Македонија
Нова кривична пријава за поранешниот градоначалник на Струмица
Полицијата поднесе кривична пријава за несовесно работење во службата и злоупотреба на службената положба и овластувањето против поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, и двајца вработени во Општината.
„СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против К. К. (35) и Б. Ш. (64), двајцата од Струмица, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело несовесно работење во службата и против И. Г. (54) од Струмица поради постоење основи на сомнение дека сторила кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето“, информира МВР.
Пријавената И. Г., во својство на раководител на Одделението за администратирање приходи при Општина Струмица, постапувајќи спротивно на одредбите од Законот за даноците на имотот, во четири наврати ги пречекорила своите овластувања, со тоа што изготвила решенија за даночно ослободување од данокот на промет на недвижен имот при продажба на станови од станбена куќа со наменска класификација А1.
Ваквото ослободување од плаќање било направено повикувајќи се на член 25 од Законот за даноците на имотот, меѓутоа одредбите за таквото даночно ослободување се однесувале само за станбени згради и станови, кои во согласност со класата на намени се со номенклатура А2.1, но не и за станбени куќи со номенклатура А1.1, за кои и биле изготвени решенијата. Исто така, И. Г. во три од четирите решенија, во отсуство на пријавениот Б. Ш., се потпишала и во полето потврдил – контролирал.
Пријавениот Б. Ш., во својство на раководител на Секторот за финансиски прашања при Општина Струмица, и пријавениот К. К., во својство на градоначалник на општина Струмица, постапиле несовесно при вршењето на своите службени овластувања и пропуштиле должен надзор при постапувањето по овие предмети и ги потпишале изготвените решенија за даночно ослободување изготвени од И. Г..
Со ваквите дејства пријавените лица го оштетиле буџетот на Општина Струмица за износ од 668.388 денари.
Костадинов ги отфрли обвинувањата и рече дека се работело според законот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.
Македонија
Утре без вода дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарната Илинден
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре (19.02.2026) поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.(општина Чаир)

