на мршојадците имаат и локалните заедници со кои овие птици се силно поврзани. Токму затоа, преку проектот ќе се поддржи и традиционалното сточарство кое исто така е извор на храна за овие птици, и ќе се подига свеста за улогата и значењето на мршојадците во екосистемот и во локалната економија. На овој начин, велат од МЕД, целосното закрепнување на популацијата на белоглавиот мршојадец на Балканот повеќе нема да биде прашање на надеж, туку споделена обврска.
Македонија
Гаши за Денот на независноста на Косово: Празникот е момент на размислување и национална гордост, кој ги отелотворува жртвувањето, посветеноста и визијата за слобода и градење на државата
Претседателот на Собранието Африм Гаши со честитка по повод Денот на независноста на Република Косово.
„Овој празник е момент на размислување и национална гордост, кој ги отелотворува жртвувањето, посветеноста и визијата за слобода и градење на државата. Независноста на Косово претставува триумф на слободната волја на граѓаните да изградат демократска, праведна и европски ориентирана држава.
Република Северна Македонија и Република Косово уживаат одлични односи. Нашите соседски, општествени и историски врски се силни и претставуваат непоколеблива основа за понатамошно продлабочување на партнерството меѓу нашите две земји.
На овој значаен ден, ја потврдуваме нашата поддршка за успешниот пат на Република Косово и изразуваме убедување дека нашата братска соработка ќе продолжи да се продлабочува во функција на мирот, стабилноста и просперитетот на регионот, како и на унапредувањето на нашата заедничка евроатлантска агенда“.

