Македонија
Нов министер, стари приоритети: И Меџити ќе го средува хаосот од возила на комплексот клиники, а има план и за новиот клинички центар
Една недела по преземањето на функцијата министер за здравство, неврологот Фатмир Меџити ги соопшти приоритетите. И тој како и сите негови претходници ветува дека прво што ќе направи, ќе биде да најде решение за хаосот од возила во Клиничкиот центар. Второ на листата со приоритети му е ажурирање на позитивната листа на лекови оти не е обновена повеќе од десет години. Трет приоритет во неговата програма е зголемување на платите на здравствените работници за пациентите да добијат квалитетно лекување, а како многу битно прашање за решавање министерот Меџити ги наведе и новиот клинички центар и регионализацијата на болниците за што вели дека има детаљни проекти.
„Во нашата програма наш приоритет, прво, ќе биде да го решиме сообраќајниот хаос во Клиничкиот центар. Се консултираме со сите институции, со сите засегнати страни и размислуваме тоа да го решиме во најбрз можен рок. Второ, да ја ажурираме промената на позитивната листа, која не е ажурирана над 10 години. Трето и многу битно, пациентите секогаш да ги добијат најдобрите, најквалитетни, најиновативни аспекти во третманот на лекување и ќе направиме напори со сите институции, со Фондот за здравствено осигурување, Министерството за труд и социјала, Министерството за финансии и со поддршката од премиерот да можеме да им ги зголемиме платите на здравствените работници. Јас доаѓам од фелата на лекарите во Клиничкиот центар, многу е битно ние да можеме да направиме нов ургентен, интернистички тријажен центар. Другото многу битно прашање, кое долго време се поставува во државата, а кое е од голема итност и треба убаво да размислиме и да го продолжиме проектот за нов клинички центар и да направиме регионализација на сите болници во државата. И за регионализацијата и за клиничкиот центар имаме детален проект во програмата како ќе се одвиваат работите понатаму“, најави министерот Меџити.
За зголемување на платите на здравствените работници, новиот министер Меџити е оптимист и вели дека мора да се најде заедничко решение мартовската плата што ќе ја земат во април да биде со зголемување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

