Македонија
Николов: Пациентите со малигни заболувања во болницата во Битола трета недела се без терапија
Владата на СДСМ и ДУИ и Министерството за здравство не само што не ги решаваат проблемите на пациентите, туку и дополнително активно работат на нивното продлабочување, вели Игор Николов, претседател на Комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.
„Не само што нема системско решение за континуирано обезбедување на терапија за болните од малигни заболувања гледаме дека истите овие ликови 7 години не мрднаа со прст за ветувањето за дисперзија во лекувањето на пациенти со малигни заболувања и не воспоставија услови со кадар и опрема. Со тоа, остана нереализирано и ова ветување како и низа други ветувања. И на крај за да биде иронијата поголема, истите овие ликови држат партиски трибини за здравство како на пример онаа партиската трибина на СДСМ во Битола и во Штип кои се еклатантен пример за негрижа и нерешавање проблемите, туку нивно создавање“, вели Николов.
Денеска, додава тој, гледаме дека партиската трибина посветена на здравјето во Битола не ги реши проблемите на онколошките пациенти, па така да согласно информациите кои ги добиваме од пациентите во онколошкиот оддел на оваа Клиничка болница трета недела по ред нема:
1.Tаблети Letrozole при што се кумулира голем број на пациенти што се на листа на чекање.
2.Понатаму, втора недела нема и Oxaliplatin, две недели го нема лекот Zoladex.
Пациентите кои се обратија до Комисијата за здравство реагираат и за недостиг на основни информации во однос на тоа кога ќе се набават овие лекови, единствено добиваат одговор дека ќе бидат контактирани и дека се ставени на листа на чекање.
Како што посочува, токму дисперзија на лекувањето на малигни заболувања треба да биде во Битола со оглед дека таму има акцелератор – радиотерапевтски апарат кој не работи 7 години и фаќа прашина.
„ Во Клиничките болници во Штип и во Тетово иако има специјалисти радиотерапевти онколози, сепак истите овие партиски функционери без срам денес се појавуваат на партиски трибини за здравство во овие градови, без да ги исполнат ветувањата и без да преземат системски мерки за една од најранливите категории пациенти, а тоа се малигните заболувања“, вели Николов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

