Македонија
Нов кружен тек кон Градските гробишта во Бутел и изградба на мегапаркот што го вети, а не го изгради Арсовска, вети Ѓорѓиевски
Кружен тек на крстосницата на улиците Бутелска и Александар Урдаревски, мегапарк кај булеварот Христијан Тодоровски Карпош каде што исто така мегапарк парк ветуваше и Данела Аросвска, зелени зони и пешачки и велосипедски патеки покрај Серава и реконструкција на улици се денешните ветувања на кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски. Тој денес заедно со кандидатот за градоначалник на Бутел од ВМРО-ДПМНЕ кој бара втор мандат од граѓаните, Дарко Костовски, направи прес-конеренција на местото каде што го планира новиот кружен тек кон Градските гробишта.

Со нов кружен тек Ѓорѓиевски ќе го намалува хаосот на крстосницата на Бутелска и Алекандар Урдаревски
„Денес сме во Општина Бутел на крстосницата на улиците Бутелска и Алкесандар Урдаревски каде што планираме изградба на кружен тек. Кружниот тек што ќе се изгради овде ќе значи крај на хаосот во сообраќајот и значително намалување на сообраќајните несреќи. Оваа точка е една од најфреквентните во Бутел бидејќи улицата Александар Урдаревски е правец кој секојдневно го користат илјадници граѓани, особено поради близината до Градските гробишта“, рече Ѓорѓиесвки.
Новиот кружен тек кон гробиштата Ѓорѓиевски кажа дека е дел од пошироката стратегија за зголемена безбедност и уреденост во сообраќајот во целиот главен град кој предвидува преку редизајн на 50 критични крстосници и улици, Скопје да се движи кон целта на нула фатални несреќи до 2030 година.

Серава ќе се уреди со пешачки и велосипедски патеки, автохтона вегетација и јавни содржини, рече Ѓорѓиевски
Паралелно со новиот кружен тек, Ѓорѓиевски најави и целосна реконструкција на улиците Бутелска и Радишанска на потегот од Расадник Бутел со населбата Радишани.
„Ќе се постави нов асфалт, ќе има подобрена дренажа, пешачки патеки, улично осветлување според најсоверемени стандарди. Особено важно е што пред реконструкцијата ќе градиме атмосферска канализација со што конечно ќе се реши долгогодишниот проблем со поплавите при поројни дождови“, најави Ѓорѓиевски.
Освен планираните интервенции на сообраќајниците во Бутел Ѓорѓевски потсети дека пристапот до оваа општина значително ќе се олесни со изградбата на првата аза од булеварот Хрватска во Гази Баба, и додавањето трета лента на Цветан Димов во Чаир.
Ѓорѓиевски на бутелчани им вети и нови зелени површини.
„Развојот на Бутел не го гледаме само низ призма на сообраќајот туку и низ создавање на урбани и зелени јавни простори. Сакам да најавам дека во план е изградба на мегапарк долж булеварот Христијан Тодоровски Карпош. Овој простор кој со години беше запуштен ќе се претвори во уреден, функционален и модерен парк со зелени површини детски игралишта, фитнес зони и пешачки патеки. Со тоа Бутел конечно ќе добие современа рекреативна зона, место за одмор и дружење за сите генерации. Меѓу најзначајните и долгорочни проекти се издвојува рекултивациија на реката Серава и воспоставување зелени коридори по нејзината должина. Со оваа интервенција ќе се обнови целиот појас, ќе се уреди со пешачки и велосипедски патеки, автохтона вегетација и јавни содржини. Серава ќе стане чиста, безбедна и достапна зона што ќе го подобри квалитетот на живот на жителите во Бутел и на цел град Скопје“, рече Ѓорѓиевски.
Градоначалникот Костовски, пак, наброја што се сработил во изминативе четири години и кажа дека реализацијата на програмата од минатите избори е доволен гарант за граѓаните дека ќе го направи и она што го ветува во вториот мандат.
„Со одговорност тврдам дека 90 отсто од мојата предизборна програма, фала му на Бога, е реализирана“, рече градоначалникот Костовски.
Тој за вториот мандат најави два историски моменти за Бутел кои се веќе договорени, изградбата на првата поликлиника во општината и обезбедувањето градска вода за Љубанци и Љуботен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ некогаш беше државтворна партија, а сега се занимава со трач муабети, реагира движењето ЗНАМ
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија реагираше на, како што наведуваат, обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека партијата „бега од одговорност со навреди, етикетирања и лични дискредитации“.
Во реакцијата, од ЗНАМ наведуваат дека СДСМ, наместо да понуди аргументи и одговори за кономската и институционалната состојба во државата, се занимава со „озборувања“ и „трач муабети“.
Партијата оценува дека СДСМ, која некогаш беше државотворна партија, денес е сведена на фабрика за навреди, конструкции и политички отров, како и дека со улична реторика покажува нервоза и очај.
Од ЗНАМ нагласуваат дека движењето не е ничја квислиншка група, туку автентична политичка сила создадена од граѓани разочарани од владеењето на СДСМ.
