Македонија
Нови амбасадори на Гана, Естонија и Уганда во Македонија
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Естонија, на Суверениот Воен Ред на Св. Јован од Ерусалим, Родос и Малта, на Република Гана и на Република Уганда.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Естонија за Република Македонија, со седиште во Будимпешта, Н.Е. Кристи Карелсон, претседателот Иванов изрази задоволство од одличните билатерални односи, што во континуитет ги негуваат двете пријателски држави, афирмирајќи го интересот за натамошно интензивирање на заедничката соработка, особено во економијата и трговската размена.

„Република Македонија придава посебно значење на развојот на пријателските односи со Република Естонија и во овој контекст, дозволете ми да се заблагодарам за досегашната континуирана поддршка што Вашата земја ја дава за реализација на македонските стратешки цели, интеграциите во ЕУ и НАТО“, рече претседателот Иванов.

Амбасадорот Карелсон потенцираше дека Естонија ја поддржува нашата цел за членство во НАТО и како долгогодишен поддржувач на проширувањето на Европската Унија, особено се залага за почеток на пристапните преговори со Република Македонија.
„Би сакал да ја потврдиме нашата подготвеност да го споделиме искуството што го стекнавме во градењето на нашата е-влада и дигиталната економија. Нашата соработка во оваа област веќе започна и на тој начин стана добра основа за одличните билатерални односи меѓу Естонија и Македонија“, рече амбасадорот Карелсон.
На средбата со новоименуваниот амбасадор на Суверениот Воен Ред на Св. Јован од Ерусалим, Родос и Малта за Република Македонија, Н.Е. г. Франческо Саверио Џусти, претседателот Иванов нагласи дека водилка во релациите меѓу Република Македонија и Суверениот Воен Ред на Малта се духот на пријателството и взаемното почитување.
„Дипломатските односи меѓу Република Македонија и Суверениот Ред влегоа во третата деценија од нивното воспоставување. Сите овие години споделуваме заеднички културни и цивилизациски вредности кои се цврсти мостови на поврзување и меѓусебна соработка“, рече македонскиот претседател, изразувајќи благодарност за досегашниот ангажман на Редот во хуманитарните мисии во Република Македонија во изминатите две децении. Амбасадорот Џусти потенцираше дека од нејзиното отворање во 1998 година, Амбасадата на Суверениот Воен Ред на Малта во Скопје има имплементирано неколку хуманитарни и социјални активности во различни места во Македонија, додавајќи дека негова улога како амбасадор на Суверениот Воен Ред на Малта ќе биде да ги поттикнува овие иницијативи.
На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Гана за Република Македонија, со седиште во Прага, Н.Е. г-ѓа Вирџинија Хесе, претседателот Иванов изрази подготвеност за изнаоѓање на различни форми за развивање на меѓусебните дипломатски односи и го поздрави интересот на студентите од Гана за школување во Република Македонија, како позитивен пример на соработка во областа на образованието. Г-ѓа Хесе нагласи дека како амбасадор на Гана ќе работи на зајакнување на односите меѓу двете земји, за подобрување на трговските односи како и за постигнување на начелата за одржливи и развојни цели.
На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Уганда за Република Македонија, со седиште во Рим, Н.Е. г-ѓа Елизабет Паула Напејок, македонскиот претседател истакна дека и покрај географската оддалеченост меѓу двете земји, постојат начини за создавање на услови за развој и за унапредување на севкупните билатералните односи и взаемната соработка во различни сфери.
Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ некогаш беше државтворна партија, а сега се занимава со трач муабети, реагира движењето ЗНАМ
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија реагираше на, како што наведуваат, обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека партијата „бега од одговорност со навреди, етикетирања и лични дискредитации“.
Во реакцијата, од ЗНАМ наведуваат дека СДСМ, наместо да понуди аргументи и одговори за кономската и институционалната состојба во државата, се занимава со „озборувања“ и „трач муабети“.
Партијата оценува дека СДСМ, која некогаш беше државотворна партија, денес е сведена на фабрика за навреди, конструкции и политички отров, како и дека со улична реторика покажува нервоза и очај.
Од ЗНАМ нагласуваат дека движењето не е ничја квислиншка група, туку автентична политичка сила создадена од граѓани разочарани од владеењето на СДСМ.
Во реакцијата се споменува и периодот на владеење на Зоран Заев, при што се изнесуваат критики за, како што наведуваат, националните политики и управувањето со државата. Се споменува и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, при што се посочуваат, како што стои во реакцијата, контроверзии и сомнежи за тендери и набавки.
