Македонија
Нова фекална канализација на улицата Радушка во Ѓорче Петров
Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, денеска изврши увид во градежните активности за поставување фекална канализација на крак 4, проект што најавува брзо заокружување на целосната реконструкција на улицата Радушка во Дексион.
Изведбата на фекалната мрежа во должина од 740 метри е со средства од буџетот на Општина Ѓорче Петров во износ од 6 милиони денари.
На увидот присутни беа и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и кандидат за пратеник од ИЕ 2, Владо Мисајловски, како и Бојан Стојаноски и Габриела Калкова, кандидати за пратеници од ИЕ 2 од ВМРО-ДПМНЕ.
-Локалната власт во овој мандат имаше разбирање за проблемите на граѓаните од овој дел на општината, кои долги години бараа санација на ул.„Радушка“ и подземната инфраструктура и веднаш излеговме во пресрет со работа на терен. Во изминатите две години, поставени се фекална канализација во должина од 1.400 метри и атмосферска канализација во должина од 1.091 метри, а на оваа улица работиме и на реконструкција на краци, како и на изградба на нови тротоари и улично осветлување – информираше Стојкоски.
Неодамна, додаде, стартувавме нова градежна офанзива – отпочнавме со реконструкција на патот од последна „5 “ до гробишта во должина од 470 метри. Проектот е во вредност од приближно 17.400,000 денари, а во завршна фаза е изборот за најповолен понудувач за финалната трета фаза во должина од 1.200 метри.
Преку Развојната програма, општината има обезбедено и финансии во вредност од 30.000,000 денари за доизградба на преостанатиот дел од ул. „Радушка“ од патот за гробишта до ул. „4 Јули“ во должина од 1.091 метри. Тоа ќе биде последниот градежен чекор со кој целосно се завршува процесот на реконструкција на една од најстарите улици во Ѓорче Петров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

