Македонија
„Новото’’ лице на СДС, преточено во Филипче, е само продолжение на Заев, на неодговорност, на криминал и на корупција, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Тоа што СДС спадна на тоа нивниот „лидер’’ да има 18 илјади гласови на внатрепартиски избори, а на рејтинзи имаат околу 7%, говори за фактот дека СДС веќе не е втора партија во државата, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа што упорно им го говоревме дека не треба да го прават додека беа власт СДС и Филипче, им се удира секојдневно од глава. За жал, гледаме дека и ден денес, политиката на СДС е само бледо продолжение на политиката на Заев.
Покажувањето на моќ, нетранспарентноста, тендерите во четири очи, синови и ќерки со стипендии и вработувања по државни институции, некомпетентни кадри во државните институции, виткањето кичма на меѓународно поле, лошите образовни програми, 2% доверба во правосудството кое тие си го одбраа со ДУИ, изживувањето на полициските службеници, ваучери за млади и спорт наместо кај спортистите, завршуваа во џебовите на раководните лица, стотици илјади евра за тренинзи за магариња, рецепти за пица и фризерници, богатење на маката на граѓаните преку давање на вода наместо физиолошки раствор на Онкологија, набавка на вакцини со цел провизиите да завршат во џебовите на Филипче и Заев во договор со непостоечка фирма од Хонг Конг, немањето на одговорност за случаи како модуларна болница, Беса транс, Дурмо турс, Мартин Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље и еден куп други случаи, поради кои граѓани ги губеа своите животи, а никој не понесе одговорност“.
И по Заев, Заев, додадваат од владејачката партија.
Тука, како што посочуваат е проблемот во СДС.
Според ВМРО-ДПМНЕ, наместо да се извинат и со нови кадри да понудат избор на граѓаните, тие повторно со „Филипче, Фани Сорос, Чупеска гласноговорникот кој работеше за СДС пред да стане потпретседател, Јон Фрчкоски директор на аналитички центар, пратеници им се луѓе кои претходно ја водеа Владата во Македонија, заради кои сме дојдени до ова дереџе денес“.
Од партијата на Мицкоски оценуваат дека СДС и Филипче, немаат никаков кредибилитет да говорат за работата на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„Со оглед на тоа што дочекавме кога ја презедовме државата која беше на раб на банкрот, сега сме сведоци на поголеми плати, намалена инфлација, нови образовни програми, развивање на туризмот, рекордни странски инвестиции, зголемување на бодови на здравствени работници, редовни плати, субвенции за земјоделци, дигитализација на административните услуги, расчистување со криминалот по македонските улици, корупцијата се намалува, и после долго време, има одговорност“.
Денес, според соопштеното од ВМРО-ДПМНЕ, одговорноста има име и презиме, а не како порано, кога криви беа пајаците, каблите и слично.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд, информира УХМР.
Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен утре кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд.
До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Утре прекинато водоснабдување во делови од неколку скопски општини
Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( вторник ) се планирани неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Кисела Вода)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Карпош)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц),
прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Бутел)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Центар)
Македонија
Јаневска: Со универзитетите го подготвивме и со конструктивна дебата ќе го завршиме Законот за високото образование
Министерството за образование и наука не е спротивставена страна на академската заедница, напротив во соработка со Универзитетите го започнавме и на ист начин ќе го завршиме Законот за високото образование, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, пред почетокот на 4-тата јавна дебата, што денес се одржа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Министерката уште еднаш нагласи дека сè што работната група смета дека е прифатливо, ќе биде инкорпорирано во новата драфт верзија на Законот, која потоа повторно ќе биде поставена неколку дена на ЕНЕР.
– Последниве денови се изнаслушавме дезинформации и лаги дека се укинува вонредното студирање, дека државата не финансира објавување на научно-истражувачки трудови и други. Лагите и дезинформациите, претпоставувам, треба да бидат на штета на министерот или на партијата, но во суштина се на штета на државата и на младите луѓе кои живеат во неа и апелирам дека треба да се престане со тоа, затоа што сме отворени за секоја конструктивна критика. И сè што сметаме дека е во ред, ќе биде внесено во законот, додаде Јаневска.
За дебатата со приватните универзитети, министерката рече дека била конструктивна и дека се договориле речиси за сè.
– Јас сум многу среќна што приватните универзитети реагираа на високо ниво. Се договоривме со нив, кога ќе го завршуваме законот, дополнително уште еднаш ќе се видиме, за да провериме дали е сè во ред и ќе ја затвориме тогаш последната драфт верзија, рече Јаневска.
Прашана за можноста за бесплатно високо образование, Јаневска објасни дека сите категории студенти што треба да го имаат, веќе го имаат.
– Накусо, студентите кои се без родители, од самохрани и еднородителски семејства, со попреченост и сл., со овој закон се ослободени од партиципација. Студентите кои се од ранливи категории, со ниски примања, добиваат стипендии. Што значи 2 месеци од стипендијата што ја примаат 9 месеци, им ги покрива трошоците за студирање. Студентиве од истиве категории, кои се сместени во студентските домови, исто така се максимално повластени. Нашите студенти, само ако се запишат на универзитет, добиваат средства за студентски оброк, изјави Јаневска.

