Македонија
Нови противпожарни апарати поставени во сите училишта и градинки во општина Карпош
Општина Карпош издвои 1.440.000 денари за набавка на нови противпожарни апарати, наменети за сите основни училишта и детски градинки на територија на Карпош.
По тој повод, градоначалникот Стевчо Јакимовски, денеска беше во обиколка на ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“, каде непосредно ја констатираше фактичката состојба со оваа училишна установа од аспект на безбедноста.
„Шест месеци пред трагедијата во Кочани, Дирекцијата за заштита и спасување ја алармираше нашата институција дека фирмата којашто ги одржува противпожарните апарати во Карпош, односно во училиштата и градинките, практично прави груба злоупотреба со тоа што истите противпожарни апарати не ги проверува туку ги зема и ги враќа назад, при што само ги менува контролните картончињата на уредите. Оттаму Дирекцијата не потсети дека законска обврска е да немаме противпожарен апарат во објектите, којшто е постар од пет години. Кога направивме една комплетна анализа, за жал констатиравме дека овде имаме противпожарни апарати од 1955-та година“, објасни Јакимовски.
Првиот човек на Општината предупреди на потенцијалниот ризик и несаканите последици кои можеа да настанат од оваа ситуација.
„Не дај Боже да се случеше некој немил настан. Тој дел од противпожарната заштита бил целосно незаконски а згора на сè, неодговорноста на фирмата којашто ние секоја година ја избираме и која е должна да ни ги воочи недостатоците што ги имаме во противпожарниот систем во градинките и училиштата го прави токму спротивното. Затоа општина Карпош издвои околу 55 илјади евра за набавка на нови 453 противпожарни апарати S-9 и CO2, кои служат за гаснење на пожар, доколку истиот е предизвикан од спој со електричната мрежа“ – образложи Јакимовски.
Во оваа пригода тој изрази голема благодарност до Кинеската амбасада, која донираше 98 противпожарни апарати во градинките и училиштата на територија на Карпош.
Во исто време, додаде Јакимовски, издвоивме уште 1.700.000 денари за проверка и реконструкција на хидрантската мрежа во сите училишта и градинки, затоа што во некои од нив не е соодветна инсталацијата од цевководи.
„Од тие причини летоска ќе ги извршиме потребните реконструкции и некаде во септември, сите училишта и градинки ќе бидат комплетно опремени со соодветна опрема за заштита од пожар“, истакна Јакимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.

