Македонија
Нова лидерска средба на барање на Мицкоски
Премиерот Зоран Заев за денеска напладне најави нова лидерска средба во помал состав. Тоа е на барање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој синоќа ја напушти средбата во Клубот на пратеници. Мицкоски побара средбата да биде со четворицата лидери на најголемите партии, а не во проширен состав.
Заев објасни дека референдумот ќе биде консултативен и објави како ќе гласи прашањето: Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот со Грција? Тој рече дека Мицкоски се однесувал неодговорно и несериозно како кон политичките претставници кои останале докрај на средбата, но и кон граѓаните.
Тој појасни дека за конечна се смета одлуката ако на референдумот излезат најмалку 50 отсто од вкупниот број на запишани избирачи во Избирачкиот список.
„Без разлика на карактерот на референдумот, одлуката се смета за успешна во ваков случај. И се отвори дебата дали да биде консултативен или обврзувачки. Консултативен е кога ние сакаме да ги консултираме нашите сограѓани и потоа ги носиме одлуките, како што е случајот со одлуките за промена на Уставот“, рече Заев.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ги повтори ставовите на партијата – усвојување на Законот за финансирање на политичките партии и измените на Законот за Влада каде што ќе се регулира концептот на техничката влада по пржинскиот модел, па дури потоа формирање на ДИК.
Заев ја свика лидерската средба откако ВМРО-ДПМНЕ го блокира формирањето на ДИК. За првпат беа свикани лидерите на политичките партии кои имаат повеќе од еден пратеник во Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нова услуга на ЈСП: Онлајн надополнување на картичката
ЈСП воведува нова услуга – онлајн надополнување на картичките за возење.
„Од сега можете онлајн да ја надополните вашата картичка со билети и/или износ (средства) директно преку нашата официјална веб страна skopjebus.mk — без чекање, без редици и без одење до продажно место. Сè што ви треба е телефон или компјутер и неколку минути. Надополнувањето се прави од далечина, брзо и кога вам ви одговара, од удобноста на вашиот дом“, велат од ЈСП.
Од таму додаваат дека со новата услуга се добива онлајн надополнување со билети и/или средства, брза постапка во неколку едноставни чекори, нема редици и нема потреба од физичко присуство, достапно од телефон или компјутер.
Како да надополните картичка?
* Влезете на skopjebus.mk
* Изберете „Надополни картичка“
* Внесете ги потребните податоци за
картичката
* Одберете дали сакате билети или износ
(средства)
* Потврдете и завршете ја постапката
Пробајте ја новата функционалност тука: https://skopjebus.mk/mk/app/cards/load
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд, информира УХМР.
Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен утре кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд.
До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Утре прекинато водоснабдување во делови од неколку скопски општини
Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( вторник ) се планирани неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Кисела Вода)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Карпош)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц),
прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Бутел)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Центар)

