Македонија
(Видео) Нов обид да се постигне компромис за законот за Јавно обвинителство
Започна работната средба за законот за Јавно обвинителство на парламентарните групи по одржаната дводневна јавна расправа во парламентот. На средбата треба да се разгледаат забелешките кои ги дадоа правните експерти, по што се очекува законот по скратена постапка да влезе во собраниска процедура.
На состанокот во Собранието се присутни претставници од сите партии – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса за албанците, Беса, како и независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
Неизвесно е каков ќе биде исходот и дали ќе има договор, по реакцијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која минатиот пат ја напушти средбата, со образложение дека не им било исполнето барањето присутен да биде и обвинителот Љубомир Јовески. Сепак, опозицијата не беше до крај доследна на својот услов и на јавната расправа, откако се појави обвинителот, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со транспарент од галеријата се обидоа да го блокираат говорот на Јовески. Но, како што најави власта, ако опозицијата не даде зелено светло, за законот ќе се бара 2/3 мнозинство со кое би бил донесен до распуштањето на Собранието.
„Добро би било законот за Јавното обвинителство да се донесе пред распуштање на Собранието и на тој начин да ѝ помогнеме на државата“, порача вчера претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претежно облачно, попладне и кон крајот на денот повремен дожд
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Магла на неколку патни правци, слаб снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 100 метри, Стража до 80 метри и кај Крушево до 30 метри, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Силен земојтрес почувствуван во Македонија
Силен земјотрес беше почувствуван вечерва во 22:05 часот во Македонија.
Според информациите на ЕМСЦ, потресот бил регистриран во Косово, на 15 километри од Тетово, со магнутуда од 4,6 степени.
Земјотресот бил на длабочина од 5 километри.
Засега нема информации за штети.

