Македонија
Новиот поткаст „Што го врти светот?“ со Јована почнува денеска во 20 часот

Од денеска ќе биде објавен новиот поткаст „Што го врти светот?“, во кој соговорници ќе бидат успешни луѓе од Македонија од разни области. Уредничка и водителка ќе биде Јована Аврамовска-Николовска, а прв гостин е Дарко Велков, креатор на еден од првите дигитални бизниси кај нас – vrabotuvanje.com.mk. Приказната на Дарко почнува како млад човек, кој работи од сè по нешто. Со цел да ѝ помогне на својата фамилија, во 2003 ја создава платформата за вработување, која денеска порасна во сериозен бизнис. Дарко зборува и за тоа кои работни места се добро платени кај нас во моментот, но и кои ќе бидат работните места на иднината. Во поткастот се отвора и темата за вештачката интелигенција и како таа влијае и ќе влијае на работните позиции и дали некои професии ќе исчезнат во следните години.
Доколку сакате први да ги видите најновите епизоди од „Што го врти светот“ следете го поткастот на:
„Јујтуб“: https://www.youtube.com/@stogovrtisvetot
„Инстаграм“: https://www.instagram.com/stogovrtisvetot/
„Спотифај“: https://podcasters.spotify.com/pod/show/sto-go-vrti-svetot
Поткастот е поткрепен од податоци на Здружението за истражувања и анализи – ЗМАИ. Оваа епизода е поддржана од активноста на УСАИД за млади што активно создаваат можности и е продуцирана од „Клип медија груп“.
Во следните епизоди од поткастот, успешни македонски претприемачи, еколози, режисери, ќе свртат муабет со Јована. Тие откриваат како да се успее на македонскиот и на светскиот пазар. Целта на овој поткаст е да ги поттикне гледачите да размислуваат креативно и претприемачки во насока на создавање вредност за себе и општеството.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: „Вреди“ вети Европа, донесе „Српски свет“

„Вреди“ дојде на власт со големи ветувања и со строги рокови за уставните измени. Прво ветија дека тоа ќе се случи пред формирање на Владата. Потоа рекоа во првите 100 дена. Потоа во три месеци. На крај, во шест месеци. Денес, по една година, Албанците слушаат само оправдувања од Изет Меџити и неговите соработници дека „времето не било доволно“, велат од ДУИ.
Вистината како што додаваат од оваа партија е едноставна: немаат ниту визија, ниту храброст, ниту политичка волја. Наместо уставни измени и европска интеграција, „Вреди“ ја отвори вратата за опасни влијанија од Белград и Москва, ја поткопа Охридската рамковна спогодба, ја ослаби позицијата на Албанците и ја блокира европската иднина на државата.
„Оваа власт стана симбол на неуспеси и секојдневни скандали. Изборните измами станаа нивната единствена владејачка практика:
• Ветија 2.500 работни места – граѓаните добија разочарување.
• Ветија финансиска поддршка за младите – граѓаните добија нула.
• Ветија национални проекти – го донесоа Иван Стоилковиќ како вицепремиер за имплементација на Охридскиот мировен договор.
• Ветија уставни измени и интеграција во ЕУ – донесоа партнерства со политичари што го пропагираат „Српскиот свет“.
Како што нагласи поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, избегнувањето на дебатата за ЕУ и одбивањето на мониторинг-механизмите не се случајни – тоа е стратегија за прикривање на корупцијата и неуспесите на оваа влада и за спречување на еднаквоста на Албанците“.
„Вреди“ оценуваат во ДУИ, се покажа како голема политичка измама и национален срам кој ја изолира државата и ги исклучува Албанците од одлучувачките процеси.
Октомври, според нив, ќе биде моментот кога граѓаните ќе кажат „доста“ на измамите, неуспесите и слепата послушност кон антизападните интереси.
„Граѓаните заслужуваат достоинствено претставување и јасна европска визија, а не празни ветувања и смешни оправдувања. Во октомври, тие ќе ја манифестираат својата волја на народниот референдум. Никој нема да може да избегне од политичката и правната одговорност“.
Македонија
Мециновиќ: Партијата Левица обезбеди конкретни придобивки за скопските средношколци – следуваат нови проекти

Кандидатот за градоначалник на Скопје од редовите на Левица, Амар Мециновиќ, преку објава на социјалните мрежи се осврна на досегашните иницијативи на советничката група на партијата во Советот на Град Скопје, со посебен акцент на мерките кои се однесуваат на средношколците.
Како што посочи Мециновиќ, благодарение на Левица денес средношколците од социјално ранливи категории имаат бесплатни екскурзии, во училиштата се воведени сензорни соби за деца со попреченост, а надоместокот за образовните асистенти е зголемен од 9.000 на 18.000 денари. Дополнително, организирани се и едукации за самозаштита при пожари.
Од друга страна, тој нагласи дека дел од иницијативите не биле поддржани од мнозинството во Советот, предводено од ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу нив се наоѓаат вработување на училишни чувари наместо користење на приватни обезбедителни фирми, бесплатни часови по странски јазици, спорт и информатика, забрана за отворање угостителски објекти во училишни дворови, како и транспарентна супервизија на тендерите за ученички екскурзии.
„Ова е насоката во која ќе се движиме и понатаму, а во кампањата ќе претставиме и поголеми замисли за училиштата под градската управа. Скопје, младост – ти ќе бидеш!“, порача Мециновиќ.
Македонија
Чулев: Кога службите стануваат политичко оружје, страда демократијата

Кога службите стануваат политичко оружје, страда демократијата. Внатрешните истраги во Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност, како и известувањата поднесени до ОЈО за грубо кршење на законот од страна на раководители и вработени во нив, недвосмислено укажуваат на системска злоупотреба на безбедносно-разузнавачките служби, објави на социјалните мрежи поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање Наќе Чулев.
Според него, злоупотребата на државни ресурси за следење и прислушување на лидер на опозицијата и истакнати опозициски претставници, новинари, бизнисмени, обвинители, министер и кој ли уште не, не е изолиран инцидент и удар врз поединци, туку удар врз демократијата, слободата, владеењето на правото и довербата во институциите.
„На виделина излегоа и причините за мојата професионална дискредитација, но и дискредитацијата на други колеги, незаконското следење, клевети и координирана манипулативна кампања со цел елиминација на професионални кадри од безбедносниот систем, само поради идеолошки разлики.
Уште од 2020 година, и покрај сите притисоци, измислени оперативни обработки и закани, во континуитет јавно предупредував и укажував на ризиците од незаконското постапување и злоупотребата на службите со цел демонизирање на опозицијата. Тука е и латентната колатерална штета, бидејќи манипулативните и лажни белешки не застануваат кај таргетираната личност, туку отруеното досие со години фрла сенка врз сопружници, браќа/сестри и деца – блокира работни места и сертификати, комплицира визи, работни дозволи и го лимитира пристапот до граѓански права, лепи стигма, го нарушува угледот и достоинството и на тој начин станува колективна казна“.
Денес, како што истакнува, кога е евидентно дека ресурсите на службите брутално се злоупотребувале за политички, бизнис и лични интереси, апелира дека е неопходно да има целосна истрага, декласификација на дел од фабрикуваните материјали и санкционирање на нарачателите и извршителите.
„Ова е битка, но и можност да изградиме модерен, транспарентен и одговорен безбедносно-разузнавачки систем кој ќе ја штити државата и граѓаните, а не ќе се користи за прогон на политички неистомисленици“, нагласува Чулев.