Македонија
Николоски: Работиме да ја нормализираме цената на комерцијални станови на пазарот
Со одлуката за намалување на цената на комерцијални станови во Битола што ги гради државата, започнуваме со намерата да ги нормализираме цените на становите на пазарот. Следен чекор е Охрид и Скопје каде ќе понудиме пониски цени од тие што се нудат на пазарот на недвижности, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски кој денеска присуствуваше на доделувањето на социјални станови во општина Кочани.
“Во следниот период ќе работиме на реализација на комерцијални станови. Јавноста е запозната со одлуката на Владата, комерцијалната зграда која што се гради во општина Битола да биде понудена на продажба по цени кои што се би рекол реални, а тоа е 1000 евра за м2 за станбена површина, 500 евра м2 за гаража и деловните простории по 2000 евра за м2, како би можело да се влијае на енормно високите цени на пазарот за недвижности, пред се во неколку големи општини. Следни вакви комерцијални станови ќе се градат во Охрид а ваков повик потоа ќе имаме и во Скопје бидејќи многу млади брачни парови не можат да си дозволат да плаќаат по 2000-2500 евра за станбен квадрат “- потенцираше вицепремиерот Николоски
Денеска во Кочани, вицепремиерот Николоски заедно со претседателот на Владата Христијан Мицкоски и директорот на ЈП за станбен и деловен простор Марјан Стефановски, беа присутни на доделување на социјалните станови на семејствата кои ги исполнуваа условите согласно јавниот повик.
“После неколку месечна успешна работа на новиот директор на ЈП како и на неговиот тим веќе ги гледаме првите резултати. Завршена е процедурата во соработка со министерството за транспорт за распределба на социјални станови за ранливи категории на граѓани и во Кочани и во Велес. Се работи за категории на граѓани кои навистина имаат потреба од овие станови и се надевам дека среќа и топол дом во истите. Би сакал на сите кои што денеска ги добиваат, да им посакам поубави моменти во истите во годините што се пред нив”, истакна Николоски,
Тој додаде дека инвестицијата за социјалната зграда изнесува 72 милиони денар и дека се работи на изградба на вакви станови и во Прилеп, Македонска Каменица и Бутел во Скопје
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ми се гади од лицемерието, Артан Груби во куќен притвор, јас 28 месеци во притвор: Јане Ченто за правосудните аршини
По одлуката на надлежните институции, поранешниот прв вицепремиер Артан Груби да биде ставен во куќен притвор со 24-часовен надзор, по неговото приведување на граничниот премин Блаце, со реакција во јавноста се огласи и Јане Ченто.
„Артан Груби во куќен притвор, јас 28 месеци во притвор.
Мене ми наместија предмет дека сум го прекршил куќниот притвор и ме вратија во Шутка по само 20 дена дома“, објави тој на социјалните мрежи.
„Со камери во мојот дом докажав дека сум бил дома. Докази имаше. Снимки имаше.
Од МВР тврдеа спротивно – и никому ништо, помина нивното.
Сѐ беше џабе.
5 и кусур години ме влечеа по судови за нешто што знаеа дека не постои.
На крај – правосилна пресуда во моја корист.
Вистината исплива.
Но изгубеното време, притисоците, понижувањето, кој ќе ги врати?
Кога ќе ги гледам денешните правосудни „аршини“, не можам да премолчам.
Правдата во оваа држава очигледно не е иста за сите.
Може да нѐ наречете како сакате неколку од нас што не губиме надеж за тоа дека еден ден ќе дојде правда, но тоа е, ние ќе се надеваме.
И да, ми се гади од лицемерието.
Толку“, пишува тој.
Македонија
Левица за куќниот притвор за Груби: Наместо еднакви стандарди, гледаме селективна строгост
Политичката партија Левица реагира на одлуката за определување куќен притвор за Артан Груби, оценувајќи дека станува збор за „прв конкретен резултат од кадровската политика на ДПМНЕ во обвинителството“.
Според партијата, лице кое 14 месеци било недостапно за органите на прогонот, што според нив претставува „најсилен можен доказ за ризик од бегство“, добило поблага мерка наместо засилување на притворот.
„Во правна држава, ваква околност води кон засилување на притворот, кај нас води кон негово олеснување“, наведуваат од Левица.
Оттаму посочуваат дека јавноста добила две различни објаснувања во краток временски период. Првично било соопштено дека нема поплаки за небезбедност и дека во притворот се гарантираат условите како и за секој друг притвореник, а потоа обвинителството се повикало на „индиции“ за загрозена безбедност како основ за замена на мерката со куќен притвор, вклучително и на наводна загрозеност на безбедноста на семејството.
Одговорноста за ваквата одлука, според Левица, е во системот што го раководи в.д. државниот јавен обвинител Анита Тополова-Исајловска, за која велат дека важи за фаворит на ДПМНЕ за иден републички јавен обвинител.
Партијата потсетува дека Тополова-Исајловска во минатото барала пад на предметот „ТАЛИР“, кој се однесува на нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Дополнително, според нив, нејзините политички релации не биле пречка за нејзиното позиционирање.
Во соопштението се споменува и новиот шеф на скопското јавно обвинителство Анел Фидоски, за кого Левица наведува дека со преквалификација во завршна фаза овозможил застарување на случајот со малата Тамара.
„Денешната одлука за куќен притвор се вклопува во истиот образец – флексибилност кога предметот е политички чувствителен“, наведуваат од Левица.
Партијата оценува дека наместо еднакви стандарди, се гледа „селективна строгост“, а наместо владеење на правото – управување со правдата според политички контекст.
Македонија
Фондацијата „Заедно за едно“ донираше на кочанската болница 90 комплети ракавици за пасивна рехабилитација
Во насока на обезбедување соодветна медицинска и рехабилитациска поддршка за настраданите во пожарот во Кочани, Фондацијата „Заедно за едно“, основана од Македонската банкарска асоцијација, набави и испорача во ЈЗУ Општа болница Кочани 90 (деведесет) комплети S-Touch C1 ракавици за пасивна рехабилитација.
Секој комплет се состои од терапевтска ракавица, контролер и клон ракавица и претставува современо технолошко решение за спроведување на пасивни рехабилитациски третмани кај пациенти со нарушена моторика на горните екстремитети, како резултат на изгореници, повреди или невролошки состојби.
Со оваа донација значително се унапредуваат капацитетите на болницата за обезбедување континуирана и квалитетна рехабилитација, што е од особена важност во процесот на закрепнување на пациентите погодени од трагичниот настан.
„Остануваме посветени на обезбедување соодветни услови за лекување и рехабилитација и на континуирана поддршка на здравствените установи во справувањето со последиците од овој немил настан“, велат од Фондацијата.

