Македонија
Димовски, Пандов, Клековски, Миланов и Трајанов нови директори на пет државни институции
Владата на Република Северна Македонија денеска ја одржа втората седница на која се донесоа повеќе одлуки, меѓу кои и одлука за именување на раководни кадри на пет државни институции.

На позицијата ВД директор на Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони е назначен Гоце Димовски. Димовски е доктор на науки, докторирал на тема „Улогата на странските директни инвестиции на перформансите на малите и средни претпријатија во Република Македонија”. Тој има долгогодишно работно искуство во институции и компании како што се ОБСЕ-ОДИХР, Министерство за транспорт и врски, Национален Парк „Маврово”, Совет за јавните набавки на Македонија, Јавно сообраќајно претпријатие – Скопје, Пелагонија АД Гостивар, Министерство за финансии – Проект за подобрување на општинските услуги (МСИП и МСИП2) финансиран од Светска Банка, ЦРППР – Проект за стратешко планирање, истражување, развој на студии и креирање на пакет проекти за регионален развој на Полошкиот регион (iCARE) и Совет на Општина Гостивар.
Димовски исто така има искуство во имплементација на инвестициски проекти финансирани од различни меѓународни финансиски институции како што се Светска Банка, Европската инвестициона банка, Банката за развој при Советот на Европа, Европската банка за реконструкција и развој и Германската развојна банка КфВ.

Владата го назначи Александар Пандов за нов ВД директор на Управата за извршување на санкции. Пандов е дипломиран историчар на Институтот по историја на Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Бил пратеник во македонското собрание од 1998 до 2002 година. Пандов има работно искуство во приватниот сектор.

За ВД директор на Фондот за здравствено осигурување, владата го назначи Сашо Клековски. Клековски завршил Медицински факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје и МБА академска програма на УАЦС. Тој има триесет годишно искуство како менаџер, аналитичар, консултант во јавниот, граѓанскиот и приватниот сектор. Основач е и член на органи на повеќе граѓански организации, а соработувал со голем број на граѓански организации, мрежи и платформи од различни подрачја. Прв ко-претседател на Заедничкиот консултативен комитет на граѓанското општество меѓу Европската Унија и Република Македонија од 2007 година до 2010 година. Предавач на Факултетот за деловна економија и менаџмент на УАЦС на МБА студии по предметот Претприемнички финансии од 2013 до 2016 година. Во јавниот сектор работел на подготовка на повеќе национални стратегии, како на пример првата Стратегија за соработка на Владата со граѓанскиот сектор 2007-2011 година и првата Државна програма за превенција и репресија на корупцијата 2007-2011 година, како и на јакнење на капацитетот на институции, како што се Народен правобранител и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Во приватниот сектор работел на стратешки анализи, како на пример Индексот за бирократија во 2020 и 2021 година и како консултант на реструктуирање на бизниси.

Владата го назначи Оливер Миланов за ВД директор на Агенцијата за храна и ветеринарство. Миланов завршил Стоматолошки факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Миланов има работно искуство во делот на безбедност на храна, а доаѓа од позицијата ВД раководител на Секторот за храна од неживотинско потекло во Агенција за храна и ветеринарство.
Учествувал во комисии и работилници од областа на безбедност на храна, а се стекнал со меѓународни сертификати преку учество на обуки во организација на Европската Унија.
Владата му препорача на Управниот одбор на ЈП за стопанисување со државни шуми „Национални шуми“ да го избере Здравко Трајанов на ВД директор на „Национални шуми“.

