Македонија
Николоски: Ставањето на бизнисменот Дака на црната листа на САД е потврда во она што сме го говореле, дека високи владини функционери во Македонија биле вмешани во корупција
Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во изјава за медиуми дадена по повод состанокот на Генералното Собрание на подмладокот на Европската Народна Партија – „Обединувајќи ја иднината, новата генерација и Западниот Балкан“, беше запрашан како го коментира тоа дека бизнисменот Миодраг Дака Давидовиќ е ставен на црната листа на САД. Црногорскиот бизнисмен беше поврзуван со бизнис активности во Македонија и конекција со Владата, а токму овој скандал го објави Николоски.
-Да ја потсетам македонската јавност дека оваа влада на СДСМ и ДУИ беше формирана на 30 август 2020 година, веќе на 31 август, утредента Советот на општина Тетово во тоа време со градоначалник од ДУИ, Теута Арифи усвои спорен детален урбанистички план кој што проценката беше дека треба да вреди некаде околу 200 милиони евра, на земјиште кое што претходно припаѓаше на комбинатот „Шик Јелак“ кое што во спорни и сомнителни околности во меѓувреме го стекна бизнисменот Миодраг Дака Давидовиќ. Во тоа време презентирав докази дека се работи за пари од сомнителен капитал кои што можеби потекнуваат и од војните во поранешна Југославија кои што Македонија стигнуваа преку офшор компании од Панама, сето тоа го презентирав во јавноста, рече потпретседателот Николоски.
Николоски во врска со овој случај посочи дека обвинителство до денес го нема испитано целиот овој случај.
-За жал до денес обвинителство не смогна сили да го испита целиот овој случај. Се сеќавате дека во тоа време излегоа и одредени податоци во јавност дека има можна вмешаност на владини функционери и можна корупција. И сето тоа се нотира во она што е соопштение на САД кое што го ставаат на црната листа Миодраг Дака Давидовиќ што за мене е еден јасен сигнал дека она што сме го зборувале било вистина, но во исто време е и добра порака за целиот регион, тој е од Црна Гора и е една порака дека и таму треба да се демократизираат работите, кажа тој.
Потпретседателот Николоски порача дека време е Македонија да се чисти од корупција.
-Сакам исто така и да потсетам, можеби и како една лична сатисфакција дека во тоа време добивав и директни закани да престанам со таа работа и да не продолжам да ги објавувам деталите. Јас тоа го изнесов во јавност и продолжив да ги објавувам деталите и како и досега што сум го правел за многу корупциски афери ќе продолжам и тоа и во иднина, секогаш кога имам сознанија, затоа што мислам дека е време Македонија да се чисти од корупција. Овие млади луѓе кои што се денеска тука на конференција сакаат и Македонија и регионот и Европа да ја видат подобро од она што ние ја гледаме денес, порача Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

