Македонија
Николоски: Поради криминалот на власта, никој не ја притиска Бугарија да не се изживува со Македонија на патот кон ЕУ
Два дела сакам да споменам, прво, во однос на планот за раст, апсолутно мислам дека е добар механизам што ЕУ го предлага за сите земји од Западен Балкан затоа што основните две причини зошто луѓето сакаат од регионот да се зачленат или да се приближат до ЕУ се владеењето на правото и економскиот раст, односно подобриот животен стандард, вели Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„И тука мислам дека треба да сме паметни како држава и како општество да ги искористиме овие средства со цел да поттикнеме раст во рамките на државата, мислам дека ова ниво на раст во државата нѐ држи далеку од она што би се нарекло европски стандард, мора да работиме поинтензивно на подобрување на инфраструктурата, и патната и железничката, мора да работиме поинтензивно на подобрување на комуникациите на дигитализација, но исто така и на давање шанса на приватниот сектор, ние сме мала држава, извозот мора да е основа на развојот на приватниот сектор, без разлика дали се работи на производство или за интелектуални услуги, мора да работиме на поттикнување на извозот доколку сакаме да имаме цврсто и стабилно стопанство во Македонија. Сега сето ова е поврзано со владеењето на правото и за тоа, нели, има исто така патоказ за реформи, туку мислам дека Македонија нема со што да се пофали, за жал, во државата со години корупцијата цвета, економијата тоне, тоа е константа што можеме да ја видиме и јас останувам на она што го зборувам со години, а го зборувам и во овој период дека основна причина зошто Македонија не почнува преговори за членство со ЕУ е високото ниво на криминал и корупција“, вели Николоски и додава:
„Односно, државата има слабо досие, има досие со кое не може да се пофали пред голем број земји членки на ЕУ, тие не вршат притисок врз Бугарија и таа буквално се изживува врз Македонија наметнувајќи бескрајни услови, кои гледаме дека од ден на ден се зголемуваат во зависност од тоа какви политички потреби има во Бугарија. Но, тоа го прават така затоа што никој не им врши притисок да не го прават обратното, а гледаме дека доколку се направи политички притисок, тоа го видовме и на последниот состанок на Европскиот совет, апсолутно може да се променат овие работи и, како што често велам, ние немаме проблем со најсилната земја членка на ЕУ, ние имаме проблем со најслабата или втората најслаба земја членка на ЕУ, многу повеќе ЕУ ѝ треба на Бугарија отколку што Бугарија ѝ треба на ЕУ и има соодветни механизми со кои и самата ЕУ, но и земјите членки може да направат притисок врз Бугарија доколку се убедени дека Македонија заслужува почеток на преговорите, но, за жал, неколку големи земји членки не се убедени дека Македонија заслужува почеток на преговорите, пред сѐ, и поради високото ниво на криминал и корупција и немањето функционален систем на владеење на правото“, додава тој.
Николоски не гледа капацитет во оваа Влада на заминување и, како што вели, ќе треба многу сериозно да се работи на оваа задача по парламентарните избори.
„Убеден сум дека Македонија има и добро поставени институции и добро законодавство, ниту мислам дека ни требаат нови закони ниту мислам дека ни требаат нови институции, треба професионалците во институциите да се остават да работат. 10-15 проценти во институциите се супер корумпирани, другите се чесни луѓе, кои сакаат да си ја работат работата и доколку им се даде шанса да си ја работат својата работа, јас сум убеден дека првите резултати ќе се видат за само шест-девет месеци. Ова е нешто со што некои од моите политички опоненти знаат и да се потсмеваат, но јас сум убеден дека за 6-9 месеци работите може да се средат или да почнат да се средуваат во Македонија во делот на борбата со организираниот криминал и корупцијата и воспоставувањето функционален систем на владеење на правото“, заврши Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.