„Политиките на Зоран Заев останаа запаметени како период во кој националните интереси се ставаа на распродажба без јасен консензус и без чувство за државничка мерка. Со рачето на срце се промовираше како чесен и достоинствен, а всушност државата ја претвори во сопствен приватен бизнис. Симболиката на „едно евро за Вицето, едно за црквата“, беше само дел што нештото го докажува. Ги распродадоа македонските национални позиции на ангро, без јасна стратегија и без поддршка, ја разнишаа довербата во институциите и ја продлабочија поделбата во општеството. И по сето тоа, истите тие кругови, истото тоа раководство, се обидуваат да зборуваат за морал и одговорност, како граѓаните да немаат паметење. Во периодот кога со здравството раководеше Венко Филипче, јавноста беше сведок на низа контроверзии, сомнежи за тендери, набавки и прашања на кои никогаш не доби целосни и транспарентни одговори. Златни визи, сомнителни бизнис релации и повластени шеми, сето тоа се случуваше во време кога СДСМ ветуваше „живот за сите“, а испорача привилегии за малкумина“, велат од ЗНАМ.
Од ЗНАМ дополнително оценуваат дека опседнатоста на СДСМ со наративи за т.н. ‘српски свет’ и со случувањата во соседна држава и нивната постојана потреба да отвораат фронтови и да се караат со сите, од политички партии до новинарие прашање што партијата треба да го решава во сопствени рамки.
Македонија
Нова опрема за анализа на тешки метали во почвата во Државната лабораторија за животна средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска ја посети Централната лабораторија при Министерството, каде најави системско и координирано решавање на сите институционални предизвици.
Тој нагласи дека модерна и функционална Централна лабораторија претставува темел на ефикасната заштита на животната средина и гаранција за точни и навремени податоци во интерес на јавното здравје. Целта е да се обезбедат стабилни услови за работа и долгорочно унапредување на капацитетите.
Во рамки на посетата беше нагласено дека Лабораторијата успешно ја обнови акредитацијата за наредните четири години за вкупно 20 методи, од кои една за мерење на амбиентална бучава и 19 за индустриски отпадни води и за површински води. Она што следува е забрзување на процесот на акредитација на методите за мерење на загадувањето на воздухот од стационарни извори.
Дополнително,во рамки на посетата беше презентиран новиот ICP-MS инструмент, кој овозможува анализа на тешки метали во почва, вода и воздух и со кој значително ќе се унапредат аналитичките капацитети на Државната лабораторија за животна средина.
Македонија
Уставниот суд: Нема постапка за пензиите, запрена за Кривичниот законик
По 5. седница на Уставниот суд, претседателот Дарко Костадиновски и судијата проф. Осман Кадриу информираа за одлуките по предмети од поголем јавен интерес.
Судот не поведе постапка за оценување на одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на исплата на пензиите во земјата.
Подносители на иницијативите се Игорчо Точев, Љубомир Сандевски, Темелко Ристески и Кире Батев.
Претседателот Костадиновски изјави дека мнозинството судии оценило оти пензионерите кои ја примаат пензијата во државата и оние што ја примаат надвор од неа се во иста правна, но не и во иста фактичка состојба. Според него, за повреда на членот 9 од Уставот, кој се однесува на еднаквоста, потребно е субјектите да бидат во иста правна и фактичка положба, што во овој случај не е исполнето.
Тој посочи дека мерката има социјален карактер и легитимна цел – ублажување на последиците од растот на трошоците и инфлацијата. Додаде дека по истекот на времените услови утврдени со мерката, се враќа редовното законско усогласување на пензиите, кое важи и за лицата што не живеат во земјата.
Судијата-известител Осман Кадриу изјави дека предложил да се поведе постапка, но не добил мнозинство гласови. Тој оцени дека со оспорените одредби се врши дискриминација врз пензионерите кои живеат надвор од државата и дека им се ускратуваат правата на зголемување и усогласување на пензиите.
Во однос на предметите У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023, кои се однесуваат на измените на Кривичниот законик, Судот ја запре постапката, оценувајќи дали Законодавецот постапил согласно насоките од претходното решение со кое беше поведена постапка.
Мнозинството судии констатирале оти во формален аспект Законот е донесен согласно процедурите. Во однос на материјалната уставност, дел од судиите сметале дека новото решение не е идеално, но е подобро од претходното.
Тој нагласи дека евентуално поведување нова постапка и укинување на законот би создало правен вакуум и правна празнина во санкционирањето на злоупотребите на јавни средства, поради што мнозинството одлучило да ја запре постапката, водејќи се од принципите на правна сигурност и предвидливост.
Судијата Кадриу изјави дека гласал против запирањето на постапката, наведувајќи дека, иако Законодавецот ја испочитувал формалната процедура, не постапил целосно по одлуката на Уставниот суд во материјалниот дел.

