Македонија
Николоски: Владата е решителна да ги заврши проектите во патната и железничката инфраструктура
Силна подршка за капиталните проекти и унапредување на инфраструктрурата, беа теми на средбата меѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и делегацијата од Европската банка за обнова и развој предводена од Матео Колањели, регионален директор на Банката за Западен Балкан.
На средбата се разговараше за финансиската подршка за реализација на капиталните проекти со посебен фокус на изградба на автопатот Скопје – Блаце, изградба на брза пруга на коридор 10 како и доизградба на пругата на коридор 8.
Вицепремиерот и министер за транспорт Николоски ја потенцираше решителноста на Владата за реализација на овие проекти и нагласи дека од големо значење е вклученоста на ЕБОР во подобрување и рационализација на проектите на ниво на изводливост се со цел утврдување на најсоодветните варијанти за нивна изградба.
На средбата, исто така се разговараше и за динамиката за изградба на проектите, при што министерот Николоски истакна дека во перидот што следи, Владата ќе ги забрза постапките за реализација.
“Денешната средба со ЕБОР беше конструктивна и во насока на изнаоѓање заеднички решенија се со цел да изградиме квалитетен автопат, притоа тој да биде со реални цени, а не како што претходно било планирано и секако да нема штета по буџетот и граѓаните. Работната група работи на изнаоѓање на нова траса и очекувам во скоро време да имаме нова траса поевтина од претходно понудената”- истакна министерот Николоски по средбата.
Министерот Николоски додаде дека Македонија е силно посветена на регионалното поврзување и економскиот развој и во таа насока има силна волја во завршување на крупните инфраструктурни проекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Временска најава: Од попладне дожд, грмежи и северен ветер
Под влијание на влажна воздушна маса денес попладне, во текот на ноќта и утре ќе има повремени локални врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни (над 15л/м2) и ќе има услови за појава на ретки грмежи, информира УХМР.
Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер (над 60км/ч.), а дневната температура утре ќе опадне за неколку степени.
Во среда и четврток ќе преовладува претежно стабилно време, а нови локални врнежи од дожд повторно се очекуваат во петок и во деновите од викендот.
Во Скопје, кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Во текот на ноќта и утре ќе дува засилен северен ветер.
Македонија
Утре без вода делови од Центар
Дел од корисниците на општина Центар утре ќе останат без вода.
„Поради промена на шибер во шахта на ул.Тасино Чешмиче бб (Градинка Кочо Рацин), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул.Тасино Чешмиче од 09:00 часот до завршување (општина Центар) и поради уличен дефект ф 200 мм на Бул.Партизански Одреди спроти Соборен Храм (Паркинг ЈАТ), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од ул.Максим Горки до Бул.Партизански Одреди и дел од Бул.Партизански Одреди од 09:00 часот до завршување“, соопшти Центарот за управување со кризи.
Македонија
Претседателот на општинската организација на СДСМ во Ѓорче Петров поднесе оставка
Претседателот на општинската организација на СДСМ во Ѓорче Петров, Костадин Ацевски, поднесе оставка поради лошите резултати на локалните избори. Според него, оставка треба да поднесат и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, како и целото раководство на партијата.
„Изборите завршија, време е да се понесе одговорност. Иако се вложив целосно, сепак резултатот е лош. Поднесувам неотповиклива оставка како претседател на општинската организација како чин на објективна и морална одговорност за лошите резултати. Верувам дека е исправно оставка да поднесат и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, како и целото раководство на СДСМ, не само заради лошите резултати туку и заради начинот на дејствување во изминатиот период“, вели Ацевски.
Тој додава дека СДСМ е преголема идеја за да остане непрепознатлива.
„СДСМ мора да биде силна опозиција и силен коректор на оваа лоша власт. И покрај оставката останувам член на СДСМ за подобро Ѓорче, подобро Скопје и подобра Македонија“, рече Ацевски.