Трајанов е редовен професор на Шумарски факултет во Скопје, на областа Искористување на шумите, Механизација во шумарството и Други, по предметите Шумски транспорт, Отворање на шумите, Вовед во градежништво, Парковски инфраструктурни објекти, Влијание на активностите врз животната средина, Феријална пракса. Трајанов во 2001 година бил член на бордот на директори на ШИК Плачковица – Радовиш (претставник на државниот капитал). Во 2006 година бил надворешен советник во ЈП Македонски шуми, а бил и учесник во работната група за трансформација на ЈП Македонски шуми во 2013 година. Трајанов бил советник во Советот на Општина Радовиш, како и пратеник во Парламентот од 2020 до 2024 година. Тој има посетувано бројни обуки и има објавено голем број на научни и истражувачки трудови во областа на шумарството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Тренчевска до Дурмиши: Кажувате нема пари за 600 евра плата, а Владата се луксузира со народни пари
Пратеничката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Јована Тренчевска, на денешните пратенички прашања, упати прашање до министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, во кое посочи дека за две години владата на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека граѓаните, работниците, не им се на приоритената листа. Тренчевска нагласи дека наместо да ми се помогне на работниците и да им се обезбеди 600 евра минимална плата, власта со парите на граѓаните се луксузира. Во обраќањето Тренчевска го праша министерот Дурмиши дали не се срами како министер кој е одговорен за благосостојбата на работниците да кажува дека нема пари за 600 евра минимална плата, додека премиерот Мицкоски го користи владиниот авион за летување на Јадранско море, а работниците надвор протестираат за својот егзистенцијален минимум.
„Животот на граѓаните е сведен на преживување. Луксуз е да се живее достоинствено. Луксуз е да се наполни кошничката во маркет со основните прехранбени производи, луксуз е да се платат сметки за струја и комуналии, луксуз е да се оди на годиншен одмор.
За две години владата на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека граѓаните, работниците, не им се на приоритената листа.
Семејниот буџет на работникот е на минимум, а притисокот од цените расте. Ниту три минимални плати не се доволни за покривање на основните животни потреби“.
И во ова време кога синдикалната кошничка надминува 66.000 денари, кога една третина од месечните трошоци одат само за храна и пијалоци, кога родителите пресметуваат дали ќе има за струја, за школски прибор или за храна, оваа власт, вели Тренчевска, гледа само како повеќе да зграби од граѓаните, за да има повеќе за своите луксузи.
Зборуваме, додава таа, за 600 евра минимална плата за достоинствен живот на работниците, наспроти милионските криминални тендери и луксузирања на власта.
Како што оцени, Ккалитетот на животот на работниците е на дното а владата има обврска да обезбеди достоинствени плати, а не бизнис тендери.
Нагласи дека пари во Буџетот има.
„Ви дадовме предлог од кои ставки да се скрати, за да се обезбеди повисока минимална плата.
Ама треба да си скратите од луксузот, од вашата комфорност на грбот на работниците.
Еве ќе ви повторам – ако скратите 20-30% само од ставките 42 и 43/6 од Буџетот, за патни трошоци, за репрезентативен материјал, за патување, службени возила итн, ќе обезбедите околу 120 милиони евра.
Ајде, покажете доблест, покажете дека се грижите за работниците. Покажете волја и минимум почит кон оние кои ве гласале и благодарение на кои седите во овие удобни столчиња“.
„Па уште и нов авион ќе купувате, подготвени сте да дадете 300-400 милиони евра за нов авион, за нови туристички патувања и луксузирања, ама не и да ја зголемите минималната плата на 600 евра.
Жално. Немате никакво оправдување за оваа ваша неодговорност, и безобразно трошење на парите на граѓаните. Се се може кога се сака. Два пати го поднесуваме Законот за минимална плата и упорно се инаетите и не го прифаќате.Зошто? Затоа што е од СДСМ? Па сите ние сме избрани за да работиме за доброто на граѓаните.
Вашите први две години од мандадот ќе останат запаметени по криминални тендери и приватни бизниси, луксизирања, папаја, манго, пуста желба за еден нов авион“.
Македонија
Нови измами со лажни сообраќајки по телефон, лажни лекари и полицајци барале илјадници евра
Вчера во СВР Велес биле пријавени шест случаи на обиди за измами. Еден случај е пријавен во СВР Велес од 53-годишна велешанка, која пријавила дека машко лице се јавило на нејзиниот татко и му кажало дека неговата ќерка се здобила со тешки повреди, за што е потребно да се направи операција и побарал да донесе пари за интервенција во болница во Велес.
Останатите пет случаи се пријавени во ОВР Неготино, каде лица на возраст од 69 до 78 години, пријавиле дека машко лице им се јавило, им кажало дека членови на нивните семејства се здобиле со повреди и за да се изврши оперативен зафат потребно е да донесат пари.
Побараните суми достигнувале и до 35.000 евра, а лицето во неколку од случаите се претставувало како лекар или како полициски службеник. На некои од пријавителите им било побарано парите да ги однесат во здравствени установи во Скопје, а на други во болницата во Велес.
Сите пријавители се посомневале, ги контактирале своите блиски и сфатиле дека се работи за измама.
СВР Велес апелира до граѓаните да бидат особено внимателни при комуникација со непознати личности и сите сомнителни случаи да ги пријават во полициска станица. Исто така, полициските службеници и во претстојниот период ќе продолжат со засилено темпо да реализираат превентивни активности за заштита од измами, особено за повозрасната популација, со цел граѓаните да се информираат и едуцираат за опасностите од телефонските измами, како да ги препознаат и да не дозволат да бидат жртви на овој вид измами.
Македонија
Зелен хуман град: Јавна расправа за Луна паркот веднаш
Од моментот кога се почнати првите активности за обнова на Луна паркот до денес се сменија 4 градоначалници и помина повеќе од една деценија, ама исклучувањето на јавноста остана константно, истакнуваат од граѓанската иницијатива Зелен хуман град.
„Се чувствуваш ли дека имаш глас во одлуките што ги носи Градот? Дека твоето мислење може да ги обликува политиките што го обликуваат Скопје?
Скопјани сакаат Луна парк, ама ги прашал ли некој каков и колку голем Луна парк сакаат?
Ги прашал ли дали сакаат да ја наруши тој Луна парк основната функција на Градскиот парк – зелено прибежиште во изразено загаден град?
Замислете некој да се осмелеше да стави луда железница како во Дизниленд сред Централ парк во Њујорк?
Континуираната изградба, осветлувањето, големиот пешачки и автомобилски сообраќај и механичката бучава од реквизитите и луѓето кои ќе ги користат во текот на целата година би ги нарушиле природните живеалишта, би ги избркале птиците и животинките кои се во паркот“.
Спотред нив, поставувањето Луна парк со големи механички реквизити и возења во средината на Градскиот парк Скопје сериозно ќе го оштети биодиверзитетот на областа. Како што напоменуваат, природните екосистеми зависат од стабилност, ниски нивоа на бучава и минимално човечко вознемирување.
„Луна паркот има голема сентиментална вредност како место за спомени, дружење и рекреација на генерации скопјани. И тоа и мора да остане! Да се задржи во неговите постојни граници, да биде парк за деца, а не евтин Дизниленд. Стариот Луна парк беше направен исклучиво за деца до 10-годишна возраст, а не за возрасни.
Бараме итно да се организира јавна презентација на проектот и јавна расправа. Не може крупни проекти со потенцијал за штетни последици да се решаваат зад затворени врати“, реагираат од Зелен хуман град.

