Македонија
Нова сајбер-измама во Македонија: претставувајќи се како УЈП, крадат банкарски податоци – и порталот регистриран со туѓ идентитет
Нова сајбер-измама изминативе денови ги демне граѓаните. Преку СМС-порака, во која стои „УЈП: Извршете ја задолжителната пријава“ и има линк до лажна веб-страница, чиј регистратор не е Управата за јавни приходи, се собираат лични податоци од граѓаните. Алармот го вклучи член на групата „Сојузен комитет на програмерите“. Тој сподели каква СМС-порака добил, а потоа и податоците што биле побарани да ги внесе кога го отворил линкот. Утринава, лажната страница, која е претставена како да е на УЈП – не работи. Случајот е пријавен и во институциите. За разлика од други случаи, овде веб-порталот е регистриран во Македонија, но постои сомнеж дека тоа е направено со внесување лажни податоци.

Регистрираниот лажен домен е многу сличен со оној на УЈП, што остава простор лесно да се наседне на измамата. Разликата е во само една цртичка. Лажниот домен е регистриран како „ујп-гов.мк“, а до сервисите на УЈП се пристапува преку „ујп.гов.мк“. Сајбер-измамата е активна токму во месеците кога граѓаните ги поднесуваат и потврдуваат годишните даночни пријави.

Во првиот прозорец, кој се појавува кога ќе се кликне на лажниот линк, се бараат да се внесат лични податоци – име, презиме, адреса на живеење, град, датум на раѓање, имејл, телефонски број. Со клик на следно – се крадат и податоците за платежната картичка.

Од граѓаните се бара да се внесат бројот на картичката, рокот на важност и кодот од задната страна на картичката. Овие информации се доволни за измамниците да ги извадат сите пари што се на располагање. Во третиот и четвртиот прозорец измамниците бараат да се прикачи личната карта, и тоа од двете страни.

Design space paper textured background
По внесувањето на сите податоци – веб-страницата пренасочува кон вистинската страница на УЈП преку која се поднесуваат даночните пријави.

Лажната веб-страница на измамниците, кои се претставуваат како УЈП, е регистрирана на 6 февруари. Како сопственик е впишан извесен Јован Трајановски. Освен тоа, лажна и неточна е и имејл-адресата. „Макфакс“ се јави на бројот што е оставен за контакт кога измамниците го регистрирале порталот. Слушалката од другата страна ја крена жена. Кога го побаравме Јован, таа посочи: „Грешка сте“.
Ја проверивме и адресата внесена како седиште на регистраторот на лажната веб-страница. Измамниците како назив на улицата внеле булевар „Јане Сандански“, а како број пишале 12. Но, не пишале број на зграда, број на влез и број на стан. „Макфакс“ ги провери сите граѓани што како свое живеалиште ја имаат впишано оваа адреса. Станува збор за речиси 400 жители. Но, меѓу нив нема никој со име Јован Трајановски.

„Макфакс“ побара одговори и од МВР дали ваков случај е пријавен кај нив. Од „Марнет“, каде што се регистрираат сите домени со „.мк“, прашавме како е направена оваа регистрација со лажни информации, зошто и по два месеца, веб-страницата е активна, но и дали ќе истражуваат преку која агенција е регистриран. Од двете институции очекуваме одговори во текот на денот. Став побаравме и од Управата за јавни приходи. Тие потврдија дека страницата не е нивна и испратија апел до граѓаните.
„Веб-страницата е лажна, не e во сопственост на Управата за јавни приходи. Испраќачот на пораките се обидува да ги злоупотреби името и логото на УЈП и да ги доведе во заблуда граѓаните да споделуваат лични податоци и на тој начин да се изложат на ризик и можна злоупотреба. Управата за јавни приходи ги презема сите неопходни активности за справување со оваа состојба“, велат од УЈП.
Ова не е прва ваква измама во Македонија. Изминатава година граѓаните алармираа, а МВР постапуваше по десетици вакви пријави. На ист или сличен начин, но преку веб-страници регистрирани во странство, се крадеа податоци од граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Чаир и Студеничани денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.30 до 15.00 часот, дел од улицата Никола Тримпаре 15 и дел од улицата Мирослав Крлежа бр.16-20 и дел од локали и влезови на згради на булеварот Климент Охридски бр,54, општина Центар;
– во периодот од 09.30 до 15.30 дел од улицата Мирослав Крлежа по старо Ѓуро Ѓакович бр.52.54.56.58.60.62, општина Центар;
– во периодот од 08.00 до 14.30 корисниците од Ретаил Поинт Парк во Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците на дел од село Студеничани кај Бурдем, општина Студеничани.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

