Македонија
Николоски: Дали е случајно или не што РЕК „Битола“ во време на Васко Ковачевски на иста фирма дава два тендера со исти суми, и двата со исти анекси од 20 отсто
„Ја продолжуваме серијата прес конференции поврзани со криминалите во Електрани на Македонија и во РЕК Битола. Би сакале да потсетиме на времето на директорувањето на Васко Ковачевски но исто така би сакал и да презентирам некои нови аргументи кои што досега не се познати во јавноста. Имено неговото директорување ќе остане запаметено како едно од најкриминалното работење во историјата на Македонија за што веќе и Државната комисија за спречување на корупција поведе постапка и достави документи до надлежното јавно обвинителство по кој што се надевам надлежното јавно обвинителство ќе постапи, а доколку не постапи сега, убеден сум дека тоа ќе го направи ослободеното јавно обвинителство после изборите на 8-ми мај оваа година“, рече Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„Познати се скандалите на Васко Ковачевски поврзани со набавката на мазут, поврзани со работењето на разни компании од типот на СВ-Инвест и така натаму, кои што криминално работеа во РЕК Битола и во Електрани на Македонија. Но, исто така сакам да презентирам еден парадокс од неговото работење. Имено се работи за два тендери, внимавајте со иста вредност. Васко Ковачевски како директор во периодот кога е директор на Електрани на Македонија дозволува два договори со иста вредност. Договорите се потпишани од директорите на РЕК Битола.
Па сакаме да прашаме дали е случајно или не што иста компанија добива два договори со иста вредност, името на компанијата е РУД-КОП.
Дали случајно или не РУД-КОП добива два договори со иста вредност. Едниот договор е потпишан на 07.06.2021 година, тоа е овој договор. А, вториот договор е потпишан на 03.10.2022 година, тоа е овој договор.
Двете се со иста компанија. Првиот договор од 07.06.2021 година е за ископ на инвестициска откривка во рудник ПЈС (РЕК Битола). А, вториот од 03.10.2022 година е ископ на инвестициска откривка во рудник Брод Гнеотино (РЕК Битола).
И дотука ништо не би било спорно, она што е интересно е дека двата тендери имаат до денар иста вредност. Имено, и првиот и вториот тендер се во вредност од 708 милиони денари или некаде околу 12 милиони евра.
Ова е првиот тендер од 2021, а ова е вториот тендер од 2022.
Она што е интересно е дека вкупната единечна цена по метар кубен во првиот тендер е 1.896 денари, додека за само една година таа цена пораснала и во вториот тендер е 2.595 денари.
Односно вредноста расте некаде за 600 денари по метар кубен само за една година. И иако вредноста на двата тендери е до денар идентична, количината која што треба да се ископа секако дека не е, затоа што во вториот тендер се оди со далеку повисока цена.
Па, сакаме да прашаме дали е случајно или не, што иста компанија добива два тендери во различен временски период со иста вредност од 708 милиони денари, но во првиот случај цената по метар кубен е 1.896 денари, а во вториот е 2.595 денари.
Следната работа која што сакаме да ја прашаме, е дали е случајно или не што истата оваа компанија добива анекс и на првиот и на вториот тендер и двата анекси се во иста вредност од 120 милиони денари, односно од два милиони евра. Па, двата договори на крај се во вкупна вредност од 849 милиони и 600 илјади денари и едниот и другиот, или некаде околу 14 и пол милиони евра.
Еве го анексот од 2021 година и еве го анексот од 2022 година.
Па, јавно прашуваме, дали е случајно или не што оваа компанија е привилегирана и за разлика од други компании добива анекс во вредност од 20% од висината на договорот и анексот и во првиот, и во вториот договор е со иста вредност?
Повикуваме надлежните институции да го преиспитаат работењето на Електрани на Македонија и на РЕК Битола, како и да постапат по укажувањата на Државната комисија за спречување на корупција за работењето на претходниот директор, Васко Ковачевски за кој што веќе има, како што кажав, дознаки, односно претставки од страна на Државната комисија за спречување корупција. А, во однос на сите останати, ослободеното Јавно обвинителство и ослободените институции, после 8 мај ќе поведат соодветни постапки“, изјави Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

