Македонија
Новиот мост на булеварот АСНОМ се отвора за еден месец
Привршуваат градежните работи на новиот мост на булеварот АСНОМ, кој според планот се отвора за употреба во текот на наредниот месец. Мостот е веќе споен по интензивните градежни работи од двете страни на реката Вардар, соопшти Град Скопје.

Од таму велат дека Скопје по повеќе децении добива нов мост, кој овозможува брза врска на најнаселената општина во Скопје – Аеродром, со Гази Баба преку централното градско подрачје. Со новиот мост се зголемуваат функционалноста и динамиката на движење, се олеснува сообраќајниот метеж, а Скопје и скопјани на располагање добиваат безбедна врска за движење низ трите општини.
Како што велат од Градот, мостот на булеварот АСНОМ се изведува во согласност со сите современи стандарди за изградба и е граден со најквалитетни материјали.

„Кога зборуваме за функционален и поврзан град, зборуваме за нови мостови. Во Скопје два моста истовремено не се граделе со децении. Едниот го завршуваме есенва, а другиот штотуку го почнавме. Вардар нема да го дели Скопје, туку ќе го спојува“, вели градоначалникот Петре Шилегов.
Новиот мост има 6 коловозни ленти, со енергетски ефикасно ЛЕД-улично осветление, како и тротоари и нови патеки за велосипедистите и корисниците на алтернативни средства на сообраќање. На новопробиениот булевар и на мостот се воведуваат и нови линии на ЈСП, а дополнително булеварот ќе има дрворед, кој ќе биде засаден од двете страни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја делови од Илинден и Кисела Вода
ЕВН извести дека денес без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.25 до 15.30 часот, корисниците од улиците број 10, 513, 517, 529 и 532, како и објектите на фабриката Хавеп и Агрома во село Марино. ( општина Илинден )
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од ул. Томе Арсовски и ул.474.( општина Кисела Вода )
Македонија
Променливо облачно со дожд и снег на планините, од утре стабилизирање на времето
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, особено претпладне во источните делови од земјата. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег, а попладне врнежите насекаде ќе престанат. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималните температури ќе се движат од 2 до 6 степени, додека максималните дневни ќе бидат во интервал од 3 до 9 степени.
Во Скопје се очекува облачно време со повремени врнежи од дожд во претпладневните часови и слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3 степени, а максималната ќе достигне до 6 степени.
Од петок следува стабилизирање на временската состојба. За време на викендот, а особено во првите денови од следната седмица, утрата ќе бидат ведри и студени, со утрински температури кои насекаде ќе бидат под нулата.
Македонија
Апелација ја зголеми затворската казна за двајцата директори поради пожарот во модуларната болница во Тетово
Апелационен суд Гостивар ја преиначи пресудата за случајот со модуларната болница во Тетово и на двајцата обвинети им ја зголеми затворската казна од една и пол на по три години. Истовремено е зголемена и паричната казна што треба да ја плати обвинетото правно лице – ЈЗУ Клиничка болница Тетово.
Осудените директори Фљорин Бесими и Артан Етеми се огласени за виновни за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“. Судот оцени дека изречените санкции соодветствуваат на тежината на делото и последиците.
Во пожарот во Модуларната болница во 2021 година загинаа 14 лица, од кои 12 пациенти кои се лекувале од Ковид-19, и двајца роднини на хоспитализираните.

