Македонија
Новинарските организации бараат посебно одделение во Обвинителството за заштита на новинарите
Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија – ЗНМ и претседателот на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), Павле Беловски, денеска имаа средба со шефот на скопското Јавно обвинителство, Гаврил Бубевски.
На состанокот Чадиковски истакна дека од исклучителна важност за унапредување на заедничката соработка и комуникација е формирање ново одделение во рамките на ОЈО, кое ќе биде задолжено само за постапување по предмети што се однесуваат на повреда на правата на новинарите и на медиумските работници, на нивната безбедност, како и на експлицитниот говор на омраза кон нив. Од страна на Беловски беше потенцирано дека и покрај тоа што безбедноста на новинарите и медиумските работници во изминатиот период во државата е подобрена, останува фактот дека перцепцијата за степенот на неказнивост на напаѓачите кон новинарите и медиумските работници останува на високо ниво и ова е потребно да се промени.
Драган Секуловски, директорот на ЗНМ, истакна дека ОЈО има обврска да ги следи препораките на Советот на Европа за поголема заштита на новинарите, особено ПрепоракаCM/Rec (2016)41 од Комитетот на министрите до земјите членки за заштита на новинарството и безбедност на новинарите и другите медиумски актери. Според оваа препорака, Македонија како земја членка на Совет на Европа има обврска да создаде механизми за заштита на медиумските работници кога нивните права се нарушени, а додека се очекува да се изгласаат измените на Кривичниот закон, ова посебно одделение во ОЈО, кое ќе работи за заштита на новинарите, е добар модел, истакна Секуловски. Покрај ова, Секуловски укажа со цел да се намали степенот на неказнивост потребно е ОЈО да ги истражи старите случаи во кои се бележат закани за животот на новинарите, како и да биде поактивно во случаи кога новинарите се предмет на експлицитен говор на омраза и закани на социјалните мрежи.
Шефот на скопското Обвинителство, Гаврил Бубевски, го истакна своето задоволство дека овие конструктивни предлози од страна на еснафските здруженија се прифатливи и во идниот период како институција ќе се обидат набргу што може да одговорат позитивно на барањата на ЗНМ и ССНМ.
На денешниот состанок исто така се разговараше за унапредување на транспарентноста за работата на обвинителите, назначување лица од Обвинителството, кои ќе работат на случаи што се однесуваат само на предмети во кои се вклучени новинари и медиумски работници, како и подобрување на меѓусебната соработка за прашања од заеднички интерес и можноста да биде потпишан заеднички меморандум за соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Отворени гласачките места, граѓаните избираат градоначалници во 32 општини и Град Скопје
Денеска во земјава се одржува вториот круг од локалните избори, на кои граѓаните избираат градоначалници во 32 општини и во Град Скопје. Право на глас имаат 1 013 375 избирачи, од кои 474 304 гласаат и за градоначалник на главниот град.
Во првиот круг на 19 октомври беа избрани 44 градоначалници, а денеска се гласа во Центар, Карпош, Аеродром, Куманово, Кичево, Струга, Тетово, Пробиштип, Кочани, Валандово и други.
Гласачките места се отворени од 7 до 19 часот.
Изборниот процес го следат 1 598 набљудувачи – 933 домашни и 651 меѓународен. Државната изборна комисија најави дека првичните резултати ќе ги соопшти вечерва, околу 23 часот.
Вчера гласаа болните лица и затворениците, а гласањето се одвиваше непречено.
Македонија
Сончево време со температура до 23 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 18 до 23 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има слаба маглa. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 21 степен, јавува УХМР.
Во понеделник попладне, во текот на ноќта и во вторник ќе има повремени локални врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневната температура ќе опадне за неколку степени. Од среда повторно се очекува стабилно и суво време.
Македонија
ДИК: Без неправилности помина денешното гласање на болните и затворениците, гласовите ќе се бројат утре
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица, лицата кои се на издржување на казна затвор или се во притвор и лицата кои се пријавиле за гласање, а се сместени во установите за вонсемејна грижа.
Гласањето на оваа категорија гласачи се одвива во општините каде се одржува вториот круг на локалните избори и Градот Скопје.
Од вкупно 4.826 болни или немоќни лица кои можат да го остварат своето право на глас на вториот круг од локалните избори, до 20:00 часот гласале 3327 гласачи. Во 14 казнено поправни установи, каде што своето право на глас можат да го остварат 1256 лица кои се на издржување казна затвор или притвор, до 18:30 часот гласале 588 гласачи. Од 214 лица сместени во установите за вонсемејна грижа до 18:30 часот гласале 125 гласачи.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните и немоќните лица, затворите и домовите за стари лица, не се објавуваат денес посебно. Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвараат денес. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре после 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа.

