Македонија
Новини во системот „Мој термин“, се воведуваат два нови упати, „итен 24“ и „упат без термин“
Министерството за здравство и Управата за електронско здравство воведуваат новини во националниот систем Мојтермин со цел, како што велат од Министерството, подобрување на здравствената евиденција и поедноставување на работата на здравствените работници, но пред сè заради оптимизација на процесот на упатување на пациентите и побрзо добивање на услугата која им е потребна на пациентите.
Најзначајната новина што се воведува се два нови упати, од кои првиот тип е „итен 24“, кој ќе се издава доколку лекарот кој врши преглед утврди дека пациентот заради неговата состојба животозагрозувачка итна состојба е неопходно да биде прегледан од специјалист, односно супспецијалист или да му биде извршена одредена дијагностичка процедура во рок од 24 часа.
Вториот тип на упат се нарекува „упат без термин“ и се користи во случај кога пациентот има потреба од преглед, поврзан со остварување одредено право и прегледот треба да се изврши во следните седум дена. Овој тип упат ќе се користи доколку во установата каде што се упатува пациентот не постои слободен термин во следните седум дена за т.н. регуларен преглед.
Имено, упатот без термин нема да се користи за прв преглед, туку за остварување права и обврски на осигурениците од задолжително здравствено осигурување, и тоа за: препорака за боледување, препорака за користење хронична терапија, препорака и издавање ортопедски помагала, остварување право на БПО, остварување други права за кои е потребно мислење од специјалист/супспецијалист/ конзилиум на лекари, преглед/аплицирање терапија, која поради здравствената состојба треба да се изврши во рок од 24/48/72 часа.
Во делот на болничко работење се воведува нова мерка, со која отпусното писмо задолжително ќе се издава на денот на испишување на пациентот од болница, а најдоцна во рок од 24 часа. Доколку за пациентот се чека хистопатолошки наод се издава отпусно писмо со работна дијагноза, а по добивање на резултатите и отпусно писмо со конечна дијагноза.
Исто така, интерклиничкиот упат и интерболничкиот упат се спојуваат во еден тип – упат за трансфер на хоспитализиран пациент.
Управата за електронско здравство, заедно со ФЗОМ во изминатиов период работеше на подготовка на правната регулатива во овој сегмент, во соработка и консултација со јавните здравствените установи и Лекарската комора на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
30 домови во скопската општина Сарај се под вода по обилните дождови
Повеќе од 30 домови во скопската општина Сарај се поплавени, теренските екипи интензивно интервенираат
Градоначалникот Мухамед Елмази објави дека во кризниот штаб се ангажирани Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, противпожарните единици од Тетово, Противпожарната бригада на Градот Скопје, екипи од Општина Ѓорче Петров, НПК Сарај, како и полициската единица Сарај.
„Искрено им се заблагодаруваме на сите институции и тимови за нивниот професионален, посветен и солиден ангажман во справувањето со оваа ситуација.
За време на состанокот беа дискутирани понатамошните чекори што треба да се преземат за целосно санирање на последиците, поддршка на погодените семејства и превентивни мерки за избегнување слични ситуации во иднина.
Надлежните институции и служби остануваат во целосна готовност и ќе продолжиме да ги информираме граѓаните за сите нови случувања“, објави Елмази.
Македонија
Во изминатите девет часа најмногу дожд во Гевгелија, Штип и Попова Шапка
Во изминатите девет часа, до 16 часот денеска најмногу дожд наврнал во Гевгелија – 23 литри на метар квадратен, потоа Штип – 16, Попова Шапка – 14 и Берово – 12 л/м2, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи – Скопје.
По 10 л/м2 наврнале во Крива Паланка и Виница, 8 во Ѓуриште, 6 во Маврови Анови и Лазарополе, 5 во Крушево, 4 во Скопје-Зајчев Рид, Тетово, Струмица и Пожаране, 3 во Битола, по 2 во Охрид, Велес, Кавадарци и Демир Капија и 1 л/м2 во Прилеп.
Од УХМР информираат дека на повеќе места низ земјава има интеракција на подземните и површинските води и појави на заезерувања од самите врнежи. До крајот на денот се очекува висок водостој на река Вардар, река Црна и на река Треска. На останатите помали реки се очекува постепена стагнација и намалување на водостојот во вечерните часови.
Времето до крајот на денот ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот и во текот на ноќта на планините во северозападните делови врнежите од дожд ќе преминуваа во врнежи од снег. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
Управа за хидрометеоролошки работи, претходно околу 14:00 часот информира дека на хидролошката станица на река Вардар во Балин Дол е регистрирано намалување на водостојот на реката, но тој сеуште останува висок и постои опасност од излевање на реката во гостиварскиот регион, додека во наредните часови водниот бран ќе се движи низводно кон Полошката Котлина и Скопје, каде што се можни локални излевања и заезерувања во Полошката Котлина.
И во Скопје ce очекува висок водостој на реката Вардар, при што е зголемен и водостојот на реката Лепенец.
Поради зголемениот водостој на реките Кадина и Маркова, како и поради водите што не пристигнат од Горен Вардар, од УХМР информираат дека можни се локални заезерувања низводно од Скопје, на потегот околу селата Зелениково, Орешани и Таор.
Водостојот на реката Треска е во пораст и можни се излевања кај селата Пласница и Лисичани. Водостојот на реката Зајашка останува висок, со тенденција за благо намалуване во наредните часови.
Во сливот на реката Црна можни се заезерувања во Демирхисарскиот регион и Пелагониската Котлина.
Македонија
УХМР: Претпазливо движење покрај реките и суводолиците низ земјава
Според податоците од хидролошките станици низ земјава, останува висок водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот со можност за заезерувања и локални излевања во Полошката Котлина, а регистриран е прилично висок водостој и на река Кумановска и река Треска, во чии сливови се можни локални излевања, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Од УХМР, исти така, предупредуваат на претпазливо движење покрај реките и сууводолиците низ земјава.
-Регистриран е прилично висок водостој на река Кумановска и во нејзиниот слив се можни локални излевања на реките и суводолиците. Исто така, на река Треска останува исклучително висок водостојот и во нејзиниот слив се можни локални излевања, а надојдената вода е можно да претставува опасност и по столбовите на дел од Мостовските конструкции – информираат од УХМР.
На останатите водотеци на западот од земјата остануваат високи водостоите но се со тенденција на намалување. На истокот засега има помали зголемувања на водостоите на реките, иако беа забележани локални и изолирани појави на интензивни поројни врнежи во поедини делови.
-До крајот на денот се очекува да остане висок водостојот на река Вардар во горниот дел, а во текот на вечерта и за време на ноќта да има зголемување на водостојот низводно од Скопје (Јурумлери, Орешани, Зелениково, Таор) како и во Велес. Исто така и на река Треска се очекува да остане исклучително висок водостојот до крајот на денот и вечерта – информираат од УХМР.

