Македонија
(Видео) Новиот претседател Стево Пендаровски ја положи заклетвата
Откако ја положи заклетвата, новиот претседател на земјава, Стево Пендаровски одржа говор во Собранието пред присутните претставници на дипломатскиот кор, министрите, поранешните претседатели и високи државници од регионот, велејќи дека ќе биде претседател на сите граѓани, а не само на оние коишто гласале за него.

,,Речиси да не постои една држава којашто е толку мала, а која е поделена по толку основи. Повеќе нема да го дозволам тоа”, порача новиот претседател.
Првата работа којашто ќе ја направи, рече тој, е дека ќе подаде рака за соработка со опозицијата. Оваа изјава немаше кој да ја чуе, бидејќи столчето во Собранието предвидено за лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски остана празно.

На свеченоста не беше присутен ниту премиерот Зоран Заев , кој претходно преку видео порака му ја честиташе инаугурацијата на Пендаровски и му посака да биде претседател на сите.
Владата претходно соопшти дека Заев од приватни причини користи годишен одмор, што наиде на критики во јавноста поради периодот во кој што се случува неговото отсуство.

Пендаровски потенцираше дека нема да го толерира непотизмот и корупцијата, ќе го поддржи граѓанскиот сектор кој досега бил маргинализиран, толерантно ќе ги поднесува критиките на неговата работа од страна на медиумите и ќе се залага за реформи во разузнавачките служби.
,,Време е да ги залечиме раните од минатото, нема резервна татковина”, рече тој.
По свечената церемонија, предвидено е претседателот Ѓорге Иванов и претседателот Стево Пендаровски да одржат тет-а-тет средба, по што ќе следува и заедничка средба на двајцата претседатели со вработените во кабинетот на претседателот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

