Македонија
Нови 30 дена притвор за Усеини и брат му, судот се сомнева дека ќе избегаат
Нови 30 дена притвор им се одредени на Нефи Усеини и брат му, од страна на охридскиот суд, по барање на Обвинителството, а со поднесување на обвинителниот акт со кој се гонат за нападот на нивниот сограѓанин Спире Топалоски.
Мерката е продолжена поради соменевањето дека тие можат да избегаат и да бидат недостапни за органите на прогонот.
Браќата Усеини веќе осум дена се наоѓаат во притвор, откако претходно полицијата не можеше да ги најде во нивните домови и објави локален распис по полициските станици. Двајцата се гонат за кривично дело насилство.
За да излезат од притвор, тие понудија и гаранција од 30 илјади евра, која охридскиот суд ја прифати, а, пак, Апелациониот суд во Битола ја одби.
Ова не е прв инцидент во кој учествувал советникот Нефи Усеини. Усеини во април минатата година спречи инспектор да изврши увид на дивоизградената тераса кај Чинарот, а притоа и му се заканувал. Обвинителството отвори предмети два месеца потоа, односно неколку дена пред Усеини да го натепа советникот во Општина Охрид, Џемал Мена, среде седница.
Охридскиот советник е ослободен од еден случај, за физичкиот напад на професорот Илјаз Илјази, кој беше натепан пред неговото престојувалиште во Охрид. Обвинителството кажа дека не знае за настанот, односно не добило пријава од СВР Охрид.
Инаку, по повеќе од година, сите предмети отворени против Усеини во охридското обвинителство тапкаат во место. Оттаму последно кажаа дека поради пандемијата, обвинителите работат само на итните случаи, а додека, предметите кои се во редовна постапка како оние за Усеини, ќе се разгледуваат во наредниот период откако ќе се врати нормалното работење на Основното јавно обвинителство Охрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Велес е нормализиран во двете ленти
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес е нормализиран во две коловозни ленти, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.
Македонија
Одрон во должина од 80 метри на патот Скопје-Велес: сообраќајот кај Сопот се одвива по една лента
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес, околу два километри пред Сопот, од 21 часот се одвива по една коловозна лента (десната) поради поголем одрон.
Како што информираат oд АМСМ, одронот е во должина од 80 метри.
Фото: илустрација (depositphotos)

