Македонија
Нова кампања за имунизација во целата држава: „Да не си играме со здравјето“
Со мотото „Да не си играме со здравјето“, Министерството за здравство и УНИЦЕФ со поддршка од УСАИД од денеска почнуваат со нова фаза од кампањата „Заштитени заедно – вакцините дејствуваат“, со цел на граѓаните и понатаму да им се обезбедат точни и навремени информации за вакцините и имунизацијата.
Комуникациската кампања е дел од серијата активности што ги спроведуваат партнерите за да се поттикне вакцинирањето по нарушувањето предизвикано од пандемијата на Ковид-19. Кампањата, конкретно, има цел да ги потсети родителите и старателите дека кога се пропушта или одложува вакцинацијата, децата и заедниците се изложени на ризик од болести што може да се спречат со вакцина.
„Иако по пандемијата на Ковид-19 се забележува пораст во опфатот со вакцинација, неопходно е тековно обезбедување точни и навремени информации за вакцините што може живот да спасат. Во таа насока, на почетокот од годинава ја креиравме веб-страницата е-zdravstvo.mk, со потврдени и стручни информации за важноста на редовната вакцинација и други теми од областа на здравството, како што се дигитално здравство, апликацијата ‘Мое здравје’, тековни скринизи и други информации значајни за заштита на здравјето. Таму може да се најдат сигурни информации за вакцините што се даваат во земјата според националниот календар и за болестите што може да се спречат преку вакцинација. Во текот на годината работевме на повеќе фронтови за да можеме да постигнеме опфат со вакцини над 90-95 отсто на национално ниво за сите редовни вакцини. Оваа кампања ќе помогне да се потсетат родителите на нивната одговорност да ги заштитат своите деца на ист начин како што тие биле заштитени од нивните родители од болести, како што се мали сипаници и полио“, истакна министерот за здравство, Фатмир Меџити.
Покрај оваа кампања, Министерството за здравство и УНИЦЕФ, со поддршка од УСАИД, работат на интегрирање систем за управување со неточни информации во рамките на националните структури за донесување одлуки. Заедно со партнерите, тековниот дијалог меѓу здравствените работници, експертите и медиумите придонесе за позитивна промена во однос на ставовите за вакцините. Информирањето на заедницата и поддршката за ангажирање на тимовите за имунизација во четири општини во кои е забележан понизок опфат со вакцинација исто така покажуваат ветувачки резултати и поголем број родители се опфатени на ниво на локалната заедница.
„Во текот на годината соработуваме со партнерите за да ја подобриме довербата во научните наоди за вакцините. Се забележува дека има зголемено позитивно мислење за вакцините, што е ветувачки, бидејќи има многу неточни информации за вакцините што циркулираат во онлајн-светот. Погрешните информации се опасни, создаваат плодна почва за појава на болести, а родителите и старателите имаат потреба од континуиран пристап до сигурни информации. Вакцинирањето на децата не е избор, туку одговорност. Вакцините ги штитат децата, возрасните и заедниците“, рече претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани.
Кампањата „Да не си играме со здравјето!“ ќе се спроведува во следните месеци во целата земја. Таа е продолжение на кампањата од почетокот на оваа година, во која се вклучија здравствените работници, педијатрите, лекарите од пунктовите за вакцинација и гинеколозите за да зборуваат за опасностите од одложување на вакцинацијата, како и за придобивките од рутинските вакцини во детството како најефикасен начин да се заштити здравјето на децата.
Составен дел на кампањата е тековната промоција на дигиталната платформа „Е-здравство“, што почна да функционира на почетокот на оваа година со посебен дел посветен на имунизацијата и служи како единствено место за добивање сигурни информации за вакцините. Повеќе информации за новата кампања „Да не си играме со здравјето!“ може да се најдат на: www.unicef.mk.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Обвинителството бара замена од затворски во куќен притвор за Артан Груби
Основното јавно обвинителство Скопје побара мерката притвор за поранешниот вицепремиер Артан Груби да биде заменета со куќен притвор. Ваквата одлука, Обвинителството ја донело врз основа на тоа дека се обезбедени голем број докази, дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогонот, како и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност.
„Основното јавно обвинителство Скопје по добивањето на известувањето дека второосомничениот во предметот за Државната лотарија каде е осомничен заедно со уште пет лица, доброволно се пријавил на органите на прогонот и изразил подготвеност да соработува со надлежните органи, ќе ја продолжи постапката за истиот со цел донесување на јавнообвинителска одлука“, соопштија од Обвинителството.
Од таму додаваат дека на барање на одбраната, Груби во текот на денешниот ден бил спроведен пред надлежниот обвинител каде вршел увид во списите на предметот, но поради обемноста на доказниот материјал увидот ќе продолжи наредните денови по што ќе му биде овозможено да ја даде својата одбрана.
„По однос на мерките за обезбедување на присуство на второосомничениот во понатамошниот тек на постапката Основното јавно обвинителство Скопје предложи замена на мерката притвор со мерка куќен притвор и одземање на патна исправа, имајќи го во предвид фактот во најголем дел се обезбедени доказите во текот на постапката, дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогонот, како и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, кои индиции се поткрепени со известувања од надлежните органи. Исто така индициите за загрозената безбедност се однесуваат и на членовите на неговото семејство“, се наведува во соопштението.
Македонија
Нова услуга на ЈСП: Онлајн надополнување на картичката
ЈСП воведува нова услуга – онлајн надополнување на картичките за возење.
„Од сега можете онлајн да ја надополните вашата картичка со билети и/или износ (средства) директно преку нашата официјална веб страна skopjebus.mk — без чекање, без редици и без одење до продажно место. Сè што ви треба е телефон или компјутер и неколку минути. Надополнувањето се прави од далечина, брзо и кога вам ви одговара, од удобноста на вашиот дом“, велат од ЈСП.
Од таму додаваат дека со новата услуга се добива онлајн надополнување со билети и/или средства, брза постапка во неколку едноставни чекори, нема редици и нема потреба од физичко присуство, достапно од телефон или компјутер.
Како да надополните картичка?
* Влезете на skopjebus.mk
* Изберете „Надополни картичка“
* Внесете ги потребните податоци за
картичката
* Одберете дали сакате билети или износ
(средства)
* Потврдете и завршете ја постапката
Пробајте ја новата функционалност тука: https://skopjebus.mk/mk/app/cards/load
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд, информира УХМР.
Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен утре кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд.
До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.

