Македонија
Новинарите и медиумските работници ќе се вакцинираат во втората фаза

Новинарите и медиумските работници се опфатени во втората фаза за имунизација и спаѓаат во делот на категоријата граѓани од витални институции за функционирање на државата, рече министерот за здравство, Венко Филипче, на средбата со Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Драган Секуловски, извршниот директор на ЗНМ, и Тамара Грнчароска и Павле Беловск,и членови на извршниот одбор на Самостојниот синдикат на новинари и медиумските работници (ССНМ).
„Министерот Филипче на средбата информираше дека согласно Националниот план за ковид-вакцинација, новинарите и медиумските работници веќе се опфатени во втората фаза за имунизација и спаѓаат во делот на категоријата граѓани од витални институции за функционирање на државата, што значи дека новинарите и медиумските работници ќе се вакцинираат веднаш по завршување со вакцинирање на групите кои се предвидени во првата фаза, а за кои вакцинацијата започна вчера и е во тек“, соопштија од МЗ.
Вакцинацијата за новинарите и медиумските работници од радиодифузерите, печатените и онлајн медиумите, на целата територија на државата, ќе биде доброволна.
Изготвувањето на списоците на заинтересираните вработени во медиумите за вакцинирање ќе треба да бидат поднесени од секој медиум поединечно, во соработка со ЗНМ, ССНМ и Министерството за здравство. Терминот за вакцинирање на пријавените во медиумите ќе се утврдува согласно протоколите за имунизација на Министерството за здравство, а детали околу постапката за пријавување ќе следи во текот на следните две недели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Времето денеска сончево со мала до умерена облачност, попладне локален пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец.
Попладне ќе има изолиран развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд и грмежи.
Минималните температури ќе се движат од 12 до 20, а максималните од 26 до 36 степени целзиусови.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде 17, а максималната дневна ќе достигне 36 степени.
Македонија
Бендевска: Да го продолжиме заветот од Илинден и пораката од АСНОМ

По повод 2 Август – Денот на Републиката, во име на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, потпретседателката на Собранието на Република Северна Македонија, Весна Бендевска, заедно со собраниска делегација во состав: Бране Петрушевски, Никола Коњановски, Даниела Николова и Даниел Стојчевски, одбележа 81 година од Првото заседание на АСНОМ, во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце.
„На хероите на двата Илиндена кои се жртвуваа за денес да можеме да бидеме свои на своето, да им ветиме уште еднаш дека денешните генерации нема да го заборават заветот што ни го оставија. Да ги насочиме нашите погледи, стремежи и напори од заедничкото минато, кон заедничката сегашност и иднина. Да го продолжиме заветот од Илинден и пораката од АСНОМ“ – порача потпретседателката Бендевска.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова: Мора да го искорениме плевелот на корупцијата и криминалот, време е за нова пролет на нашата македонска република

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска се обрати на чествувањето на 2 Август – Илинден, Денот на Републиката на Мечкин Камен во Крушево.
Во својот говор, Сиљановска-Давкова рече дека е „време за нова пролет на нашата македонска република, за навраќање на републиканските корени“.
„Што значи тоа? Македонските граѓани од својата република очекуваат барем две нешта ̶ слобода и правда. Кога зборувам за слобода, не мислам само на политичката, туку и на економската, на академската, на културната, на социјалната… Кога зборувам за правда, не мислам само на правосудството, туку и на социјалната, еколошката и на генерациската правда. Не смееме да изумиме дека предуслови за слободата и за правдата се владеењето на правото и еднаквоста пред законот“, истакна претседателката.
Таа додаде дека „мора да го искорениме плевелот на корупцијата и на криминалот“.
„Никој не смее да биде недопирлив, независно дали е поранешен или актуелен политичар или функционер, судија или влијателен бизнисмен. За правдата да биде неселективна и навремена, потребни се забрзани и длабоки реформи во правосудството, а тие почнуваат со европска правна рамка, но и со европски критериуми на регрутирање, како и со европски стандарди на функционирање и одговорност“, вели Сиљановска-Давкова.
Според неа, потребен ни е здравствен систем по мерка на здравјето на пациентите и на нацијата. За креативните умови, потребни се инвестиции во образованието и науката, во истражувањето, во развојот и дигитализацијата.
Претседателката се осврна и на пожарите.
„Деновиве, републиката ни е во пламен. За помалку шумски пожари, потребен е не само правен, туку и ефикасен институционален систем, вистински луѓе на важни позиции, вградена превентивна и волонтерска димензија, стимулативни мерки за пожарникарите, пожарникарството и за волонтерите. И овие активности се во ек. За да се заштити здравјето на луѓето и на природата, мора да ставиме крај на дивите депонии и на нивното палење, но и да имаме контрола врз палењето“, вели претседателката.
Сиљановска-Давкова истакна дека имаме потреба од длабоки и суштински реформи во секоја област по европска мерка: со заштитени слободи и права, со владеење на правото и бескомпромисна борба со корупцијата; со стратегиски партнерства со државите со заеднички вредности и интереси; со независни и функционални институции; со компетитивна економија и со капитални инвестиции; со партиципативна политичка култура.
„Ние не сме стебло без корен. Нашата слобода и нашата република се вкоренети во европската пролет на народите, во демократските и хумани визии на „Млада Европа“. И затоа, на оној што ќе ни рече „вие сте млад народ со млада држава“, ќе му одговориме дека сме чеда на Гоцевата визија за „Млада Европа“ обединета Европа, и за светот како поле за културен натпревар на народите!
Колку и да ни е тешко, не треба да се обесхрабруваме од пречките и препреките. Сме опстоиле и сме надминале и потешки проблеми. Не сме сами. Имаме пријатели – демократи кои го почитуваат нашето право на национален и културен идентитет, на граѓански дигнитет и интегритет зашто и самите го сакаат и уживаат. Верувам во нивната поддршка и помош. Тие не се плашат да укажат и да се спротивстават на двојните стандарди и на анахроните обиди за ревизија на историјата.
Ние не се откажуваме од природниот пат кон членството во ЕУ, оти отсекогаш сме дел на Европа: географски, историски и културно, зошто да не и политички. Едноставно, ние балканските народи и нации сме биле, сме и ќе останеме Европејци.
Цврсто сме решени како што беше европски зацртано да стигнеме до целта до 2030 година, европеизирани по словото на Копенхагенските критериуми!“, рече претседателката Сиљановска-Давкова.