Македонија
Николоски: Реизбран сум за потпретседател на групата на Европската народна партија во Советот на Европа
Во Сразбур се одржува редовната зимска сесија на парламентарното собрание на Советот на Европа и ја имам честа да бидам реизбран за потпретседател на групата на Европската народна партија, тука во Советот на Европа, објави на својот фејсбук-профил Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„Оваа позиција за извршував и во изминатите две години, а денес ја добив поддршката од членовите на Европската народна партија и во следните две години да бидам потпретседател на Европската народна партија во Советот на Европа. Тоа е и огромна чест и огромна привилегија имајќи предвид дека се работи за најголемото политичко семејство во Европа, кое има пратеници и во Советот на Европа и во Европскиот парламент, повеќето од претседателите и премиерите на замјите членки на Европската Унија доаѓаат токму од Европската народна партија. Исто така, и претседателката ка Европската комисија доаѓа од Европската народна партија“, вели Николоски.
Според него, ова е исто така и една потврда и поддршка и за Македонија, како и за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, која што е член на Евопската народна партија.
„Во следните две години ќе продолжам да се залагам за заштита на човековите права, на малцинските и на јазичните права на сите оние на кои им се загрозени, особено на Македонците што живеат во Бугарија, во Грција и во Албанија, кои немаат признати малцински јазични права. Исто така, ќе продолжам да се залагам за интересите на Македонија и ќе се обидам оваа позиција да ја искористам најдобро што можам. Она што преставува дополнителна привилегија и чест е што, покрај мене, избрани се уште пет други политичари на оваа позиција како потпретседатели на Европската народна партија во Советот на Европа. Тоа се проминентни политичари, кои доаѓаат од држави како Германија, Италија, понатаму, тука се Норвешка и Полска, што значи е еден навистина престижен избор. кој само покажува што треба да правиме во следниот период и на каде треба да се движи политиката и на мојата политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, но и на Македонија“, посочи Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.
Македонија
Поради одрон во тунелот, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива по една лента
Поради одрон во тунелот на автопатот Скопје-Велес, после Катланово, сообраќајот се одвива по една коловозна лента, информира АМСМ.
Денеска и утре на Автопат А-1 делница клучка Миладиновци клучка Петровец ќе се одвива времена измена во сообраќајот поради технички зафат од ДПТУГ Електра Груп ДООЕЛ, кај клучка Аеродром во дневен период од 6 до 8 часа, сообраќајот ќе се одвива во сообраќајните ленти за претекнување.
Македонија
Обвинителството бара замена од затворски во куќен притвор за Артан Груби
Основното јавно обвинителство Скопје побара мерката притвор за поранешниот вицепремиер Артан Груби да биде заменета со куќен притвор. Ваквата одлука, Обвинителството ја донело врз основа на тоа дека се обезбедени голем број докази, дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогонот, како и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност.
„Основното јавно обвинителство Скопје по добивањето на известувањето дека второосомничениот во предметот за Државната лотарија каде е осомничен заедно со уште пет лица, доброволно се пријавил на органите на прогонот и изразил подготвеност да соработува со надлежните органи, ќе ја продолжи постапката за истиот со цел донесување на јавнообвинителска одлука“, соопштија од Обвинителството.
Од таму додаваат дека на барање на одбраната, Груби во текот на денешниот ден бил спроведен пред надлежниот обвинител каде вршел увид во списите на предметот, но поради обемноста на доказниот материјал увидот ќе продолжи наредните денови по што ќе му биде овозможено да ја даде својата одбрана.
„По однос на мерките за обезбедување на присуство на второосомничениот во понатамошниот тек на постапката Основното јавно обвинителство Скопје предложи замена на мерката притвор со мерка куќен притвор и одземање на патна исправа, имајќи го во предвид фактот во најголем дел се обезбедени доказите во текот на постапката, дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогонот, како и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, кои индиции се поткрепени со известувања од надлежните органи. Исто така индициите за загрозената безбедност се однесуваат и на членовите на неговото семејство“, се наведува во соопштението.

