Македонија
Ни збор за злоупотребите со АКМИС-от и насоките на Прибе во годишниот извештај на Судскиот совет
Судскиот совет го објави годишниот извештај за сработеното за 2017 година. Првичниот впечаток е дека извештајот е формален, а не суштински, и не содржи ништо од препораките на Рајнхард Прибе, а проблемите со распределбата на предмети во кривичниот и во Врховниот суд се споменуваат само еднаш во целиот извештај. Нема информација зошто затаила контролата над АКМИС-от во кривичниот суд во Скопје за местење подобни судии на одредени предмети бидејќи, меѓу другото, тоа му е законска надлежност.
Во извештајот пишува дека Советот во 2017 година постапувал по 7 барања за поведување постапка за утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција, поднесени од Советот за утврдување факти и поведување постапка за утврдување одговорност на судија. За судиите од Врховниот и Апелациониот суд за кои е поведена постапка за разрешување за ослободувањето од притвор на обвинетиот бизнисмен Сеад Кочан пишува дека постапката е во тек. За цела година Советот утврдил нестручно и несовесно работење на охридски судија, а ги запрел постапките за други двајца судии во кривичниот суд во Скопје и за судија во Радовиш.
Но, затоа во заклучоците членовите на Советот напишале дека ќе работеле на активности за јакнење на довербата на јавноста во судството преку зголемена транспарентност и активности за информирање. Приоритетите на Советот ќе ја гарантирале на независноста на судството преку унапредување на процедурите за избор и унапредување на судиите, оценување на нивната работа и на системот за утврдување одговорност на судиите, како и подобрување на материјално-финансиската состојба на судовите, судиите и судската администрација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Милошоски на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите од ЈИЕ во Будимпешта
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, на 26 и 27 февруари ќе учествува на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите од Југоисточна Европа, која ќе се одржи во Будимпешта, во организација на Националното собрание на Унгарија.
Станува збор за традиционален меѓупарламентарен форум што се организира од 2004/2005 година и претставува значајна платформа за политички дијалог и парламентарна соработка меѓу земјите од Југоисточна Европа. Фокусот на конференцијата е насочен кон регионалната соработка, европската интеграција и заедничкото справување со актуелните политички, економски и безбедносни предизвици во регионот.
Во рамки на официјалната агенда, на 27 февруари ќе се одржи 12-тата Конференција на претседатели на парламенти, на која ќе учествуваат спикерите и шефовите на делегации од земјите на Југоисточна Европа, како и од земјите на Вишеградската група. Централна тема на првата сесија ќе биде „Состојбата на проширувањето во регионот на Југоисточна Европа“, додека втората сесија ќе биде посветена на „Економските инвестиции и енергетските поврзувања – предизвици и можности во регионот“.
На конференцијата се предвидени обраќања на високи претставници на земјата домаќин, како и на претставници на Европската унија и меѓународни организации, по што ќе следат дискусии и излагања на учесниците. Во завршниот дел е планирано усвојување на заедничка парламентарна декларација, како и билатерални средби меѓу делегациите.
„Собранието на Република Северна Македонија редовно учествува на оваа конференција, која претставува важен дел од напорите за унапредување на парламентарната дипломатија и зајакнување на европската перспектива на регионот“, пишува во соопштението.
Македонија
Предложени мерки за унапредување на правото на здравје на лицата со попреченост
Во Собранието се одржа настан на тема „Унапредување на правото на здравје за лицата со попреченост“, во организација на Интерпартиската парламентарна група (ИППГ) за правата на лицата со попреченост, во соработка со Зета – организација за попреченост и правда, Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес, Порака – Неготино и Еко – Живот – Кавадарци.
Настанот имаше за цел отворање институционален дијалог за унапредување на пристапот до здравствени услуги, подобрување на системските решенија и зајакнување на соработката помеѓу законодавната и извршната власт и граѓанскиот сектор, при што беа презентирани и наодите од анализата за предизвиците со кои се соочуваат семејствата на лицата со попреченост, како и можните решенија поврзани со нивниот медицински третман, со цел обезбедување еднаков и достоинствен пристап до здравствена заштита.
Претседателот на ИППГ за правата на лицата со попреченост, Никола Мицевски, истакна дека правото на здравје е фундаментално човеково право, нераскинливо поврзано со правото на живот и заштитата на човековото достоинство. Уставот гарантира здравствена заштита за секој граѓанин, што претставува обврска институциите континуирано да го унапредуваат системот и да обезбедат еднаков, квалитетен и навремен пристап до здравствени услуги за лицата со попреченост. Собранието останува отворено за предлозите и искуствата на граѓаните со цел носење одржливи и инклузивни решенија.
Во активна дискусија присутните имаа можност да ги искажат предизвиците со кои се соочуваат при остварувањето на правото на здравје, како и предизвиците со кои се соочуваат институциите и другите чинители во оваа област. Беше нагласена потребата од континуирани реформи во здравствениот систем, унапредување на законската рамка, обезбедување финансиска одржливост на услугите и воведување механизми за следење на спроведувањето на политиките.
Како предложени мерки за унапредување на правото на здравје на лицата со попреченост се:
· Ортопедските помагала кои се обезбедуваат на товар на Фондот за здравствено осигурување, да бидат целосно усогласени со индивидуалните потреби на лицата со попреченост, да овозможуваат избор и да бидат со подобар и проверен квалитет, во согласност со современите медицински и технолошки стандарди;
· Адаптација на здравствените установи на сите нивоа на здравствена заштита со цел обезбедување целосна физичка, сензорна и комуникациска пристапност за лицата со попреченост, во согласност со принципите на универзален дизајн;
· Воведување задолжителна, континуирана обука за здравствените работници за работа со лица со различни видови на попреченост, со фокус на пристап базиран на човекови права, достоинство, недискриминација и информирана согласност.
· Унапредување на системот „Мој термин“, со воведување механизми за приоритетно закажување за лицата со попреченост, особено за лица со попреченост кои имаат потреба од поголема поддршка, хронични состојби.
„Настанот се одржа во клучен момент – кога се подготвуваат измените на Законот за здравствена заштита и претставува значаен чекор кон градење поинклузивен здравствен систем, заснован на еднаквост, пристапност и почитување на човековите права. На истиот беа донесени заклучоци во насока на унапредување на правото на здравје за лицата со попреченост“, се наведува во соопштението од Собранието.
Македонија
Петрушевски: Тужбата за клевета нема да го испере Заев, стојам зад секој кажан збор
Тужбата за клевета нема да го испере Заев, ниту ќе ја сокрие вистината, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, по тужбата од поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев поднесена против него и против Жан Митрев.
„Завршија времињата кога од позиција на власт се нарачуваа пресуди, се вршеа притисоци врз обвинители и судии, и се замолчуваа оние што поставуваа прашања. Денес институциите мора да работат по закон, а не по телефон. Јас стојам зад секој јавно изнесен збор и подготвен сум аргументите со Заев да ги соочиме пред судот и пред јавноста. Судницата не е средство за заплашување, туку место каде се утврдува вистината“, вели Петрушевски.
Тој додава дека денес никој не е над законот. „Ниту поранешен премиер, ниту актуелен пратеник. Но, наместо Заев да се обидува преку тужби да ја замолчи критиката, нека одговори на суштинските прашања што кои ја интересираат јавноста. А вистината секогаш излегува на виделина“, вели пратеникот.

