Македонија
Нови рочишта за случаите „Траекторија“ и „Тендери“

Нови рочишта за случаите „Траекторија“ и „Тендери“ на СЈО денеска треба да се одржат во кривичнот суд во Скопје. Случајот „Траекторија” се наоѓа во доказна постапка и во него се обвинети експремиерот Никола Груевски, на кого му се суди во отсуство, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексдиректорот на ЈП „Државни патишта“, Љупчо Георгиевски.
Според обвинението на СЈО, тие во 2012 година и 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на буџетот од најмалку 155 милиони евра.
Во „Тендери“, пак, првообвинета е ексминистерката за култура Елизабета Канческа-Милевска за тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност од проектот „Скопје 2014“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Јанковиќ: ВМРО-ДПМНЕ штити милионски злоупотреби во Еразмус+, зошто в.д. директорката не е разрешена?

Молк во Владата по објавувањето на скандалот со милионските проневери во Еразмус+. Зошто в.д. директорката не е разрешена кога е потврдено дека била дел од истрага на ОЛАФ – Европската канцеларија за борба против измами, праша Јовица Јанковиќ од СДСМ.
Наместо да ја разреши и да побара одговорност, додаде тој, Владата молчи и ја остава на функција со што директно ја штити.
„Ова значи само едно: власта е фатена жива, со рацете во европските фондови. Затоа со очајни напади врз СДСМ ВМРО-ДПМНЕ се обидува да побегне од вистината. Но, од вистината нема бегање. Фактите се содржани во Извештајот на ОЛАФ кој е доставен до Јавното обвинителство. Постои основано сомнение за злоупотреби на над 2 милиони евра европски пари, идентификувани се повеќе од 50 физички и правни лица во Македонија и пет земји-членки на ЕУ. Остануваат и сомнежите за тоа како се расределени над 8 милиони евра во периодот 2014–2017 година? Токму во тој период Ана Михајлов заедно со својата кумашинка Дорина Ѓорчева Митровска биле евалуаторки во Агенцијата. Улогата на Бошко Нелкоски, првиот директор на агенцијата и ментор на новата в.д. директорка, поврзаноста со фирмите „Силвер Лион Сервисес“ и „Агронимија Органика“ и дали тие се дел од истата мрежа на сомнителни тендери и злоупотреби идентификувани од ОЛАФ останува да ги утврди Јавното обвинителство. И клучното прашање: во чии џебови завршија милионите евра европски пари? Очиглендо е зошто не се постапува. ВМРО-ДПМНЕ ги штити милионските шеми и злоупотреби во Еразмус+“, вели Јанковиќ.
Според него, за овој скандал решението е само едно – разрешување на в.д. директорката, итна и целосна кривична истрага за сите инволвирани во овие милионски злоупотреби на европски пари.
Македонија
Отворена изложба на фотографии од балканскиот рис во Галичник

Македонското еколошко друштво вчера во Галичник ја отвори изложбата на фотографии од балканскиот рис.
Изложбената поставка содржи 21 фотографија од балкански рисови фотографирани во Македонија, Албанија и Косово.
Пред присутните се обрати раководителот на Програмата за закрепнување на балканскиот рис, Диме Меловски, кој објасни дека денес во дивината се останати уште помалку од 50 единки од овој критично загрозен вид.
Многубројната публика го искористи присуството на тимот на Македонско еколошко друштво за да ги прошири своите знаења за балканскиот рис.
Програмата за закрепнување на балканскиот рис, која делува во рамки на МЕД, следната година одбележува две децении постоење и посветена работа. Таа беше првиот поттик за систематско мониторирање и истражување на овој вид, со крајна цел да се обезбеди неговиот опстанок.
Балканскиот рис е апекс-предатор, без природни непријатели во животинскиот свет. Неговиот најголем непријател е човекот – преку криволов или индиректно, преку уништување на шумите, со што се загрозува неговото живеалиште и се поттикнува неговото исчезнување.
Во хотел „Неда“ ќе биде достапна за посета до 31 август, а влезот е бесплатен. Изложбата има патувачки карактер, таа ќе биде претставена и во други места низ Македонија.
Македонија
Претседателката на Советот на Општина Битола ќе се кандидира за градоначалничка

Актуелната претседателка на Советот на Општина Битола од независната граѓанска иницијатива „Поинаку“, Габриела Илиевска, утрово објави дека како независна ќе се кандидира за градоначалничка на Битола.
Таа ги повика граѓаните да се приклучат против, како што вели, 30-годишното запоставување на градот.
„Добро утро Битола! После сите шпекулации, написи, приказни, плукања, честитки … еве да расчистиме!
Ве повикувам сите битолчани, без разлика дали сте симпатизери или членови на било која политичка партија, гласачи досегашни на било која политичка опција, досегашни “негласачи” … сите… кои сакате да живееме во …поуба, почиста, непартиска, независна Битола. Да ме поддржите за независен , кандидат за градоначалник и да се приклучите кон фронт против 30 и кусур годишното запоставување на градот. Или сите заедно против партиското уништување на Битола или ќе му остајме да не уништуваат. Без уцени за работни места! Без уцени за тендери! Без уцени за директори! Без заплашувања, прв пат Битола ќе има шанса да одлучи кој ќе ја води во следните 4 години“, напиша Илиевска.