Македонија
Нова пријава против Стевчо Јакимовски за незаконска изградба на општинската зграда во Карпош
Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, и уште четири лица од општината поради злоупотреба на службената положба и овластување. Како што се наведува во соопштението на финасиската полиција, потпишано од директорот Арафат Муареми, ,,наместо да спречува дивоградби, градоначалникот дозволил објектот на Општина Карпош, каде што е сместена општинската администрација, да се изгради без одобрение за градење и без соодветна архитектонско – урбанистичка документација”.

Пријавата е поднесена до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, и тоа против С.Ј. во својство на градоначалник на Општина Карпош, М.Д. – раководител на Сектор за јавни набавки, Н.Н.- помошник-раководител на Сектор за финансиски прашања, С.М. – раководител на Одделение за норматива во правен Сектор и А.С. – раководител на Одделение за сметководство.
Кривичната пријава е поднесена поради постоење основи на сомнение дека сториле кривични дела ,,злоупотреба на службената положба и овластување” казниво по член 353 ст. 5 в.в. ст. 1 в.в. со продолжено кривично дело член 45 и в.в. со соизвршителство член 22 од Кривичниот законик.
Пријава за „бесправно градење“ е поднесена и против Ј.К., надзорен инженер во „Карапанчевски компани“ ДОЕЛ Скопје во својство на надзор и А.М., одговорно лице во правното лице „Алконпроект“ ДООЕЛ Тетово во својство на изведувач поради постоење основање сомнение дека сториле кривично дело „бесправно градење“, како и против тие две правни лица.
Првопријавениот Јакимовски во својство на градоначалник на Карпош како инвеститор на изведување работи за „Демонтажа, дислокација и изградба на четврта и петта барака на бул. `Партизански одреди` бр. 68“ и „изведба на демонтирани и четврта и петта барака во рамки на урбанистичката парцела на ОУ „Лазо Трповски“, во тек на 2012 и 2013 година спротивно на членовите 56, 59 и 67 од Законот за градење без одобрение за градење и соодветна архитектонско-урбанистичка документација во име и за сметка на Општина Карпош изградил две бараки наменети за општинската администрација. Потоа, поднел барање за легализација на двете бараки кое лично го потпишал иако согласно со член 2 став 3 в.в. стр. 1 и 2 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти бараките не можеле да бидат предмет на легализација затоа што се изградени по стапување во сила на Законот за легализација.
Ј.К., пак, во својство на надзорен инженер во „Карапанчевски компани“, ангажиран од општина Карпош за вршење стручен надзор, во тек на 2012 и 2013 година согласно со член 36 од Законот за градење бил должен да врши проверка над изградбата дали е во согласност со основниот проект и одобрението за градење и да го запознае инвеститорот и надлежниот градежен инспектор за утврдените недостатоци или неправилности констатирани во тек на градбата и да ги забележи во градежниот дневник. Спротивно на Законот за градење, надзорниот инженер вршел надзор над демонтажата и изградбата на општинските бараки без одобрение за градење, потпишал градежен дневник, градежна книга и времена ситуација, се наведува во соопштението на финансиската полиција.
Третопријавениот А.М., како одговорен во изведувачот на работите „Алконпроект“ ДООЕЛ Тетово во рамки на урбанистичката парцела на ОУ „Лазо Трповски“, ангажиран од Општина Карпош, согласно со член 29 од Законот за градење бил должен да изведува градежни работи согласно со одобрението за градење, ревидираниот основен и изведбениот проект. Спротивно на Загонот за градење, укажува УПФ почнал со градежни активности на објектот без одобрение за градење и целосно ги изградил општинските бараки.
Управата за финансиска полиција посочува дека според член 50 од Законот за локална самоуправа, градоначалникот е претставник и застапник на Општината, раководи со општинската администрација и обезбедува правилно и законско користење, одржување и заштита на сопственоста на Општината во согласност со закон и статут. Според член 56 од Законот за градење, пак, изведувањето градби може да почне со издавање одобрение за градење правосилно во управна постапка, а градбите и деловите од градби издадени без одобрение за градење се бесправни градби. Согласно со член 59 од Законот за градење, инвеститорот имал обврска писмено да го пријави почнувањето на градбата до надлежниот орган, градежната инспекција и инспекцијата на трудот пред почетокот на изградбата.


Поранешниот градоначалник на Карпош секоја понеделник има обврска да се појавува во кривичниот суд во Скопје, откако судот му изрече мерка за претпазливост, откако финансиската полиција го осомничи за злоупотребата на службената положба и овластување при спроведување на два тендери. Како мерка на претпазливост на Јакимовски му беше одземен и пасошот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

