Македонија
Нов колективен договор за вработените во одбраната и Армијата до крајот на годината
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска, имаше средба со претставници на Независниот синдикат на одбраната, на која беше постигната согласност до крајот на годината да биде потпишан нов колективен договор, со кој ќе се унапредат правата на вработените во одбраната и Армијата.
Ова е продолжение на успешната соработка на министерката Петровска со синдикатите во одбраната, која досега резултираше со измени на Законот за служба во Армијата со кои се воведоа повисоки плати, се зголемија месечните приходи со исплата на месечна станарина се унапреди статусот на припадниците на Армијата, се воведе отпремнина за професионалните војници со навршени 45 години, подобри услови за пензионирање и низа други поволности за припадниците на Армијата, се наведува во официјалното соопштение.
Додаваат дека соработката на министерката со синдикатите по донесувањето на овој закон продолжи со несмалено темпо, што доведе до изготвување нов закон за вработените во одбраната, со кој се воведуваат низа поволности и за административните службеници и за сите категории на вработени во Министерството за одбрана.
Претседателот на Независниот синдикат на одбраната, Ванчо Исајов, го поздрави процесoт на донесување на Законот за вработени во одбраната, кој во моментот се наоѓа во собраниска процедура.
Од страна на претставниците на Независниот синдикат во одбраната, денеска, на Петровска ѝ беше врачена благодарница за успешната соработка и за нејзината поддршка за унапредување на положбата на вработените во одбраната и Армијата.
Петровска, како што известуваат од нејзиниот кабинет, продолжува со редовни состаноци и консултации со синдикатите во одбраната и безбедноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од улицата Леринска лоцирани околу број 3, општина Карпош.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни попладне
Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 l/m² за 24 часа) со услови за појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 14 до 18 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни попладне. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник во претпладневните часови ќе има локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, вдолж Повардарието засилен северен ветер. Потоа до крајот на неделата времето ќе биде стабилно и суво со пониски утрински температури.

