Македонија
(Фото/видео) Ниеден од обвинетите за пожарот во „Пулс“ не призна вина
Ниеден од 35-те физички и трите правни лица обвинети за пожарот во дискотеката „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, не призна вина.
Многумина од нив изразија длабоко сочувство, а некои побараа да бидат ослободени затоа што не знаат зошто се во судницата.
Првообвинетиот Дејан Јованов, сопственик на „Пулс“, рече дека не чувствува вина.
„Не се чувствувам за виновен за кривичните дела што ми се ставаат на товар“, рече Јованов во судницата.
Второобвинетиот, Митко Стојанов, кој бил директор на фирмата на чие име била една од лиценците за дискотеката, рече дека искрено жали за починатите и за болката на семејствата.
„Кога би можел животот би го дал за некои од нив, не се чувствувам виновен“, рече тој.

Милка Едровска, вработена во „Венци проект“, која го изработила проектот за дискотеката и е обвинета дека изготвила лажен основен проект за клубот, рече дека не се чувстува виновна и изрази длабоко сочувство до семјествата на починатите и посака побрзо оздравување на повредените.
„Јас ја знам нивната болка, ја имам истата болка“, рече Едровска, а тоа предизвика револт кај семејствата на починатите, кои беа во судницата, и ѝ дофрлија: „Седи ма таму“.
Тука судијката Диана Груевска-Илиевска повика за ред во судницата.
„Да работиме во тишина и мир“, рече судијката.
И Тодор Јованов, братот на Дејан Јованов, рече дека не се чувствува виновен.

Поранешниот општински градежен инспектор Огњен Ѓеоргиев е пензионер кому не му е јасно зошто е ставен во обвинението и зошто е во судницата.
„Јас сум пензионер и да има некакво дело, тоа е застарено. Немам никаква вина и треба да бидам ослободен. Тука сум веројатно зошто треба да има бројка за да нѐ има повеќе, треба да бидам ослободен“, рече тој.
Љупчо Стаменков, општинскиот градежен инспектор, кој една година бил на должност, рече дека не се чувствува виновен и не знае зошто се води постапка против него.
„Немав никакви напатствија за објектот и воопшто не сум го посетил“, рече тој.
Не признаа вина ниту тројцата поранешни градоначалници на Кочани – Ратко Димитровски, Николчо Илијев и Љупчо Папазов.

Управителот на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, Јане Јанчевски, изрази сочувство до родителите и посака побрзо закрепнување на повредените.
„Сите заедно ја бараме правдата. Да не осудуваме предвреме“, рече Јанчевски.
Ивица Грозданов, кој работел како обезбедување на кобната ноќ, рече дека не чувствува вина и не разбира зошто е во обвинението.
„Три часа помагав да спасиме што повеќе животи, не треба да бидам обвинет“, рече Грозданов.
Слична беше и изјавата на Мартин Ѓоргиев, кој исто така работел како обезбедување.
„Ние како обезбедување си го ризикувавме сопствениот живот за да спасиме што е можно повеќе луѓе“, рече тој.

И обезбедувачот Стојанче Димитриев рече дека не чувствува вина, туку голема болка и тага оти загубил голем број пријатели, а и тој дал сѐ од себе за да спаси што е можно повеќе животи.
Министерот без ресор Шабан Салиу и поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) вели дека се работи за политички монтирано и правно неиздржано обвинение.
Директорите на ДЗС, Аднан Џаферовски, Беким Максути и Џевад Селами, рекоа дека не чувствуваат вина и изразија сочувство до семејствата на починатите.
И поранешните министри за економија Ваљон Сарачини и Крешник Бектеши рекоа дека не чувствуваат вина и сочувствуваа со семејствата на починатите и повредените.

Раководителот на сектор во Министерството за економија, Зоран Николовски, рече дека како родител ни на сон не помислил на ваква трагедија и нагласи дека 13 години не работи во Министерството и не се чувствува виновен.
Откога сите обвинети изјавија дека не чувствуваат вина, судијката даде пауза. Судењето ќе продолжи со воведни зборови на бранителите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

