Македонија
Новинарите реагираат на нефер третман при промоцијата на авионската линија, Министерството се извинува

Додека се одвиваше промоцијата на авионската линија Скопје – Софија, претставници на домашните медиуми беа дистанцирани на стотици метри од настанот, без можност да земат изјава ниту, пак, да документираат кадри од случувањата, обвинуваат од новинарските здруженија ЗНМ и ССНМ.
„Во исто време, снимателите што се вработени во рамките на владините институции, како и новинари од Бугарија, имале пристап до самиот авион по слетувањето, како и до претставници од делегацијата“, се наведува во соопштението.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) сметаат дека е неприфатлив ваквиот третман на медиумските екипи, кои биле уредно поканети и акредитирани за проследување на настанот.
„Потребно е да се сфати дека тие се таму на задача со цел да известуваат во име на јавноста и дека организаторите на настанот треба да обезбедат соодветни услови за работа“, се нагласува во реакцијата.
Во неа се потсетуваме дека ова не е прв ваков случај на скопскиот аеродром, каде што пред извесно време на настан поврзан со пристигнувањето бегалци од Авганистан владини службеници снимале видеа и ги емитувале на социјалните мрежи, а новинарските екипи биле дистанцирани и попречени да си ја работат својата работа.
Од Министерството за транспорт и врски, пак, упатуваат искрено извинување и велат дека станува збор за ненамерен пропуст со кој било ограничено движењето на присутните медиуми.
„Министерство за транспорт и врски како организатор на настанот во соработка со ‘ТАВ Македонија’ обебеди пристап на платформата според меѓународните безбедносни протоколи со ограничено движење“, се наведува во извинувањето на Министерството, од каде што посочуваат дека разбирлива е реакцијата на медиумските работници во однос на овој пропуст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На граничниот премин Богородица задржувањето од македонска страна е околу половина час

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, извести АМСМ.
На граничниот премин Табановце времето на чекање за влез во државата изнесува околу 40 минути, додека на граничниот премин Богородица задржувањето од македонска страна е околу 30 минути.
На останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Незгода на патниот правец Бошков мост – Дебар, сообраќајот во прекин

На патниот правец Р1202 Бошков мост – Дебар поради случена сообраќајна незгода сообраќајот е во прекин, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Македонија
СДСМ: Мицкоски да каже за парите од осомничени од Кочани кои завршиле во ВМРО-ДПМНЕ, да не се секира за нашата стратегија

„Кога наместо да деде одговор на конкретно поставено прашање во врска со донации кои неговата партија ги добивала од сега осомничен за трагедијата во Кочани, Мицкоски би требало да одговори на тоа прашање наместо да се секира за нашата стратегија“, велат од СДСМ.
„За нас најважна е вистината и разобличувањето на обидот на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски да ја затскријат вистината за трагедијата во Кочани, но и обидот да ги сокријат нивните партиски функционери од одговорност.
Дополнително, апелираме до Христијан Мицкоски да не се секира за нашата стратегија премногу. Се оптеретува, и тоа е очигледно. А никој не сака премиер кој наместо да е оптеретен со подобрување на животот на граѓаните е оптеретен со СДСМ.
Еве и еден бесплатен совет до Мицкоски – најлоша комуникациска стратегија е стратегијата на лажење, манипулација и бегање од одговори. Реалноста Мицкоски не се поврзува со твоите пораки.
На пример, се уште никој не може да ги почувствува ефектите од четвртата најдобра економија во светот.
Никој се уште не може да ги почувствува придобивките од наводното зголемување на платата.
Сите ги чувствуваат ефектите од рекордните задолжувања, инфлацијата и безочното трошење на пари за папаја, манго, бејби биф, приватни авиони и скапи хотели. Парите на граѓаните се потрошени на луксуз за функционерите на ВМРО-ДПМНЕ додека граѓаните живеат во најсиромашната и економски најслабата држава во Европската Унија.
Никој ги нема видено туристите за кои Мицкоски зборува дека биле за 20% повеќе. Дотолку што Охрид се соочува со најлошата туристичка сезона со години.
Мицкоски, нека не те лажат дека ти поминуваат пораките. Никој не го чувствува тоа што го зборуваш.
Уште еднаш да повториме, нема поголем предавник на Македонската идеја од врховизмот. Врховизмот е авторитарност“, соопшти СДСМ.