Во реакцијата се споменува и периодот на владеење на Зоран Заев, при што се изнесуваат критики за, како што наведуваат, националните политики и управувањето со државата. Се споменува и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, при што се посочуваат, како што стои во реакцијата, контроверзии и сомнежи за тендери и набавки.
„Политиките на Зоран Заев останаа запаметени како период во кој националните интереси се ставаа на распродажба без јасен консензус и без чувство за државничка мерка. Со рачето на срце се промовираше како чесен и достоинствен, а всушност државата ја претвори во сопствен приватен бизнис. Симболиката на „едно евро за Вицето, едно за црквата“, беше само дел што нештото го докажува. Ги распродадоа македонските национални позиции на ангро, без јасна стратегија и без поддршка, ја разнишаа довербата во институциите и ја продлабочија поделбата во општеството. И по сето тоа, истите тие кругови, истото тоа раководство, се обидуваат да зборуваат за морал и одговорност, како граѓаните да немаат паметење. Во периодот кога со здравството раководеше Венко Филипче, јавноста беше сведок на низа контроверзии, сомнежи за тендери, набавки и прашања на кои никогаш не доби целосни и транспарентни одговори. Златни визи, сомнителни бизнис релации и повластени шеми, сето тоа се случуваше во време кога СДСМ ветуваше „живот за сите“, а испорача привилегии за малкумина“, велат од ЗНАМ.
Од ЗНАМ дополнително оценуваат дека опседнатоста на СДСМ со наративи за т.н. ‘српски свет’ и со случувањата во соседна држава и нивната постојана потреба да отвораат фронтови и да се караат со сите, од политички партии до новинарие прашање што партијата треба да го решава во сопствени рамки.
Македонија
Нова опрема за анализа на тешки метали во почвата во Државната лабораторија за животна средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска ја посети Централната лабораторија при Министерството, каде најави системско и координирано решавање на сите институционални предизвици.
Тој нагласи дека модерна и функционална Централна лабораторија претставува темел на ефикасната заштита на животната средина и гаранција за точни и навремени податоци во интерес на јавното здравје. Целта е да се обезбедат стабилни услови за работа и долгорочно унапредување на капацитетите.
Во рамки на посетата беше нагласено дека Лабораторијата успешно ја обнови акредитацијата за наредните четири години за вкупно 20 методи, од кои една за мерење на амбиентална бучава и 19 за индустриски отпадни води и за површински води. Она што следува е забрзување на процесот на акредитација на методите за мерење на загадувањето на воздухот од стационарни извори.
Дополнително,во рамки на посетата беше презентиран новиот ICP-MS инструмент, кој овозможува анализа на тешки метали во почва, вода и воздух и со кој значително ќе се унапредат аналитичките капацитети на Државната лабораторија за животна средина.
Македонија
Уставниот суд: Нема постапка за пензиите, запрена за Кривичниот законик
По 5. седница на Уставниот суд, претседателот Дарко Костадиновски и судијата проф. Осман Кадриу информираа за одлуките по предмети од поголем јавен интерес.
Судот не поведе постапка за оценување на одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на исплата на пензиите во земјата.
Подносители на иницијативите се Игорчо Точев, Љубомир Сандевски, Темелко Ристески и Кире Батев.
Претседателот Костадиновски изјави дека мнозинството судии оценило оти пензионерите кои ја примаат пензијата во државата и оние што ја примаат надвор од неа се во иста правна, но не и во иста фактичка состојба. Според него, за повреда на членот 9 од Уставот, кој се однесува на еднаквоста, потребно е субјектите да бидат во иста правна и фактичка положба, што во овој случај не е исполнето.
Тој посочи дека мерката има социјален карактер и легитимна цел – ублажување на последиците од растот на трошоците и инфлацијата. Додаде дека по истекот на времените услови утврдени со мерката, се враќа редовното законско усогласување на пензиите, кое важи и за лицата што не живеат во земјата.
Судијата-известител Осман Кадриу изјави дека предложил да се поведе постапка, но не добил мнозинство гласови. Тој оцени дека со оспорените одредби се врши дискриминација врз пензионерите кои живеат надвор од државата и дека им се ускратуваат правата на зголемување и усогласување на пензиите.
Во однос на предметите У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023, кои се однесуваат на измените на Кривичниот законик, Судот ја запре постапката, оценувајќи дали Законодавецот постапил согласно насоките од претходното решение со кое беше поведена постапка.
Мнозинството судии констатирале оти во формален аспект Законот е донесен согласно процедурите. Во однос на материјалната уставност, дел од судиите сметале дека новото решение не е идеално, но е подобро од претходното.
Тој нагласи дека евентуално поведување нова постапка и укинување на законот би создало правен вакуум и правна празнина во санкционирањето на злоупотребите на јавни средства, поради што мнозинството одлучило да ја запре постапката, водејќи се од принципите на правна сигурност и предвидливост.
Судијата Кадриу изјави дека гласал против запирањето на постапката, наведувајќи дека, иако Законодавецот ја испочитувал формалната процедура, не постапил целосно по одлуката на Уставниот суд во материјалниот дел.

