Македонија
Нов протестен марш против труењето кучиња

Нов протестен марш против труењето кучиња ќе се одржи денеска. Група граѓани, неофицијално здружени под името „Шепасти ентузијасти“, најавуваат дека ќе излезат на улица за да побараат од институциите да ги применуваат законите што ги штитат правата на животните, но и да преземат одговорност за непостапување по однос на службена должност.
Протестниот марш ќе почне во 18 часот од Собранието по што ќе продолжи кон Владата.
Тие бараат МВР веднаш да излезе на терен да собира докази и по службена должност да ги достави на испитување во одделот за криминалистичка техника и судска медицина. Потоа, судска медицина да изврши аутопсии (некропсии) на труповите, а Обвинителството да поведе обвинителен акт.
Покрај ова, бараат здружен инспекциски надзор од Агенцијата за храна и ветеринарство и Инспекторат за земјоделство (во чија надлежност е контрола на промет на опасни супстанции), како и Државниот инспекторат за животна средина, кој ќе констатира опасност за животната средина, Инспекторат за здравство, кој ќе констатира опасност за здравјето и безбедноста на граѓаните. Исто така, се бара инспекторатите да достават соодветни решенија до МВР со лица што набавиле такви супстанции неодамна и/или да ги казни аптеките и да им изрече привремена забрана за вршење дејност ако тие супстанции ги издале без соодветни процедури.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Вреди“: Посакуваме Бектеши да ја докаже невиноста, не сакаме ниту еден Албанец да биде одговорен за Кочани

Коалицијата „Вреди“ посакува ексминистерот за економија од редовите на ДУИ, Крешник Бектеши да ја докаже својата невиност во случајот со лиценцата за дискотеката „Пулс“ во Кочани, без оглед на ривалството со Интегративците.
„Без разлика што сме лути политички противници, не сакаме ниту еден Албанец да биде одговорен за трагедијата во Кочани. Но, за тоа одлучуваат правосудните органи, а не политичките чинители“, велат од „Вреди“.
Понатаму додаваат дека ДУИ веќе се претвориле во партија чија единствена идеологија е одбрана на своите поранешни функционери. За таа нивна цел, како што додаваат, се подготвени да ги бојкотираат локалните избори и да се обидат да предизвикаат политичка криза.
„Кога ДУИ зборува за систем, треба да одговори на што точно мисли. На системот кој нивниот режим го создаваше 22 години, додека беа дел од сите Влади на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ? На Јавното Обвинителство на Ислам Абази? На бегалците од правдата Артан Груби и Прпарим Бајрами? На системот на владеење кој од голобради функционерчиња на ДУИ направи милионери на грбот на Албанците? На системот во кој имаше селективна одговорност за трагедиите со модуларната болница во Тетово, Ласкарци, Беса транс?“, се додава во соопштението на коалицијата на албанските партии која е дел од владејачката гарнитура.
Понатаму заклучуваат и дека колку и да се препелка ДУИ, колку и лажно да се претставуваат како фактор меѓу Албанците, политичкиот крај на ова нивно корумпирано раководство пристигнува.
Македонија
Обезбедувачот на Мицкоски за 50.000 евра оддавал службени тајни, приведен е

За 50.000 евра откривал полициски службени тајни од истрага. Припадникот на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски е во притвор.
Од Обвинителството објавија дека се гони за Оддавање службена тајна. Вечерта на 30 март, на паркин пред хотел во Велес, се сретнал со сведок во постапка и му покажал службени документи на МВР, што претставуваат службена тајна.
Обезбедувачот му дозволил на сведокот и да ги снима документите, а и му кажувал кој документ на што се однесува.
Обвинителството побара притвор во траење од 30 дена, што беше прифатено од страна на судот.
За ова кривично дело предвидена е затворска казна од најмалку една година.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција укажува дека ниту лицата, ниту документите во овој предмет, не се поврзани со лицата и групата од Грчец, како што во текот на вчерашниот и денешниот ден објавија дел од медиумите.
Македонија
Кочани доби ново амбулантно возило – донација од компании

Донирано е амбулантно возило за општата болница во Кочани од страна на приватни компании.
Амбулантното возило е донација на „Аутомотив груп“, „Соникс“ и „Шпаркасе“.
На примопредавањето присуствуваше генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓија Сајкоски, кој им се заблагодари на компаниите за донацијата.
„Ги повикувам и сите општествено одговорни компании, кои што сакаат да помогнат да донираат, отворени сме за соработка и да помогнеме и на Општата болница – Кочани, меѓутоа да помогнеме и на цел регион“, порача тој.
Приватни компании интензивно се вклучија со донации по трагедијата во Кочани во која загинаа 59 млади луѓе, а бргу потоа почина и возачот на Брзата помош од тој град кој во текот на целата вечер и утредента носел повредени со амбулантното возило до Скопје и назад, според сведочењата, 11 пати.
Неодамна компанијата „Алкалоид“ најави дека ќе ја покрие стипендијата за студии на младиот Јован Костадинов кој спаси 21 живот во опожарената дискотека „Пулс“, со што стана лицето на хероите во трагедијата.