Македонија
Нов министер за здравство ќе има следната недела, таа позиција останува во „Вреди“, вели Мицкоски

Владините коалиционери се договориле до крајот на оваа недела да се дефинираат кадровските решенија по излегувањето на Арбен Таравари од Алијансата за Албанците од Владата и од коалицијата „Вреди“. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека предлогот за нов министер за здравство ќе биде доставен до Собранието следната недела.
„Тоа портфолио останува во рамките на коалицијата ‘Вреди’. Очекувам во текот на следната недела да имаме предлог. Ние вчера, по владината седница, имавме коалициска координација. Разговараме за она што нè очекува во периодот што е пред нас, така што како краен рок го дадовме крајот на оваа недела за да ги дефинираме кадровските решенија и веќе да може в понеделник или во вторник јас да ги доставам до пратениците во Собранието“, рече премиерот Мицкоски денес по увидот во градежните работи за реконструкција на Гинеколошко-акушерската клиника во Клиничкиот центар во Скопје.
Иако рече дека позицијата министер за здравство останува во „Вреди“, премиерот Мицкоски нагласи дека како претседател на Владата има право да каже „не“ за евентуален предлог на личност со која не би можел да соработува.
Откога стана извесна оставката на Таравари, лидерот на Беса, Билал Касами, кој е дел од владината коалиција, рече дека не е исклучена можноста за менување ресори со ВМРО-ДПМНЕ, односно дека е можно „Вреди“ да го преземе ресорот образование, а да го отстапи здравството поради што, неофицијално, актуелната министерка за образование Весна Јаневска се спомнуваше како кандидат за министерка за здравство. Таа рече дека има уште многу работа во ресорот образование и потсети дека одлуките за состав на Владата ги носи премиерот и дека таа ќе оди онаму каде што премиерот ќе одлучи дека ѝ треба на државата. Освен неа, како можен министер за здравство, неофицијално, беше споменат и актуелниот директор на Фондот за здравство, Сашо Клековски. Тој изјави дека доколку му боде предложено, ќе прифати да биде министер за здравство, но доколку се обезбеди соодветна замена за него во Фондот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Грета Тунберг по Тетово стигна во Скопје, ќе дискутира за империјализмот и ќе протестира за спас на Дошница

Еко-активистката Грета Тунберг преку видео-обраќање на Инстаграм соопшти дека се наоѓа во Скопје и дека ќе учествува на неколку настани поврзани со социјални и еколошки прашања во Македонија.
Таа најави присуство на јавната дискусија што ќе се одржи во Социјалниот центар „Дуња“ под наслов „Стоп за воената машинерија: Борбата против империјализмот и капиталистичките војни“.
Во обраќањето, Тунберг додаде и дека ќе се приклучи на протестната блокада за спас на реката Дошница на планината Кожуф, која е најавена за утре.
View this post on Instagram
Таа истакна дека настаните во Газа не се изолирани од климатската криза, а според неа, тоа е истиот насилен систем изграден врз експлоатација, окупација и профит над животот.
Активистката ја спомена и одлуката на македонскиот парламент, кој вчера гласаше против испраќање хуманитарна помош во Газа, додавајќи: „Мора да застенеме солидарно, да се поврземе и да се спротивставиме заедно“.
Грета вчера беше во Тетово, каде што ја посети новата локација на Општествено-културниот центар, која се уредува со заеднички волонтерски ангажман и поддршка од меѓународни партнери. Пред да пристигне во Македонија, Тунберг учествуваше на протест во Тирана, каде што повика на итен прекин на израелската опсада врз Газа и остро ја осуди.
Македонија
Поради летните одмори на Табановце се чека околу 40 минути, а на Богородица околу 20

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила на ГП Табановце времето на чекање за влез во државата е околу 40 минути, на ГП Богородица за излез времето на чекање е околу 20 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
ЗАБРАНА ЗА ТЕШКИ ТОВАРНИ ВОЗИЛА
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури. Термините се следни:
петок од 17:00 – 22:00 часот,
сабота од 09:00 до 18:00 часот и
недела од 09:00 до 22:00 часот.
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забранaта ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Од недела промена на времето, метеоролозите највуваат пороен дожд и грмежи

Времето утре ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 22, а максималната ќе достигне од 36 до 43 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло, попладне со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 43 степени.
Во недела и во првата половина од следната седмица ќе има промена на временската состојба. Во попладневните часови ќе има услови за локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи, јавува УХМР. Ветерот ќе го промени правецот во северен, а дневната температурата ќе биде во опаѓање.