Македонија
Нинослав Нанков победник на ораторската вечер „Иво Пухан“
На Правниот факулет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се одржа XXII ораторска вечер „Иво Пухан“. Ораторската вечер е традиционална манифестација на Факултетот што се спроведува како натпревар по говорништво. Во финалето настапија 10 говорници, студенти од повеќе факултети при Универзитетот.
За победник беше прогласен апсолвентот на правни студии Нинослав Нанков, кој учествуваше со говорот на тема „Црни тоги“ – текст со критичка содржина за актуелните состојби во македонското правосудство. Второто место го освои Стефан Солев, студент на Економскиот факултет, со говорот на тема „Сонце на залез, Пиреј во мраз“, а третото место го делеа студентките на Правниот факултет, Моника Пеичева, со говорот на тема „Жени лидери“, и Етина Ливарека со говорот на тема „Жед за знаење, љубов и мир“. Наградата за најдобра интерпретација „Бранко Ѓорчев“ ја освои Моника Пеичева.
По објавениот повик за пријавување, кој беше отворен за сите студенти на УКИМ, се пријавија 32 кандидати, од кои 19 учествуваа во полуфиналето. Десетте финалисти беа избрани за учество во финалето од страна на жири-комисија. Секој пријавен кандидат работеше со свој ментор, а како ментори учество зедоа: проф. д-р Гордана Силјановска-Давковка, проф. д-р Владо Бучковски, проф. д-р Татјана Петрушевска, проф. д-р Александра Максимовска-Стојкова, проф. д-р Гоце Наумовски, доц. д-р Есин Кранли-Бајрам, како и ас. м-р Тимчо Муцунски. Сите финалисти исто така работеа на своите говорнички вештини заедно со актерот Дејан Лилиќ.
Традиционлано, покровител на XXII ораторска вечер „Иво Пухан“ беше „Евролинк осигурување“ АД Скопје, а семејството Костовски преку свои претставници учестваше во жири-комисијата на финалната вечер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

