Македонија
(Видео) ОТА ќе биде во „Телеком“, директорот уверува дека нема незаконско прислушување
Новиот директор на Оперативно-техничката агенција (ОТА), Зоран Ангеловски, уверува дека веќе не се прислушува незаконски. Тој пред почетокот на првата средба со Комисијата за надзор над спроведувањето на пи-мерките за следење на комуникациите од страна на МВР, Финансова полиција, Царинска управа и Министерството за одбрана рече дека опремата е пренесена во новоформираната ОТА и дека од 1 ноември ќе почне со работа. Агенцијата привремено ќе биде сместена во централата на „Телеком“.
„Поради кусото време со кое располагавме, ОТА требаше да профункционира од 1 ноември, по моја одлука единственото место на кое можевме релативно брзо да ги поставиме сите технички услови беше ТК центарот на „Телеком“. Таму имаме изнајмено простор преку Владата. Просторот е во крајна фаза на подготовка и за почеток ОТА ќе биде таму“, рече Ангеловски.
Ангеловски вети транспарентност во работата, а освен оваа собраниска Комисија, втората комисија надлежна за работата на ОТА која се формира е граѓанска, третата е комисија за класифицирани податоци и четвртата за заштита на личните податоци.
Оперативно техничката агенција се формира како дел од реформските закони, по аферата со незаконското прислушување. Директорот беше избран со двотретинско мнозинство во Собранието и има мандат од пет години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

